Може ли Достоинство да го замени ВМРО-ДПМНЕ и да стане вистинска моќна десничарска партија?

26.06.2013 08:52
Може ли Достоинство да го замени ВМРО-ДПМНЕ и да стане вистинска моќна десничарска партија?

Бомбастично одекна изјавата на генералот Ангелов дека неговата Достоинство ја напушта коалицијата со СДСМ. По сè изгледа СДСМ се одлучи да ги послуша советите на странците и домашните европејци и полека се дистанцира од патриотските политики и политичари. Ќе видиме како ова ќе се одрази врз салдото на опозицијата - моја претпоставка е дека ова ќе се одрази со катастрофа за опозицијата на следните избори. СДСМ ќе биде медиумски згазен и прогласен за петоколонаши и предавници и тие нема да можат медиумски да се одбранат од тој напад.

Но што со Достоинство? Може ли таа да биде новата македонска десница? Би сакал да биде, нам тоа ужасно ни е пoтребно. На Македонија освен што ѝ треба достоинство кое го има во изобилие во Достоинство, исто така ѝ треба и силна моќна автентична демократска десница, ама не на оној заебант Филип Петровски туку на човек кој може достоинствено да ги презентира политиките на една таква партија. На политичкиот спектар ние сега имаме вистинска збрка во центарот и во левицата, но десно имаме празна пустина. Особено ова го мислам на економски план. Економскиот конзервативизам кај нас речиси и да не постои. НИКОЈ кај нас не зборува за мала влада, мали даноци, мала регулатива, слобода на индивидуите во нивните економски и животни определби, мали казни, мал буџет, мали дефицити, мало или нула задолжување, мали трошења, мала администрација, а за возрат голема и раздвижена економија, динамичен пазар на трудот и адекватен на него образовен систем, големи профити, многу инвестиции, лесно флуктуирање на капиталот, а со тоа и релативно големи плати според квалификациите на индивидуите и вложениот труд.

Се чини од ДПМНЕ се откажаа од сето тоа нестрпливи брзо да се вратат на власт и да останат таму по секоја цена. ДПМНЕ се откажа од принципите. Се откажа и од исмевањето на комунизмот и неговите политики. Така ги советуваа ПР стратезите за да го привлечат огромниот број на пензионери и комуњари кои сè уште чуваат дома слика од Тито извезена во гоблен. И сега што имаме? Франкенштајн од држава која во исто време е и комуњарска Куба и либерален Сингапур. Но сепак во основа е Куба.

Јака, силна, ценета десница ќе му нанесувва силни удари на ДПМНЕ од десно. Достоинство тоа досега одлично го правеше на националните и политичките прашања. Би било супер ако се види таков континуитет и во економскиот дел, но тука Достоинство ќе има проблем да привлече професорски кадар од економската бранша кој би ги пропагирал најдобро тие политики, бидејќи ние во Македонија економски експерти кои пропагираат десничарски вредности во економијата практично и немаме, сите се клонови на Милка Планинц.

Извор: maktel.mk
Слика: Свирачиња