Дополнување на петте клучни новинарски прашања

01.02.2017 16:22
Дополнување на петте клучни новинарски прашања

Во новинарството „петте клучни прашања се „Кој“, „Што“, „Кога“, „Каде“ и „Зошто“. Потсетувањето на овие клучни прашања им помага на новинарите да дадат осврт на фундаменталните прашања кои секоја сторија би требало да ги одговори. Неодамнешните случувања сепак покажаа дека традиционалните новинарски практики можеби и не се веќе толку ефективни како некогаш. Поради тоа се јавуваат уште неколку клучни прашања кои можат да им бидат корисни на денешните новинари.

„Се заебаваш со мене?“

Деновиве од новинарите често ќе се бара да известуваат за работи кои се чинат како болна шега. Како известувач треба секогаш да потврдите дека настанот што го покривате не е безвкусна лакрдија, утнат обид за арт перформанс или некакво кловновско шоу во пореметен карневал на вулгарноста.

„Сонувам?“

Кога се соочени со чудни, вознемирувачки настани кои се одвиваат по некоја сопствена незамислива логика, известувачите треба исто така да бидат сигурни дека не сонуваат некаков трескавичен кошмар. Она што се гледа може и навистина да е кошмар но, верувале или не, може да биде и реален настан кој се случува во вистинскиот свет во кој живееме – реалност од која нема бегање.

„Сериозно?“

новинарите секогаш треба во очи да го гледаат лицето што го интервјуираат и да го прашаат: „Сериозно? Сериозно тоа ми го кажувате?“ (Ова прашање може да се повторува онолку често колку што е потребно.)

„Како се случи ова?“

Прашањево порано се однесуваше на настани кои водеа до одреден инцидент, но сега тоа повеќе значи дека сите ние треба добро да се погледнеме во огледало и да размислиме како изборите кои сме ги направиле нè довеле до ова дереџе.

„Немате ли срам?“

Одговорот на ова прашање најверојатно е „не“, но мора да проверите.

„Да му се сневиди!“

Точно, ова не е прашање, но е важна гледна точка за новинарите.

„Има ли спас од лудилово?“

Ова е многу основно прашање, кое е релевантно независно дали известувате за глобални прашања, бизнис, спорт, или дури само ако пишувате рецензии за ресторани.

Оригиналните пет прашања може и да се пренаменат за поголем ефект. Не пример, наместо да праша „Што се случи?“, еден новинар во 2017 година може да праша „Што Господ би дозволил ова да се случи?“, „Што мајку му?“ или „Што е поентата?“ Слично, наместо „Кога се случи ова?“, може да прашате „Каде тргна на лошо?“ Наместо „Зошто се случи ова“ обидете се со „Зошто лоши работи им се случуваат на добри луѓе?“, „Зошто живееме во овој беден, никаков свет?“ или едноставно „Зошто… Зошто… Зошто?“. На овие прашања луѓето сакаат одговори.

Сега е безбедно и да отфрлиме еден од тие клучни зборови? „Кој“, како во прашањето „Кој е одговорен?“ Одговорот на прашањево е ист во секоја сторија – сите ние. Сите сме виновни. Ничии раце не се чисти.

Да заокружиме, сега имаме четири „клучни прашања“ и неколку дополнителни. Запомнете ги и бидете сигурни дека ќе го покриете секој агол од сторијата. Секако, во споредба со оригиналниот систем, овој е многу покомплициран, збунувачки и речиси неразбирлив на начин кој совршено ја отсликува новава ера во која вистината има малку значење. Но, таков е животот денес!

Карикатури: P. V. Vey (New Yorker)
Извор:
Њујоркер / ССНМ

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото