„Огледала“ - партиципативен проект на Ана Јовановска посветен на Куманово

25.03.2017 13:37
„Огледала“ - проект на Ана Јовановска

Проектот „Огледала“ на Ана Јовановска е замислен како локален и партиципативен проект, од темата која ја обработува до учесниците кои ја овозможуваат и развиваат. Времетраењето на проектот е неодредено, односно ќе трае сѐ додека има интерес за учество со редовно објавување на новите преиначени, односно „разубавени“ фотографии.

Креирана е онлајн фототека со авторски документарни фотографии од Куманово, направени ислучиво за потребите на овој проект, кои ја бележат моменталната состојба на истиот, сурово, без намера за додавање на уметничка вредност. Тие ги отсликуваат сите грди, запоставени, руинирани, осквернавени, напуштени и запуштени места низ градот.

Истиве се овозможени за симнување, со што се бара од учесникот да избере една од понудените со задача да ја едитира во програмата „Paint“. Оваа програма е избрана поради нејзината достапност, едноставност на употреба и очигледноста на интервенцијата. Задачата која се задава на доброволецот, гласи: Дополни, додај, пречкртај, прецртај, разубави (...) го Куманово. На крај, едитираната фотографија се испраќа назад до авторката на проектот, кој двете дела ги спојува како едно, пред и потоа.

Целта на ваквиот проект е не само документирање на запоставените и руинирани делови од еден заеднички дом наречен Куманово, туку и руинираната, валкана, запуштена состојба на човековиот дух. Правејќи го очигледното видливо од окото на авторот, преку окото на објективот до окото на граѓанинот-уметник, „Огледала“ постои како огледало на физичкото и психичкото.

Кратки инструкции:

Фотографиите можете да ги преземете тука.

Избери една, преземи ја и „разубави“ ја во Paint

Прецртаната фотографија испрати ја на следнава е-пошта: proektkumanovo@gmail.com

Веќе поднесените интервенции врз фотографиите („разубавените фотографии“) можете да ги погледнете тука.

ОкоБоли главаВицФото