1022 hPa
100 %
6 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 11:07
„Шарена револуција“ е борба. Борба за правда и слобода, борба против режим и корупција, против монополи, против Груевски. Шарена револуција се граѓаните кои протестираат. Таа борба не е само моја, не е ни само ваша, не е ни само на интелектуалците, ни само на уметниците, не е ни само на политичарите. Таа борба е на сите кои излегуваат на улица или ја поддржуваат улицата и затоа е шарена. Шарена е и затоа што е ненасилна. Таа борба не е мирна, зашто не може да сме мирни кога нема правда. Но, ние кои сме на улица не сме насилни. И стоиме зад принципот на ненасилство.
Шарената револуција не е забава, ниту мода. Граѓаните кои протестираат фрлаат бои врз институциите и симболите на режимот заради револт, заради мака и пркос, а не заради забава, не заради тоа што да се протестира е „ин“. Зборувајте со луѓето на улица, никој нема да ви каже дека протестот е ин. Секој ќе ви каже лична причина зошто протестира, но под сето тоа ќе го чуете главниот проблем – режимот. Граѓаните кои протестираат имаат политички барања и тие секојдневно може да се прочитаат на транспарентите или да се слушнат низ разговорите. Долу диктатурата, вратете ги парите, криминалците во затвор, долу аболиција, оставка за Иванов, нема преговори, прво реформи - после избори, ни заминаа другарите, нема правда - нема мир! Граѓаните кои со денови се на улица во Скопје, низ државата и во дијаспората многу добро знаат што бараат преку својата улица и поради тоа смислуваат пароли, симболи, бои и песни. Сами си креираа дизајни, изворно, „од долу“.
Шарениот лик на борбата го создадоа граѓаните, на улица. Никој „од горе“ не седна да смислува како ќе се вика оваа борба, ниту како ќе изгледа. Формата се случи, таа е граѓанска, отворена, слободарска и доволно демонополизирана за да може секој да си ја толкува и нарекува по свое. За некого оваа револуција е црвена, за друг сина, за трет виножитна, за четврт мачна и тешка, за петти радосна и слободарска. Така и ќе остане, затоа е шарена и затоа секој ден кон неа се приклучуваат нови лица, граѓани кои до вчера не сакаа „да заземаат страна“ и граѓани кои можеби сè уште се притиснати и уценети од режимот.
Да, меѓу нас има и граѓани кои се потсмеваат на сендвичите на контра-протестантите, но зарем за некого тоа е изненадување? Зарем беше можно преку ноќ сите борци за слобода да почнат да упатуваат пораки на заедништво кон оние кои преку жицата сè уште го величаат Груевски, од една или друга причина. Солидарноста е процес, сите работиме на тоа и тој процес веќе дава резултати – сè повеќе наши соборци упатуваат пораки за помирување кон уценетите контра-демонстранти и сè повеќе од нив откажуваат послушност на режимот.
Конечно, сите обиди за надмена рецензија или за смислено менување на формата на борбата која граѓаните ја создадоа самостојно само ќе ги поттикнат дејствијата на уште повеќе шаренило, онака како што доликува на граѓанска Македонија.
Марјан Забрчанец, граѓанин кој протестира.
Извор: Фејсбук профилот на авторот