Сирија надвор од фокус

27.10.2016 14:06
Сирија надвор од фокус

Од почетокот на граѓанската побуна во Сирија во 2011 година, сириската поетеса Раша Омран е бестрашна критичарка на режимот на Башар ал Асад и неуспехот на арапските интелектуалци да ги разобличат неговите злосторства. Таа живее во прогонство во Египет, каде зборува против војната и се залага за демократски реформи во својата земја. Во статијата „Сектата како татковина“, Раша Омран, која припаѓа на малцинството Алевити кое владее со Сирија, опишува како ненасилната побуна се претворила во вооружен судир:

„Режимот се спротивстави на предизвикот на побуната така што во некои делови од земјата меѓусебно ги отуѓи луѓето едни од други - со типичниот метод 'раздели па владеј' За време на ненасилниот бунт, државните медиуми зборуваа за вооружени такифири бандити кои убиваат војници и агенти на службата за безбедност (чесни патриоти), и за нивната намера да предизвикаат војна во Сирија помеѓу различните секти. Тогаш започнаа манипулациите (обвинување на другите за режимските недела) и ширењето гласини помеѓу Алевитите со потсетување на прогонствата на ова малцинство. Режимот жртвуваше некои од нив во областите на конфликти меѓу сектите за да ги заплаши останатите и да ги навде да поверуваат дека револуционерите се всушност убијци и дека се одмаздуваат за Хам (масакр над Муслиманското братство од 1982).

Режимот го пушти од синџир чудовиштето на стравот кое дремеше во свеста на Алевитите и ги зацврсти врските меѓу сектата и татковината, како и врската помеѓу својот личен опстанок и опстанокот на сектата/татковината. Така, денес Алевитите веруваат дека се борат за личен и национален опстанок, против истребувањето на нивното малцинство. Дали ќе ја проѕрат илузијата во која живеат толку долго време? Дали ќе сфатат дека режимот опстојува врз гробовите на нивните деца? Во таа борба режимот ги жртвуваше како пиони во шаховска партија. Можеби на крајот ќе сфатат, кога злосторниците кои ја користеа поделбата како погон на воените судири ќе ги сведат нивните животи на постојана низа од погреби и жалост, а Сирија на земја на гробови и мртви.“

Омран речито зборува и за судбината на сириските бегалци и првобитните бунтовници, чии цели се заборавени. „Ниедна друга револуција во историјата не успеала да остане долго толку убава и покрај соочувањето со брутални злосторства“, напиша во 2015. „Сега крвта е единственото сеќавање на Сирија, затоа што сите се здружија да ја погребаат нејзината убавина.“

Поетот Чарлс Симиќ неодамна разговараше со Раша Омран за Сирија, нејзиното поетско искуство и за тоа зошто запад не успеа да ја прекине војната.

 

* * *

 

Чарлс Симиќ: Дали молкот на меѓународната заедница за крвопролевањето во Сирија се однесува и на интелектуалците во арапскиот свет?

Раша Омран: Во почетокот на сириската револуција интелектуалците и арапските писатели сочувствуваа со она што се случува во Сирија, но тоа набрзо престана. Кога ситуацијата се искомплицира, почнаа да велат: „Не знаеме што се случува во Сирија“. Многумина од нив не ги ни споменаа злосторствата на сирискиот режим и неговите сојузници, но кренаа врева поради злосторствата на ИСИС и сличните организации. Интелектуалците и арапските писатели ја гледаат Сирија само со едно око, сега кога е потребно да се отворат десет очи, зашто ни две веќе не се доволни.

Во деведесеттите години на минатиот век, за време на распадот на Југославија, ги критикував моите сонародници во Србија и нивните водачи поради војните кои се водеа против другите етнички и верски групи и бев прогласен за предавник. Претпоставувам дека и вие сте доживеале нешто слично?

Да. Многу луѓе во мојата земја и мојот роден град ме нарекуваат предавник, ме проколнуваат и ме обвинуваат дека сум петтоколонаш, дека работам за западот или дека ме финансираат радикалните исламски организации и партии. Тоа ме боли и растажува; ме напаѓаат роднини и пријатели, дури и оние најстарите, од детството. За нив сум само предавничка која заслужува смрт или барем одземање на сириското државјанство.

Кажете ни нешто за вашето растење во Тартус и за тоа како станавте поетеса.

Се родив во Тартус, град на медитеранскиот брег на Сирија, но веќе на неполни 5 години со семејството се преселив во Дамаск, главниот град на Сирија, каде го поминав детството, тинејџерските години и младоста. Во Тартус и моето родно село на брдото над морето одев за летниот распуст. Си игравме во шумата и на брегот на морето, ни беше прекрасно. Во куќата во Дамаск имавме огромна библиотека. Од мали нозе бев „книжен молец“, читав сè што ќе ми паднеше во рака. Никој никогаш не ми кажуваше што да читам или не. Мојата лектира беше широка и разновидна. Подоцна со години читав многу селективно. А како станав поетеса - бев маѓепсана од поетите кои ги познавав. Татко ми беше поет, во нашата куќа се собираа поети и уметници, можеби и поради тоа? Не сум сосема сигурна. Пред да дознае дека пишувам поезија, татко ми ми велеше дека би можела да бидам добра романсиерка: имам одлично долгорочно сеќавање и паметам детали.

Колку се политички поделени милионите бегалци и прогонети кои ја напуштија Сирија?

Поделбите се најголемата трагедија на оваа војна. Не само меѓу поддржувачите и противниците на режимот, туку и меѓу самите противници. Освен огромниот број бегалци, јасно е дека Сиријците надвор од земјата не можат да имаат заедничко видување на Сирија. Бегалците и прогонетите се очајни, се борат да преживеат. За многумина од нас Сирија се сведе на неколку постови на Фејсбук по секој масакр. На терен, во прогонство, не правиме ништо заедничко да ја спречиме војната и насилството.

Во септември 2012 започнавте штрајк со глад пред седиштето на Арапската лига, на каирскиот плоштад Тахрир. Дали имавте поддршка од луѓето околу вас?

Тоа беше идеја на моите сириски пријателки кои живееја во Каиро пред да дојде Сиси на власт. Тогаш на Сиријците во Египет им беше лесно да организираат акција за поддршка на Сирија; следните демонстрации и штрајк траеја петнаесетина дена. Резултати, секако, немаше, но Египќаните тогаш имаа многу разбирање за сириското прашање. Следните протести привлекоа десетина египетски интелектуалци, како и поддршка од минувачите. Тоа беа денови на чудесна хармонија; Египет беше со Сиријците во нивната трагедија. Сега тоа се промени. Повеќе нема многу Сиријци во Египет. Моите пријатели кои учествуваа во штрајкот си заминаа од Египет во Европа или САД. Само јас останав. Денес на Сиријците во Египет не им е дозволено да организираат што било што има врска со Сирија. Египетските медиуми главно го поддржуваат режимот на Асад под изговор дека се бори против тероризмот. Тоа влијаеше и на претставата на египетските граѓани за тоа што се случува во Сирија.

Се чинеше дека тоа е невозможно, но последниве недели видовме нови ужаси како што се бомбардирање конвои со меѓународна помош и понатамошно разорување на Алепо од руските авиони. Кој или што ги спречува завојуваните страни да престанат со убивање недолжни луѓе во Сирија?

Оние кои ги финансираат тие сили, како и земјите кои ги поддржуваат. Секој ден ги слушаме странските лидери како го осудуваат она што се случува, ги гледаме состаноците и конференциите за Сирија, билатералните и другите договори за прекин на огнот - без какви било резултати. Убивањето продолжува, насилното умирање и раселување продолжуваат, како и уништувањето на Сирија. Светот не се труди сериозно да го запре сириското крвопролевање. Ако постоеше цврста одлука да се најде решение и да се запре трагедијата, тоа веќе ќе се случеше. Но нема континуитет во напорите да се запре војната и умирањето во Сирија.

САД беа посебно неефикасни во спречувањето на насилството. Што мислите за Америка и нејзината вмешаност во случувањата на Блискиот исток?

Мислам дека таа е главен играч на Блискиот исток, го сакала тоа или не. Сите други сили ги усогласуваат своите интереси со интересите на САД. Америка не сака вистинска демократија на Блискиот исток. Срушените режими во арапските земји се заменети со далеку полоши, кои САД ги поддржуваат исто онака како што ги поддржуваа претходните. Ако сакаа навистина да го спречат крвопролевањето во Сирија, тоа би се случило во првата година од револуцијата. Кој го поддржуваше Башар ал Асад кога ја наследи власта во Сирија по смртта на татко му? САД. Ние Сиријците ја паметиме посетата на Медлин Олбрајт, тогашна државна секретарка, која по смртта на Хафиз ал Асад дојде да изрази сочувство и да се сретне со Башар ал Асад; тоа беше долг состанок чија содржина не ѝ е позната на јавноста; САД секогаш водат иста политика на Блискиот исток, без разлика дали во Вашингтон седат демократите или републиканците.

Извор: The New York Review of Books, 15.10.2016.