За основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ 1990 година

21.06.2016 13:16
За основачкото собрание на ВМРО-ДПМНЕ 1990 година

За разлика од 99% од присутните на 26-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ, кои мислат дека којзнае што слават, јас бев на Основачкото собрание на партијата на 17 јуни 1990 година во Домот на младите „25 Мај“, денешен МКЦ. На Основачкото собрание бев како известувач на „Млад борец“. Проблемот беше само што весникот во лето не излегуваше, па така ништо и не напишав.

Немате поим каков тажен настан беше тоа, среде бел ден на жешкото скопско лето во старото замрачено кино на Домот на кое присуствуваа едвај 200 луѓе, ако имаше и толку.

ВМРО-ДПМНЕ доцнеше со основањето повеќе од 8 месеци. Првата политичка партија, Лигата за демократија, беше основана уште во ноември 1989. И до јуни 1990 веќе се изосноваа куп партии, па немаше никаков интерес за оваа.

Од што немаше видни луѓе кои би се обратиле на собранието, горе на бината имаше неколкумина присутни од дијаспората, кои во земјава никој не ги познаваше. Тогаш веќе националистите од естаблишментот беа во друга партија по име МААК.

Една од поглавните фаци беше Гојко Јаковлевски, газда на ресторан во Берлин („Ново Скопје“ – го заобиколував од што подалеку – не отидов во Берлин да се дружам со националисти и никогаш не влегов таму), кој прочита честитка од идеологот Драган Богдановски, а кој сè уште не смееше да дојде во Македонија, плашејќи се од тогашната УДБА. Со право, да нема забуна.

Имаше и фаци кои се замислуваа дека се Гоце Делчев и носеа долги мустаќи како него пред 100 години, а еден таков има и на горната фотографија. Главна ѕвезда беше претседателот Љубчо Георгиевски, кој ја повтори својата намера Македонија да биде независна и да има своја фудбалска репрезентација.

За ВМРО-ДПМНЕ тогаш се сметаше дека е класична националистичка екстремистичка партија какви што се испојавија и по другите ЈУ републики, која ги буди сеништата од братоубиственото минато меѓу јужнословенските народи, повикувајќи се на комитските традиции, како што новооснованите партии во Хрватска и Србија се повикуваа на усташките и четничките традиции. Да не заборавиме дека во 1990 година, сè уште имаше многу живи сведоци од периодот од пред и за време на Втората светска војна, кои беа комунисти, но и такви кои не беа, но кои беа запознати со пресметките меѓу различни банди на оваа територија по национална основа, како и за злоделата на нацистите. А, во текот на Втората светска војна од ВМРО постоеше само фашистичкото крило на Ванчо Михајлов и толку.

Публицистот Владимир Чупевски (Бог да го прости!) на излегување од Основачкото собрание рече:

„Добро, ова мораше да се случи!“

Тоа едноставно значеше дека, ете, таква партија мора да има и во Македонија за да не останеме покусо. Се сметаше дека екстремистичките партии се вообичаен декор на плурализмот и дека ваква партија би можела да освои 3-4 пратеници, како што тоа се случуваше тогаш со екстремистичките партии во Европа.

Се разбира, ова беше период на распадот на поранешна Југославија, пред почетокот на балканските војни и немавме поим колку може да биде разурнувачка моќта на национализмот. Дознавме само 5 месеци подоцна. На првите парламентарни избори кои се одржаа на 11 номеври 1990 година. Според тогашниот мнозински систем, се гласаше во два круга. За да победиш во првиот круг, требаше да се добие 50 отсто од гласовите плус 1. Тоа се случи само со 5-мина пратеници на албанската ПДП, зашто само тие немаа никаква конкуренција – беа единствени кандидати Албанци во мнозинска албанска изборна единица. Сите други мораа да одат во втор круг. Во секој случај, тоа беше доволно јавноста (сосема неоправдано) да се исплаши дека „Албанците ќе завладеат со Македонија“ и во вториот круг ВМРО-ДПМНЕ да добие 38 пратеници – најмногу во тогашниот Парламент.

Извор: anfasblog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото