Порака за Светскиот ден на театарот за 2017

27.03.2017 13:52
Порака за Светскиот ден на театарот за 2017

Еве веќе 55 години, секоја година во пролет се собираме за да го прославиме Светскиот ден на театарот. Само еден ден, само 24 часа за да се прослави театарот во целиот свет, почнувајќи од Но и Бунраку театрите, преку Пекиншката опера и Катукали, задржувајќи се меѓу Грција и Скандинавија, од Есхил до Ибзен, од Софокле до Стриндберг, меѓу Англија и Италија, преку Сара Кејн и Пирандело, а тука е и Франција меѓу останатите, и Париз кој како светски град и понатаму дочекува најголем број театарски групи од целиот свет. Нашите 24 часа од Франција нè водат во Русија, од Расин и Молиер до Чехов, а оттаму преку Атлантикот во некој кампус во Калифорнија каде млади луѓе можеби повторно ќе го измислат театарот. Бидејќи театарот секојпат повторно се издигнува од својата пепел; се ослободува од старите конвенционалности заземајќи некоја модернистичка форма: тој така останува жив. Театарот има плоден живот кој им пркоси на просторот и времето; најсовремените пиеси се потпираат на достигнувањата од минатите векови, а дури и најкласичните репертоари стануваат модерни и витални кога повторно ќе се постават на сцена.

Тогаш Светскиот ден на театарот очигледно не е обичен ден споен во процесија со други обични денови. Тој ни овозможува пристап до еден огромен просторно-временски континуум. За да можам да го концептуализирам ова, дозволете ми да цитирам еден француски писател на драми, толку генијален колку што беше и дискретен, Жан Тардје: Кога се мисли на просторот, Тардје вели дека е разумно да се праша „која е најдолгата патека од една точка до друга?“... За времето тој предлага мерење „во десетинки од секунда, на времето кое е потребно да се изговори зборот ’вечност’“... За просторот и времето, пак, вели: „пред да заспиеш, фиксирај во умот две точки во просторот и пресметај го времето потребно на сон, да се стаса од едната до другата точка“. Фразата на сон останала со мене. Како Тардје и Боб Вилсон да се сретнале. Светскиот ден на театарот можеме да го сумираме и потсетувајќи се на Семјуел Бекет кој на Вини ѝ ги дава зборовите: „Ах, колку убав ден ќе беше“. Кога размислував за оваа порака, а за којашто покана да ја напишам се чувствувам почестена, се сетив на сите соништа за сите овие сцени. Така што во оваа сала на УНЕСКО не доаѓам сама; секој лик кој некогаш сум го играла е тука со мене, улоги кои само навидум заминуваат отако ќе се спушти завесата, но кои во мене издлабиле подземен живот, спремни да им помогнат или да ги уништат улогите кои следат; Федра, Араминт, Орландо, Хеда Габлер, Медеа, Мертеј, Бланш Дибуа...

Додека стојам денес пред вас ме надополнуваат и сите ликови кои сум ги сакала и на кои сум им аплаудирала како публика. И токму затоа му припаѓам на светот. Јас сум Гркинка, Африканка, Сиријка, Венецијанка, Русинка, Бразилка, Персијка, Римјанка, Јапонка, Њујорчанка, Марсејка, Филипинка, Аргентинка, Норвежанка, Корејка, Германка, Австријка, Англичанка – вистински граѓанин на светот, благодарение на личниот ансамбл кој постои во мене. Бидејќи токму тука, на сцената, во театарот, се наоѓа вистинската глобализација.

На Светскиот ден на театарот во 1964, Лоренс Оливие изјави дека по еден век борба во Обединетото Кралство тукушто се формирал Национален театар којшто веднаш сакал да го преобликува во меѓународен театар, барем во поглед на репертоарот. Тој добро знаеше дека Шекспир му припаѓа на светот.

Истражувајќи кој сè ја пишувал поракава, ми беше задоволство да дознаам дека пораката за инаугурацискиот Светски ден на театарот му била доверена на Жан Кокто, достоен кандидат имајќи предвид дека е автор на книгата „Повторно на пат околу светот за 80 дена“. Јас поинаку патував околу светот, јас патував преку 80 претстави или 80 филмови. Ги сметам тука и филмовите бидејќи не наоѓам разлика меѓу играњето во претстави и играњето во филмови, што ме изненадува секој пат кога ќе го кажам, но вистина е, така е, не гледам разлика меѓу двете.

Додека ви се обраќам, јас не сум јас, не сум актерка, јас сум една од многуте луѓе благодарение на кои театарот постои. Тоа е и наша должност, но пред сè наша потреба; како се вели: „Не постои театарот поради нас, туку ние постоиме благодарејќи му нему. Театарот е силен. Тој се спротивставува и преживува сè: војни, цензури, сиромаштија.

Доволно е да се каже дека „театарот е гола сцена од некое неодредено време“ – сè што ѝ треба е актер. Или актерка. Што ќе прават? Што ќе кажат? Ќе зборуваат ли? Публиката чека и ќе дознае. Конечно, без публика нема театар – тоа никогаш да не го заборавиме. И само еден човек е публика. Но да се надеваме на помалку празни столчиња. Освен можеби во „Столовите“ од Јонеско... таму на крај старата вели: „Да, да, да умреме во полна слава. Да умреме за да влеземе во легендите... барем некоја улица да наречат по нас...“

Светскиот ден на театарот постои веќе 55 години. Во 55 години јас сум осма жена која е поканета да ја сочини пораката, ако ова може да се нарече порака. Моите претходници (машкиот род се наметнува!) зборуваа за театар на имагинацијата, на слободата и на оригиналноста за да се евоцира убавина, мултикулурализам, за да се постават неодговорливи прашања. Во 2013, пред само 4 години, Дарио Фо рече: „Единственото решение за кризата лежи во надежта дека ќе се организира еден голем „лов на вештерки“ против нас, а особено против младите луѓе кои сакаат да ја изучуваат уметноста на театарот: новата дијаспора на театарски уметници која од оваа лоша состојба несомнено ќе извлече незамислива корист за еден нов театар“. „Незамислива корист“, звучи како добра фраза, достојна за некоја политичка програма, зарем не?

И бидејќи сум во Париз непосредно пред претседателските избори, би сакала да им предложам на оние кои копнеат да нè управуваат да бидат свесни за незамисливата корист која ја носи театарот. Но притоа да истакнам: без лов на вештерки!

За мене театарот е оној другиот, тој е дијалог, тој е отсуство на омраза. Пријателство меѓу народите – не знам што тоа точно значи, но верувам во заедницата, во пријателството меѓу публиката и актерите, во трајното единство меѓу народите кои театарот ги спојува – преведувачи, едукатори, костимографи, декоратери, професори, практичари и публика. Театарот нè штити, нè засолнува... Јас верувам дека театарот нè сака... онолку колку што ние го сакаме...

Си спомнувам на еден стар режисер од стар ков со кого работев, кој секоја вечер пред да се крене завесата ќе викнеше на цел глас: „Направете пат за театарот!“ – и тоа нека бидат моите завршни зборови за вечерва.

Ви благодарам.

Слики: Ели МекКеј