Не замижувајте пред неправдата!

28.04.2016 01:50
Не замижувајте пред неправдата!

Никогаш не ми биле смешни зафрканциите со сендвичите, од причина што секогаш повеќе ме правеле тажна отколку гневна.

Сум се прашувала до кој стадиум е дојдена работава, за народот да се купува со сув леб, со ситни пари, за слепо да следи машинерија што го довела до питачки стап.

Тие луѓе со веќе оголена вилица што се фаќаат на оро, додека се гледани од Големиот Брат, што служат за потсмев и што си го газат и тоа малку достоинство што им останало, што понижени го веат македонското знаме, не ми оставаат многу надеж. Не верувам дека ќе се разбудат, тие само ќе ги глодаат коските што оваа власт им ги фрла, затоа што не знаат за подобро и немаат сила за подобро, и на крајот секогаш ќе им речат фала.

Но, за сите останати, што имаат сили, што се свесни дека се злоупотребени, принудени да ракоплескаат на демагогии полни со омраза до бескрај, приклучете се! Не замижувајте пред неправдата, не извикувајте имиња на лидери, викајте за правда, дојдете од другата страна, тука е борбата за слобода.

Зарем не сте веќе сити од заканите и од омаловажувањата?

За сите мои врсници што најверојатно живеат во некој паралелен универзум, штом не ги допира оваа ситуација, разбудете се! Срамота е да бидете пасивни и неактивни кога ги имате сите привилегии да бидете информирани. Ако денес ви е добро и комотно, тоа нема да биде така за некое време, но ќе биде доцна. Никој не ве вика на митинг, туку ве вика надвор од дома да ги кажете вашите ставови, што веќе до сега е загрижувачки ако ги немате!

Ако сте физички способни, ако имате сили, ако имате свест, ако читате како им се закануваат на невладините организации, партиите, сите што мислат поинаку од дадената шема, ако ги слушате мизерните и шупливи говори, ако гледате како се приведуваат борци за правда а како шетаат КРИМИНАЛЦИ, (луѓе, КРИМИНАЛЦИ!) а не преземате ништо, тогаш сериозно запрашајте се дали навистина сè е во ред со вас. Тогаш не се работи само за себичност туку и за неспособност морално да расудувате за работите околу вас што повеќе од кога било ве засегаат директно.

Протестирам, бре, протестирам!

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Ванчо Џамбаски