Дискриминаторска кампања на „Вечер“: Дискриминација има, одговорност нема!

29.06.2015 02:19
Дискриминаторска кампања на „Вечер“: Дискриминација има, одговорност нема!

Во претходната анализа, укажавме зошто КЗД утврди дека има дискриминација во еден медиумски прилог на ТВ „Сител“ во кој се тврдеше дека „на хомосексуалците им е потребна професионална и медицинска помош, наместо законска помош“. Сега ќе анализираме уште една „историска“ одлука на КЗД, донесена по цели две години непостапување за „повеќекратно и продолжено вознемирување“ во четири новинарски прилози објавени во „Вечер“ во периодот од 13-17.10.2012 г.

 

ПОРНОГРАФСКИ ФОТОГРАФИИ НА НАСЛОВНА СТРАНИЦА

 

На 13-14 октомври, 2012 г., „Вечер“, на насловната страница, објави две порнографски фотографии и текст со наслов „Геј-бракови во Македонија нема да има“. И во 2009 година „Вечер“ објавуваше порнографски фотографии, за што беше критикуван од „Советот на честа“ на ЗНМ за поттикнување на омраза:

Посочениот текст во весникот „Вечер“ и фотографииите со која е опремен е еклатантен пример како се поттикнува омраза кон одредена група која не е во мнозинство. Со употреба на порнографски елементи се испраќа пораката дека сите хомосексуалци се такви како тие на фотографијата и дека тоа е суштината која нив ги одредува. Таа фотографија е избрана за да поттикне омраза, гадење, таа го вперува прстот во хомосексуалците и сите кои се против нивната дискриминација како „луѓе од другата страна“ на моралот.

Притоа, беше забележано и дека „објавувањето на непристојни фотографии во дневен весник кој е во слободна продажба е сосема во спротивност со етичките норми на информативноо новинарство.“

Уште еден аргумент зошто порнографското претставување на геј-луѓето и на лезбијките претставува вознемирување и поттикнување на дискриминација врз основа на сексуалната ориентација е тоа што „Вечер“ не ги илустрира со порнографски фотографии написите на тема „бракови“. За поттикнувањето на дискриминација сведочат и многубројните дискриминаторски коментари кои тогаш беа објавени под статијата во електронското издание на „Вечер“.

За жал, КЗД не се впушти во анализа на објавените порнографски фотографии, туку укажа дека во текстот со наслов „Геј бракови нема да има“ (13-14.10.2012) „се објавени и изјави против ЛГБТ популацијата“:

Повеќе од очигледно е дека преку фотографиите и текстовите објавени во наведените броеви на дневниот весник Вечер се врши континуирано и повеќекратно вознемирување на цела група лица.

ВОЗНЕМИРУВАЊЕ, ПОНИЖУВАЊЕ И ПОВРЕДА НА ДОСТОИНСТВОТО НА ГРУПА НА ЛИЦА

КЗД утврди дека во текстот „Моми со кондоми“ „се изнесуваат ставови кои ги поддржуваат вкоренетите негативни стереотипи кон лицата со хомосексуална ориентација“ и дека истиот текст „хомосексуалните заедници во западниот свет ги поистоветува со полигамските заедници, со трговија со малолетни девојчиња исток-запад, како и со педофилија“.

Во следниот текст, со наднаслов „СОНК и пензионерите го поддржаа Министерството за труд“ и наслов „Сакаме внуци, а не педерлаци!“ КЗД утврди манипулација со насловот. Имено, КЗД утврди дека во текстот со наслов „Сакаме внуци, а не педерлаци“ никаде не стои таква изјава, „што посочува дека изборот на наслов е дело на авторот, а не произлезен од изјава на некој друг“. И во текстот „Децата посвоени од хомосексуални двојки се жртви на педофилија“ дневниот весник „Вечер“ продолжи да врши „континуирано и повеќекратно вознемирување на цела група лица“, како што утврди КЗД.

Според КЗД, „и самите текстови и изјавите во истите претставуваат вознемирување, понижување и повреда на достоинството на група на лица, кое произлегува од дискриминаторска основа. Истото има за цел или резултат повреда на достоинството или создавање на заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика за таа група лица.“

Текстовите во провладиниот „Вечер“ беа ударен дел од неколкунеделната провладина кампања против „хомосексуалните бракови“, а за „здрава нација“. Кампањата поттикнуваше на говор на омраза и на дискриминација, преку создавање на морална паника дека хомосексуалните двојки се главна причина за „рецесијата на наталитетот“.

Кампањата резултираше со психолошко насилство (бројни „хејтерски“ и дискриминаторски коментари, како и закани по живот објавени на електронското издание на весникот и на социјалните мрежи). Еден месец по започнувањето на кампањата започнаа и хомофобични напади, како што беше физичкиот напад врз активисти за ЛГБТ правата, на „Маршот за толеранција“.

 

ЗА ОДГОВОРНОСТА НА ГЛАВНАТА УРЕДНИЧКА НА „ВЕЧЕР“

 

Во објавеното мислење на официјалната веб-страница, КЗД посочува дека „Слободата на говорот не е неприкосновена слобода, во апсолутна смисла на зборот“ и дека „Истата е ограничена во цела низа случаи, вклучувајќи поттикнување на омраза, говор на омраза, но и доколку се злоупотребува за иницирање, поттикнување и повикување на дела од омраза“.

Кога КЗД утврдува дека преку фотографиите и текстовите објавени во наведените броеви на дневниот весник „Вечер“ се врши „континуирано и повеќекратно вознемирување на цела група лица“, ја потенцира и одговорноста на главниот уредник:

Уште позагрижувачко е нивото на свест на главниот и одговорен уредник, затоа што дозволил во неколку наврати и со продолжено дејствие да се врши тоа вознемирување.

Во мислењето на КЗД испратено до подносителите на претставката, КЗД „повикува на поголема почит кон различностите во македонското општество“ и укажува на етичките должности на новинарите и уредниците во однос на препознавањето на дискриминацијата, меѓу другото, и врз основа на сексуална ориентација:

Без разлика на дискриминаторската основа и дали истата е изрично наведена во законот, неопходно е новинарите и уредниците да ја препознаат својата значајна улога во креирањето на јавната свест.

Според КЗД, новинарите и уредниците „треба да се способни да препознаат дискриминација, дискриминаторски практики, како и да се дистанцираат и остро да го осудат секој говор на омраза“.

Исто така, КЗД ги известува новинарите дека „е на располагање на новинарите да ја користат како ресурс за зголемување на своите капацитети и унапредување на своите знаења и вештини во борбата против дискриминацијата.“

За жал, погоренаведените препораки и укажувања ги нема во објавеното мислење, а на нивно место КЗД образложува зошто нема да преземе мерки против главната уредничка на „Вечер“:

Со оглед дека г-ѓа Талевска не е повеќе главен и одговорен уредник на дневниот весник Вечер, Комисијата за заштита од дискриминација смета дека издавањето препораки за отстранување на повредата на правото не би постигнало никаква цел.

Меѓутоа, во импресумот на „Вечер“ сѐ уште стои информација дека Ивона Талевска е „главен и одговорен уредник“, а текстовите во кои КЗД утврди дискриминација сѐ уште се достапни на електронското издание.

Накусо, иако КЗД со двегодишно доцнење утврди дискриминација, не постапи согласно своите законски надлежности. Ниту препорача начин на отстранување на повредите на правото, ниту пак поведе постапка за утврдување на одговорноста на главната уредничка на „Вечер“.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).