1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Пред некој ден Јелена Жугиќ на ФБ запраша дали доколку не сме достојни да нè нарекуваат анархисти може едноставно да нè нарече хулигани. Може, реков, така и сами се нарекуваме.
И така, во една земја во која ни се паднало да се родиме и живееме дојде време кога луѓето почнаа да си го бараат животот, достоинството и правдата назад од корумпираните елити кои беспоштедно градеа кариери, офшор сметки, викендички, џипови врз наш грб. И тоа го нарекоа вандализам, а нас хулигани. Нека. Нема ништо лошо ниту навредливо да нè наречат хулигани, затоа што се бориме со средства кои ни ги оставија на располагање за враќање на демократијата во единственото место за живеење кое го имаме.
Уште веднаш сакам јавно да кажам - да, и јас фрлив балончиња со боја врз неколку објекти од одвратниот проект Скопје 2014. Јас немам институција која ме штити од криминал и лоповлук, немам систем кој ми гарантира слобода и решавање на проблеми, не живеам контекст кој ми нуди правда. Сè што имаме сега за сега се улиците и тие мали балончиња боја кои ми дозволуваат да го канализирам сиот бес и гнев кој се насобрал во мене и не може да додржи внатре повеќе. Тие дивоградби кои ги нарекувате култура и архитектура се симбол на сето зло кое ни го нанесовте изминативе години. Олицетворение на вашата алчност и ненаситност, на вашето газење и плукање врз најранливите, на вашата ужасно скапа ароганција и слепило. Еден проклет столб од стиропор чини колку еден живот. Онаа несреќа што ја именувавте како триумф ќе спасеше 208 Тамари. Еееееј, 208 операции за спас на нечиј живот и вие се решивте за порта. За факинг порта. Низ неа денес струи воздухот и пиштејќи нè потсетува на сите тела и животи кои никогаш нема да го почувствуваат сопствениот триумф. Денес, ние струиме низ улиците небаре ветар, заедно со нив, потсетувајќи ве вас, но и себеси дека сме ранливи, слаби, изнемоштени, навредени, обесчестени, но и гневни, решителни и солидарни како никогаш досега. Ние, хулиганите, овојпат имаме нешто, за првпат имаме нешто многу вредно и значајно што вие го немате: заедничка борба, пријателство и емпатија. Секој ден во 6 ја имаме таа привилегија да учиме демократија, да се слушаме едни со други, да сочувствуваме, да се храбриме и тешиме кога треба. Учиме што ни припаѓа и како да си го вратиме назад, учиме да мислиме во множина, да креираме заедништва, учиме да артикулираме заеднички политички глас и учиме и искусуваме победи. Тоа е она што го имаме повеќе од вас и тоа е она што нè прави денес посилни од вас.
И токму ова споделено животно искуство го нарековте вандализам. Нека. Не сме први во историјата чиј праведен чин е етикетитан како вандалски. Кога системот е корумпиран секој вандализам врз истиот е чин на правдољубие и слободарство. Имам милион примери да ви наведам, ама намерно се решив за овој: „И Исус влезе во храмот и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, и им ги испреврте масите на менувачите на пари и клупите на продавачите на гулаби. И им рече: „Напишано е: 'Мојот дом ќе се вика дом на молитвата, а вие од него правите разбојничка пештера!'“ (Матеј 21:12)
Извор: Фејсбук профилот на авторката
Фотографија: Ванчо Џамбаски