„Sinatra Has a Cold“: Текстот кој го промени новинарството

21.12.2015 05:03
„Sinatra has a Cold“: Текстот кој го промени новинарството

Списанието Esquire било познато по врвните приказни, а за него пишувале Тејлс, Том Волф, Норман Мајлер

Геј Тејлс напишал брилијантна студија за големиот пејач иако никогаш не го запознал. Тоа бил почетокот на Новото новинарство. По повод стогодишнината од раѓањето на Синатра, Taschen објавува луксузно издание на книга со статијата која во 1966 година била објавена во американското списание Esquire.

Држејќи чаша бурбон во едната рака и цигара во другата, Френк Синатра стоел во мрачниот агол во барот, во друштво на две атрактивни, но по малку бледи русокоси кои седеле и трпеливо чекале тој нешто да каже.

Но, Синатра не зборувал ништо, бил молчалив во текот на целата вечер, а потоа, во приватниот клуб во Беверли Хилс делувал уште подистанцирано, загледан, низ чадот и полумракот, во големата соба зад шанкот каде група млади двојки седеле на столици или играле на подиумот на фолк музиката која се ширела од звучниците.

Русокосите знаеле, како и четворицата негови пријатели кои стоеле во близина, дека би било лоша идеја да се форсира разговор со него додека бил во тоа тмурно расположение кое за него било вообичаено во таа прва недела од октомври, еден месец пред неговиот педесети роденден.


Синатра работел на филмот кој не му се допаѓал и едвај чекал да биде готов. Бил уморен од големиот публицитет кој ги следел неговите излегувања со 21-годишната Миа Фароу која таа вечер не била присутна.

Бил лут на документарецот на CBS за неговиот живот кој требало да биде прикажан за две недели и во кој се шпекулирало за неговата наводна поврзаност со мафијата. Покрај тоа, бил загрижен и за неговиот настап во шоуто на NBC, Sinatra – A Man and His Music во кој требало да отпее 18 песни со гласот кој неколку дена пред да почне снимањето, му бил слаб, ранлив и несигурен.

Синатра бил болен. Бил жртва на слабоста која голем број луѓе ја доживуваат како тривијална. Но, во случајот на Синатра, таа слабост го однела во состојба на длабока болка, депресија, паника, па дури и бес.


Досада во кутија

Вака почнува еден од најславните новинарски текстови на сите времиња, кој под насловот „Синатра е настинат“ (Sinatra Has a Cold) бил објавен во американското списание Esquire во 1966 година, и кој се смета за почеток на она што се нарекува Ново новинарство. Автор на текстот бил Геј Тејлс, а по повод стогодишнината од раѓањето на Синатра (12.12. 1915 година) Taschen го објавува луксузното издание на книгата со наслов „Sinatra Has a Cold“.

Станува збор за исцрпна студија од 15 000 зборови за американскиот пејач во екот на неговата слава. Тејлс неволно ја прифатил задачата на тогашниот уредник на Esquire, Харолд Хејс, бидејќи во тој момент сите водечки списанија како Look и Life веќе имале интервју со Синатра.

Но, сепак, во октомври 1965 година, тој одлетал во Лос Анџелес. Но, кога се јавил на неговиот прес агент, тој му рекол дека интервјуто нема да се случи – Френк Синатра бил настинат.

И одовде почнува играта на „демнење“ на амерканскиот пејач и екстензивната новинарска истражувачка работа од која ќе се изроди текстот кој неповратно ќе го промени начинот на кој го перцепираме врвното новинарство.

Френк Синатра (48) и Миа Фароу (19) на нивната венчавка во 1966 година

Во исчекување Синатра да оздрави, Тејлс почнал да го следи пејачот по ноќните клубови, а кога тој одлетал во Лас Вегас и новинарот тргнал по него. Таму им плаќал пијачки на сите кои биле во придружба на Синатра за да разговараат со него. Од неговиот дублер, до ситната седокоса жена која се грижела за досадата на Синатра и ја носела наоколу во мала кутија.

Кога се вратил во Њујорк, преку свои врски успеал да изнуди запознавање со Доли, мајката на Синатра, а го интервјуирал и синот на пејачот. Направил сè за да ја заврши приказната, но Френк Синатра никогаш не го запознал.

Текстот „Синатра е настинат“ е мајсторски напишана студија за пејачот кој тогаш бил во екот на својата слава, но и студија за теророт, која го опишувала како чувствителен, но и суров, заробен во челустите на сопствената величина и затоа склон кон арбитрарно зло... Тоа зборува и за начинот на кој оваа статија била напишана, како најпрецизно смислена кратка приказна.


Писателите како модел

Денес Геј Тејлс е беспрекорно дотеран господин на 84-годишна возраст, кој со својата сопруга Нан Тејлс, легендарната уредничка која соработувала со авторите Маргарет Атвуд и Ијан Мекјуан. И тој како Синатра, е син на италијански имигрант и добар дел од животот го следело чувството дека делумно е Американец.

За него Синатра бил надеж, пејач кој излегол од гето и успеал да освои бројна публика, филмска ѕвезда која не глумела гангстери, туку главни улоги, кој освојувал русокоси и синооки американски девојки. Синатра бил маж кој го посакувале сите девојки, а сите мажи сакале да бидат како него.

Овој човек ретко може да се види, а да не биде облечен во троделен костим. Студирал новинарство во Алабама, а благодарение на пријател од факултет почнал да работи во New York Times, на почетокот како помошник на машината за фотокопир.

Како новинар почнал да работи во спортската рубрика, по што многу брзо почнал да пишува големи новинарски приказни. Но, негови модели не биле новинари, туку писателите на кратки раскази: Е. Скот Фитзгералд, Ирвин Шо, Џон О’Хара. Неговиот стил на пишување еволуирал во она што подоцна можело да се нарече New Journalism.

„Што по ѓаволите се случува овде? Тоа беше новинарскиот текст кој повеќе наликуваше на кратка приказна, и во кој беа употребени сите фикционални алатки. Од директен говор, описи на сцени, интимни приватни детали, па дури и внатрешен монолог“, со овие зборови Волф го опишал портретот на боксерот Џо Луис, кој Тејлс го напишал за Esquire. Волф првично мислел дека неговиот колега измислува. Подоцна протагонисти на Новото новинарство станале писателите како што се Труман Капоте, Хантет Томпсон и самиот Том Волф.


Деталните белешки на Геј Тејлс

Детални белешки

Геј Тејлс до ден денес има солидно елабориран начин на творење – статиите настануваат од куп детални белешки. Така, секој ден, па и секој час кој го поминал работејќи на приказната за Френк Синатра, е документиран. Тејлс тврди дека за приказната за Синатра разговарал со речиси сто луѓе, објаснувајќи дека 80% од она што го добиваш никогаш не го искористуваш, но без тоа ги нема оние драгоцени 20%.

Пред да почне да ја пишува приказната тој прави детален storyboard – тоа повеќе наликува на подготовка за снимање на филмови отколку за пишување на „обична“ новинарска статија. Но, на таков начин Тејлс го документира и свјот живот.

Тој не знае дали Синатра некогаш го прочитал тој текст, но меѓу припадниците на „кланот на пејачот“ преовладува мислењето дека тоа е најдобриот портрет на Синатра.

„Сакав со своето пишување за авторите на стварноста, да им го дадам истиот статус и на оние фикционалните“ – објаснува овој енергичен господин во неодамнешното интервју во Daily Telegraph.

„Луѓето постојано зборуваат за тоа дека треба да се напише голем американски роман. Кој ги врти луѓето! Јас сакав да напишам големо публицистичко дело. Сакав да бидам еднакво почитуван како и писателите кои пишуваат фикции и кои отсекогаш ја присвојувале целата слава. Тоа беше моја лична борба: да го подигнам новинарството на повисоко рамниште. Бидејќи бевме потценети.“

Опсежната професионална биографија на Тејлс бележи повеќе одлични бестселери. Уште во 1969 година напишал книга за New York Times, „The Kingdom and the Power“, по која следел и портретот на мафијашкото семејство Бонано, „Honor The Father“.

Десет години од животот му одземало ревносното истражување за сексуалната револуција во Америка, кое резултирало со книгата „The Neibor’s Wife“.

Во еден момент прави „пауза“ од својот брак и заминува во Италија, но по двете љубовни врски сепак се враќа во Америка, а неговата сопруга го прима назад. Денес бројат 56 години од бракот.


Амбициозен новинар

Геј Тејлс е 56 години во брак со Нан Тајлс, една од најпознатите американски уреднички во издавачката индустрија

Извор: Globus

 

ОкоБоли главаВицФото