Руски „Регнум“ со тенденциозна вест за политичка криза во Македонија

26.01.2017 11:00
Руски „Регнум“ со тенденциозна вест за политичка криза во Македонија

Додека меѓународната политика е потресена од обвинувањата на американските власти дека Русија масовно објавувала дезинформаци и лаги по социјалните мрежи и по лажни портали и ги хакирала компјутерските системи на демократите, сè во полза на избраниот претседател Доналд Трамп, руската добро подмачкана пропагандна машинерија продолжува „да меле“ и за Македонија.

Во случајов, објави небулози поврзани со најновите постизборни случувања во земјата. Новинската агенција „Регнум“ пред неколку дена излезе со неколку недоследни и непотврдени информации за политичката криза во Македонија.

ГАСОВОДОТ БИЛ ГЛАВЕН, КРИЗАТА – НЕ БАШ

Некои информации апсурдно ги поврзуваат притисокот врз невладините организации од страна на власта во заминување и минатогодишните масовни антивладини протести во Скопје со ништо друго, туку изградбата на рускиот гасовод во Македонија. Други, пак, го карактеризираат Зоран Заев, првиот човек на опозициската партија СДСМ, како лице финансирано од Сорос.

Во вест насловена „Во Македонија создадено антисоровско граѓанско движење“, „Регнум“ пишува:

„Како што веќе објавивме, во 2015 година опозицијата во Македонија, и тоа со подршка на САД, спроведе масовни протести придружени со безредија и со судири со полицијата. Обидот во земјата да се изведе 'Обоена револуција' следуваше откако Македонија донесе одлука за изградба на дел од гасоводот 'Турски тек' на своја територија“.

Понатаму, во текстот се вели:

„Зоран Заев, кој е финансиран од фондацијата на Сорос и е лидер на опозицискиот Социјал-демократски сојуз на Македонија, го обвини раководството на земјата за корупција и за вмешаност во кривични дела“.

Како прво, ниту во двата пасуси агенцијата не дава линк или одредница на кој извор се повикува за тоа дека македонската опозиција била поддржана од САД и дека Заев бил финансиран од Сорос. Оттука, објавениот текст повеќе личи на памфлет или на експертско мислење, отколку на непотпишана агенциска вест. По сè изгледа, „Регнум“ е уште една од бројните руски „агенции“ од типот на „Инфорос“ (InfoRos), „Спутник“ (Sputnik) и ним слични, инструменти за политичко влијание на Русија во регионот и во Македонија.

Како второ, во текстот се провлекуваат две недоследности, едната е временска, а другата е тенденциозна во однос на причините за појавата на антивладините протести во Македонија. Имено, оваа „вест“ отворено имплицира дека македонската опозиција со подршка од САД, а финансирана од Сорос, организирала масовни протести и безредија во Скопје, а сето тоа било поттикнато од решението на Македонија да гради руски гасовод.

Сите знаеме дека антивладините протести во Скопје почнаа во април 2015 година, веднаш по објавените аудиоматеријали од страна на опозицијата, кои укажаа дека во изминатите години постоело местење на избори и масовна корупција во највисоките ешалони на власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Од друга страна, факт е дека решението за изградба на руски гасовод во Македонија е донесено многу поодамна, поточно во јули 2013 година, кога тогашниот вицепремиер и министер за финансии, Зоран Ставрески, го потпиша договорот со Русија за соработка во изградба на „Јужен тек“. Така што, одлуката за изградба на гасоводот никако не може да биде поврзана со масовните антивладини протести кои се случија речиси две години подоцна.

ГАСОВОДОТ ОТКАЖАН, АМА ПАК НА ПРВО МЕСТО

На многумина уште поодамна им стана јасно дека за своите енергетски проекти во регионот, Москва секојпат испорачува фактура, и тоа преку пропаганда и други активности влијае врз внатрешната политика на земјата каде гасоводот поминува и ја наметнува својата волја врз властите. Тоа се потврди откако рускиот претседател Владимир Путин, поради спор со Европската Унија, ја откажа изградбата на „Јужен тек“ во декември 2014 година и продолжи со својата гасоводна политика, најавувајќи го „Турски тек“ на негово место. Неспорно е дека македонската влада тогаш изрази подготвеност да учествува во проектот, откако самиот Путин, на средба со унгарскиот премиер Виктор Орбан, во февруари 2015 година, објави дека делница од гасоводот може да помине преку Македонија.

Оттука, агенцијата „Регнум“, како прво, дава временска недоследност за случувањата опишани во текстот и, како второ, покажува необјективност, обвинувајќи ја македонската опозиција дека почнала насилни протести финасирани од Сорос и поддржани од САД поради изградба на руски гасовод во Македонија. Без да му објасни на неупатениот читател дека причината за протестите е долготрајната политичка криза во земјата.

На оваа независна агенција, една од почитаните во Русија (има повеќе од 4 милиони посетители месечно) не ѝ е првпат да биде ставена под лупа. Заради своето тенденциозно известување во полза на Москва околу руско-грузискиот конфликт, за случувањата во Молдавија, Украина и во други земји од руското соседство, ја имаат критикувано, пред сè, во Естонија, Латвија и во Литванија, каде најзиниот главен уредник е прогласен за персона нон грата.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: Алекс Андреев