Цртичка за Милица Стојанова, за роденден

07.06.2015 12:44
Цртичка за Милица Стојанова, за роденден

Знам, државата се распаѓа, гори нејзиното стамено опстојување, општеството врие и гние... Но, ете, токму во вакви мигови имам потреба да бидам со луѓе кои знаеле како се врви патот и биле посветени да кажат и да ја осознаат својата мисија... кои имале љубов, искрена, некалкулантска, кон она што го создавале, кон она на што го посветиле својот животен век... кои додржале за да одржат едно парче од општеството...

Милица вели дека има многу мани, а јас потврдувам дека е така. Но секогаш знаела каде припаѓа и каде може најмногу да придонесе. Знаела за што ја бива а за што не.

Ми вели: „Мислам дека тоа е проблемот - сегде ве има, а всушност нигде ве нема... заталкани сте.“ Јас ѝ велам: „Времето е такво, Милице, нѐ заталкаа разно-разни божемни месии...“ Таа ми одговара: „Не, не признавам таква аргументација. Секое време нуди простор за заталканост. Застанете малку, потсетете се кај сте тргнале за да стигнете. Мора постојано да се потсетувате по кој пат сте сакале да врвите за да не се изгубите на мапата...“

Не знам што да кажам... дали има право... времето ќе покаже...

Ама едно знам: вреди да се биде покрај Милица сите овие години. Вреди расправањето, несогласувањето (па и согласувањето:) со неа. Таа го има оној дух кој сега недостига - дух за отворена полемика, без задршки... за креативно и проникнувачко разликување...

Таа ги познава слободата и единството на различностите... сите ликови кои поминале низ нејзиниот професионален век на сцената ја направиле еднакво отворена и внимателна... сѐ е можно кај неа - и трагедија и комедија и гротеска и фарса... да бидеме спремни, вели.

И сега, кога наполни 83 години, точно знае кој пат го врвела и низ кој пат сака и понатаму да врви. Еднаш, уште во 1998 година, запиша нешто за кое денес ми рече дека повторно истото би го запишала. Би сакала и јас, и сите ние да имаме ваква цврста животна одредница и идентификациска вертикала. Еве го епитифот на Милица Стојанова, тогаш и денес, на нејзиниот 83 роденден:

„Јас, таму, на гробишта, нема да бидам, дури и плоча да има врз мене... Барајте ме во тетатрите, на сцената, под рефлекторите, зад и пред кулисите, во гардеробите, меѓу шминките, периките, костимите разни... Потсетете се на ликовите - многуте што ви ги претставив, за размисла и вреднување што ви ги доверив... За покудата и пофалбата - еднакво БЛАГОДАРАМ! Значи, сме биле заедно. Таму младеев, зреев, стареев, остарев. Во мисла и чувство секогаш таму бев жива! Ако постои и втор живот, духот и сенката негови низ тие простори ќе скитаат. Нема да ви пречат, не прогонувајте ги, во името на Бога! Оставете поспокојно да си го одживеам барем тој, вториот живот! Живот на дух во својата сенка. Спокојно ќе си опстојуваат во своето непостоење. Да! Спокојно.“ (Милица Стојанова, родена на 06. 06. 1932.,го запишала својот епитаф на 17.09.1998.)

ОкоБоли главаВицФото