Девет пива

20.09.2013 05:50
Девет пива

Таа девојка, да речеме, беше згодна. Имаше сосема солидни гради, добар струк под нив и интересна уста. Тоа беше устата на Орнела Мути во крупен кадар. И тука сличноста со Орнела Мути завршува.

Меѓутоа, имаше ситни очи, очи кои на ништо не се задржуваа долго. Ги облетуваа своите невротични вртлози, како и нејзините гласно изговорени мисли. На главата имаше многу ситни, неуредни локни кои воопшто не изгледаа природно. Под косата ѝ стрчеа големи обетки, некаков надреален сребрен грозд што ѕвечкаше секојпат кога ќе се помрднеше. Тие обетки ретко имаа шанса да ѕвечкаат, бидејќи седеше исправено, во некоја вкочанета поза, која беше лажна како нејзините локни. Не, ниту малку не ми се допаѓаше. И тука немаше никакви илузии дека баш таа би можела да ми биде од помош. Ми беше далечна и туѓа, непривлечна како штурите статии за поларните истражувачи, длабоко под мразот. И таму нешто живее и мрда, размислував оптегната на лажната кожа во кафулето, и таму природата веројатно има некои свои необјаснети мотиви, но кому тоа воопшто му е од помош?

Зборуваше за нејзиниот маж, некој пропаднат глумец, кој држи дуќан за хамбургери. И кој свирепо ја изневерува. И како таа не е љубоморна, но едноставно не разбира зошто тој го прави тоа. Потоа повторно сркнуваше од кафето и ја грицкаше својата привлечна уста.

Имаше онаков вид нокти од кои се плашев, налик на птичји. Нејзината маникирана канџичка ни за миг не ја испушташе шолјата. Шолјата беше потпирач, поткрепа. Понекогаш ги ставаше двете раце на неа, како да се обидуваше да се згрее на нешто што одамна се оладило.

-Би требало некогаш на раат да разговараме за тоа – реков.

Всушност, ништо не сакав да знам за нејзиниот маж, за нејзиниот живот, за доаѓањето од провинција во овој град, за количеството пот што го исфрла од себе на аеробик обидувајќи се да се претвори во секс- бомба. Би можела да се заколнам дека му ги глуми оргазмите на тој неталентиран глумец, кој никогаш не разбира ништо зашто и онака мисли на средношколките кои наутро купуваат хамбургери, вртејќи се во своите прешироки маици.

А тогаш ѝ го предложив тоа. Тоа за неодложната потреба еднаш на раат да се изнамуабетиме. Во мојот стан.

-Што пиеш? – ја прашав.

И тогаш конечно беше искрена:

-Купи пиво – рече. Девет пива за мене.

Не ни трепнав.

Девет пива за неа, плус шише бело вино за мене, сето тоа веќе беше оладено во фрижидерот кога затропа.

За малку не припаднав од таа глетка. Во мигот кога ја видов на вратата, нагло и необјасниво помислив на толку многу работи, одеднаш. На мајка ми. На мајката на мојата мајка. На уредните миризливи ормани во кои ја чуваат постелнината, долната облека, теглите, резервите храна, помислив на своите песни, на фактот дека некогаш свирев на клавир, одев во музеи, шепотев во присуство на мермерот, шетав по планинските рамнинки, им носев цвеќиња и бонбониери на пријателите во неделните попладниња, им помагав да ги избањаат и и да ги заспијат децата. А тогаш повторно бев тука, пред отворената врата, низ која влегуваше потскапаниот здив на доцната есен. Некој некаде го запалил својот прв зимски оган и не се надева на ништо добро. Едноставно, седи крај огнот, со рацете на лицето и крвотокот бавен до бесмисла.

-Може ли да влезам?

Секако, таа вечер нејзина боја беше црната. Најтесните панталони кои можат да се замислат имаа по страните нешто налик на пруги од чипка. Иста таква црна чипка се наоѓаше на местото предвидено за блуза и не сокриваше ништо. Над сѐ, како извлечен од некој театарски декор, носеше вистински машки фрак. Високи, високи штикли и оние исти гломазни, ѕвечкачки обетки. Она што сепак ме охрабри беше нејзиниот парфем. Добар, возбудлив. Сѐ е многу полесно кога нешто мириса добро.

Се поместив настрана да ги пуштам тие чипки и тој парфем. И таа се доближи.

Првите две пива ги испи разгледувајќи ги полиците, книгите, колекцијата со месингани желки.

Третото пиво направи фракот да биде излишен.

Четвртото ги оттурна чевлите, ѝ ги свитка нозете под малечкото, испрчено газе и ја смести во ќошот на креветот.

Петтото го пиеше од шише, концентрирајќи се на движењето со кое нејзината друга рака, без многу погрешно талкање, требаше да стигне до чинијата со кикирики. Седев во фотелјата крај неа и го пиев своето бело вино. Веќе беше млако, но не ми беше важно. Ако веќе не сум на некој сплав на река и ако не го пијам со сода и пладневно сонце на темето, тогаш воопшто и не е важно. Може да помине и млако.

Без престан ги вадеше и повторно ги ставаше тие свои обетки и за тоа време зборуваше за мажот ѝ кој ја изневерува:

-Понекогаш ќе се појави дури наутро. Побеснувам чекајќи. Решавам сешто да му кажам. И тогаш тој влегува, ме погледнува на некој сосема посебен начин и јас веќе не сум во состојба да кажам ништо.

-Добро е кога некој умее да нѐ погледне. Мислам, ретко кој го прави тоа.

Размислуваше за тоа некое време, средувајќи го шестото пиво. Речениците почнаа да ѝ стануваат бавни. Зборуваше, со главата зафрлена на перницата, зборуваше како оние луѓе кои никогаш не ви поставуваат никакви лични прашања. А сепак, можете да бидете сто посто сигурни дека тука не се работи за никаков промислен обѕир. Нешто друго ги спречува овие луѓе да прашуваат, некоја друга, поужасна причина, некаков страв од сознание, од вистинска комуникација, некаква тажна невозможност да го сослушаат одговорот, да одглумат кимање со главата над туѓата досадна приказна. Бидејќи сите приказни беа подеднакво безнадежни, подеднакво неупотребливи во сопствениот живот.

И така таа речиси ништо не ме праша, па главно јас ја слушав како зборува и гледав како понекогаш врвовите од брадавиците ѝ се пробиваат низ црната чипка.

-Животот е одвратен - заклучи, сама отворајќи го седмото пиво. – Нè тера да почнеме да го чувствуваме она што всушност и не го сакаме. До неодамна мислев дека ги мразам сите жени, зашто маж ми веројатно би сакал сите да ги однесе во кревет, само кога би му се дала шанса. И со тебе веројатно би се обидел. Го знам јас него. Би се обидел.

-Можеш да бидеш мирна - реков. Никогаш нема да одам во кревет со твојот маж.

-Не е во тоа работата! Еден момент решив да престанам да ги мразам. Разбираш? Не сакам да бидеш мој непријател, моја соперничка, ни ти, ни која било друга жена. Едноставно, одбивам да те мразам само затоа што тој веројатно би сакал да те изебе.

-Тоа е добро, не те мразам ни јас тебе. И нема да се ебам со твојот маж. Можеш да бидеш сигурна во тоа.

Иако мижеше, изгледаше дека сѐ уште ме слуша, а нејзината рака, обесена на креветот, знаеше дека тука некаде, на подот, се наоѓа нејзиното осмо. Со ногата го поттурнав пивото накај неа, до толку можев да направам. Едвај се разбираше тоа што го шепотеше:

-Гледаш, јас имам убава уста и убави гради. И за што тоа сега воопшто служи?
-Тоа за устата, гледам...

-Еве, види ми ги и градите.

Некако потстана и го направи тоа движење. Блузата летна на подот меѓу празните пивски шишиња.

-Навистина – реков – навистина имаш убави гради.

Тогаш, како тоа да беше сосема очекувано, ги соблече своите тесни панталони, едноставно се извлече од нив и продолжи да го пие своето осмо пиво. Сѐ што имаше на себе беа гаќичките, секако црни и секако чипкани. Бев мирна како моите месингани желки на полицата и исто толку бавна. Ја зеде мојата рака и почна полека да ја влече кон себе:

-Слободно допри ми ги градите... еве... овде... објасни ми што не е во ред со мене.

Одеднаш ми се причини дека ова овде и не е возрасна жена, туку некое напуштено, патетично дете. Како кога се обидувате да заспиете болно животно, така минував со дланките по нејзините брадавици:

-Убава си. Сѐ е во ред со тебе. Нема потреба да бидеш тажна.

Седнав на креветот и ѝ ја нишкав главата. Ми изгледаше како да ѝ годи тоа. Се смееше, потоа плачеше, па пак се смееше, зборуваше некои неповрзани и неразбирливи реченици, бараше да ја гушнам и да не ја пуштам и јас со двете раце ги лулав нејзините раменици и главата. Косата ѝ мирисаше на парфемот, на чад од цигари, малку и на хамбургери. Рече дека најрадо би умрела сега, тука, додека ја држам, бидејќи никој никогаш порано не бил добар со неа, ниту со нејзините гради. И јас продолжив да бидам добра со нејзините гради, како да се тоа градите на мојата мајка, чијшто вкус го заборавив, како да се тоа градите на Дева Марија, како да се тоа абоносовите гради на Леонардовите мадони, како да се култните силиконски гради на Бригит Нилсен, како да се тешките топли гради на Лаура Антонели, бев онолку добра колку што едно залудно човечко суштество може да биде добро со друго залудно човечко суштество. И тоа изгледа делуваше, бидејќи таа ја вовлече раката во чипканите гаќички и работеше таму некое време, мрморејќи неразбирливи зборови. Потоа главата ѝ падна на моето рамо, раката се смири и остана под ластикот.

Малку подоцна, додека повторно во фотелјата го довршував своето вино, таа се облекуваше молчејќи, по обратен редослед: панталоните, блузата, чевлите, фракот, обетките. Но, ништо повеќе на неа не изгледаше како претходно. Повеќе личеше на некое девојче, во ноќен воз, во купе, на некое страшно долго и исцрпувачко патување. Како минувајќи низ ходникот на тој воз, да сум ја видела за миг во валканото стакло, како само накратко да ми се појавила нејзината глава, падната, потпрена на завесата, како да сум помислила „Зошто, по ѓаволите, ова дете уште не спие?“ и како во следниот вагон веќе да сум ја заборавила. Ете така изгледаше.

Но, едно беше сигурно: точно си ја знаеше мерката. Нејзиното деветто пиво, ладно, наградно, како од некој друг, проветрен свет, чекаше на неа во фрижидерот. Го испиваше додека ѝ викав такси, а грбот повторно ѝ ја заземаше онаа вкочанета положба.

Сѐ се враќаше по старо. Луѓето продолжија да си бидат туѓи и смешни еден на друг, во автобусите, во кафаните, во креветите, луѓето продолжија да молчат, да бидат несигурни, да се плашат, да се чувствуваат виновни, да плачат, да чекаат, да лежат потресени во мракот, склопчени како болни полжави.

Превод: Николина Андова
Слики: Александар Батлер

Јелена Ленголд (1959) поетеса, писателка. Родена е во Крушевац. Ги објавила поетските книги: Распад на ботаниката (1982), Вретено (1984), Поднебје на макот (1986), Минување на ангелот (19889), Сликички од животот на капелмајсторот (1991) и Бунар тешки зборови (2011), книгите раскази Накиснати лавови (1994), Лифт (1999), Панаѓурски магионичар (2008, 2009) и Пресечи ме (2009), како и романот Балтимор (2003, 2011). Прозата и поезијата на Јелена Ленголд се преведени на англиски, италијански, дански, француски, бугарски, романски, украински и чешки јазик. Живее во Белград.

Слични содржини

Квир / Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Квир / Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото