Одбрана и последни денови

13.03.2017 10:42
Одбрана и последни денови

Мене ми е трогателно, ме совладува една мешавина на жал и туѓа срамота, кога ги гледам неколкуте илјади луѓе, кои десетина дена протестираат против „албанската платформа“ и за зачувување на „заедничка Македонија“. Има таму и искрени македонски националисти, фрустрирачки принудени сега да бараат соживот со Албанците; има и еден број убави луѓе на кои опстанокот на цели семејства им зависи од опстанокот на партиската држава на Груевски; но, некако најтрогателни се „доброволците“ од долгогодишната професионална артистичко-пејачко-спортско-писателска клиентела, која го одработува последниот партиски ангажман, овој пат можеби pro bono, а можеби и за сметка на последната исплата од режимот со којшто, да не се лажеме, си ги поминаа најубавите години на потпросечната македонска црвено-жолта културно-спортска естрада.

Најголем дел од ова, по малку збунето, македонско граѓанско малцинство ги обединува чувството дека ништо лично не ризикуваат (што е суштинската разлика од илјадниците нивни сограѓани кои, без страв од режимот, ги поддржаа идеалите на Шарената револуција), бидејќи секогаш ќе можат да кажат дека тие само патриотски ги бранеле „боите на Македонија“, а не некакви идеалистички демократски и космополитски концепти, и дека за тоа, во крајна линија, не е грев ни да бидеш политички изманипулиран, како што многумина од нив разбираат дека се. Повеќето од нив и знаат дека со Фамилијата е готово, но некои се таму и од сожалување – како што ми вели еден познаник кој излезе еднаш-двапати да протестира: „Ајде, уште малку да му го придржиме стравот на Груевски“.

Поздрави од Ниш

Се разбира, за тие протести е дигнато и целото удбашко и криминално интелектуално подземје, оние професионални провокатори чии долгогодишни превземени обврски кон „длабоката држава“, кога ќе дојде командата, не им оставаат простор за личен избор. Но, таквите се бројат само во неколку десетици, не повеќе, иако се добро распоредени во првите редови околу микрофоните, и на протестите и низ телевизиските студија. Кога ќе се смени власта, ќе се сменат и рацете во кои ќе се најдат нивните соработнички досиеја, а тие се надеваат и на секоја идна власт пак да ѝ се стават на располагање, бидејќи сметаат дека и наредните гарнитури во македонската тајна полиција ќе ја направат за нив добитната кост-бенефит анализа според која не е „корисно“, а ни евтино, да се упропастат долгогодишни удбашки инвестиции во морално-политичките гниди, кои работат како медиумски уредници, владици, професори, разновидни провокатори или лидери на микро-нано-партии кои на миракулен начин опстојуваат 27 години на македонската политичка сцена, без никаква легитимна и рационална причина за тоа.

Протестите би требало да бидат „демократската“ порака од ДПМНЕ до сите заинтересирани дома и во странство дека партијата сѐ уште располага со мобилизаторска способност за дестабилизирање на Македонија, но и дека не се откажала од примена и на други методи од каталогот на една странска воена база во Ниш: да тепа и да изложува на тепање и бодење со ножеви (туѓи) малолетници, да фрла Молотови коктели, да пали туѓи возила, да ја гаѓа владината зграда со ракетни фрлачи или, по потреба, да претепува новинари и други неистомисленици. Со тоа мафијашкото раководство на ДПМНЕ инсистира дека треба сериозно да биде земано предвид нивното барање за амнестија на криминалната врхушка во нивните редови, или барем – што е најновото барање кое го ставиле на меѓународната маса – да се гарантира неодземање на пратеничкиот имунитет на Груевски и другите осомничени пратеници од овој состав на Собранието. (За оние што се без пратенички имунитет и, генерално, за поситните криминални риби, секако никој нема да се пазари, а можеби ќе имаат само навремена дојава, како Сеат Кочан, евентуално привремено да ја напуштат земјава.)




Губење на суверенитетот?

Таа порака на Фамилијата не се прима без загриженост. Еве една одлична илустрација за тоа: „Кажано со два збора, досегашната владејачка елита ја впрегна целата своја енергија на државата и на општеството во изградба на едно измислено и лажно минато, наместо во градење на иднината на своите граѓани. Владејачката елита остави сè да потоне поради комплексот на инфериорност, геополитичката кусогледост, провинцијализмот и личната алчност. Тоа ја ослабна и дополнително ја подели земјата и денес ги гледаме резултатите. Се разбира, има и надворешни причини, кои сепак се второстепени. Ако си силен внатре, однадвор не можат да те уплашат.“

Ова се зборовите на бугарскиот амбасадор при НАТО, Бојко Ноев, еден од најпочитуваните балкански дипломати во Брисел, кој беше и министер за одбрана на Бугарија за време на конфликтот во Македонија во 2001 година. Ноев уште додава дека писмото на „претседателот Ѓорге Иванов“ до Европскиот совет, САД, НАТО и до Турција е „своевиден СОС-сигнал испратен до меѓународната заедница дека бродот во Скопје тоне“. „Тоа е драматично признание дека земјата е на работ на целосно безвластие. Политичката криза, која ја набљудуваме веќе подолго време, ескалира до состојба во која Република Македонија практично го губи својот суверенитет“, вели Ноев.

Јас немам што да додадам, ова е една од најконцизните и најточни странски дијагнози за тоа што ни се случува.

Игра на тронови

Но, паралелно на овие процеси за општо застрашување кои доаѓаат од ДПМНЕ, течат и други процеси во таа партија. Многумина од највисокото раководство на ДПМНЕ се на дневна „жешка линија“ со разни претставници на Западот за услужливо да им ги прераскажат деталите од најновите случувања во партијата. Четворица од самото раководство – прифаќам да ме држите за збор за ова, бидејќи им верувам на моите извори – веќе ги завршиле и договорите со СЈО да бидат „заштитени сведоци“ во судските процеси што ќе следуваат.

Па, ви се молам, погледнете го следниов след на околности: откако претендентот за нов претседател на ДПМНЕ, Антонио Милошоски, се појави на Телма (и ја призна веродостојноста на прислушуваните разговори, што е прилично подол, во антониовски стил, внатрепартиски удар кон Фамилијата), веднаш следниот ден и на вториот претендент, министерот-пратеник Никола Тодоров, женерозно и итно му беше отстапена медиумската платформа на Телма да се обрати на нацијата; а и третиот, малку подзаборавен претендент за истата постгруевистичка партиска функција, министерот-пратеник Никола Поповски, се труди неуморно да нѐ известува за своите „важни“ средби низ бирократските ходници на Брисел, оти е со право уплашен дека во битката за наследникот на Груевски е веќе потиснат на незавидно место од агресивните конкуренти. А „потиснатите“, се знае – ќе си одговараат по закон.



Гума за џвакање

Ѓорге Иванов, пак, таа здодевна надри-претседателска мастика што ни е залепена за чевелот и постојано само се тегне и растегнува и никако не успеваме да ја одлепиме, деновиве се договара „службено“ да ја напушти земјава и да замине во „државничка посета“ на најдалечниот прекуокеански континент од Македонија. Таму, се разбира, никој важен не сака да го прими, па нашле некој локален гувернер на некоја кенгурска област кој се смилостивил да се сретне со него, за човекот на чиј кабинет стои плочката Претседател на Република Македонија овде да може да ја оправда својата подолготрајна отсутност. Тоа, се согласиле со Груевски, е најдобриот начин да не попушти пред силниот притисок да ја оствари својата уставна обврска и да му го даде мандатот за формирање нова влада на Зоран Заев. Тоа ли се методите заради кои Али Ахмети, верниот „ортак на Груевски“ (Џевдет Хајредини), вели дека кризата ќе траела четири години?

Ете, до таму им е стигнат очајот, се сведуваат и на мики-маус трикчиња, само за да ја избегнат одговорноста од која нема бегање. Патем, како тоа Груевски, после сите закани, прогласи и објавени посмртници со кои јасно и гласно ги раскина врските со антимакедонските ѓубриња од западната меѓународна заедница, не одбива да се сретне со кој било претставник на Западот што деновиве престојува во Скопје? Па, нели, гордо, за непокорна Македонија се работеше – или е, сепак, јебеш Македонија, преговарањето за сопствената кожичка најважно?!

Слики: Били Даркарт
Извор: Слободен печат