Нов ден, нова судбина

12.06.2017 17:18
Нов ден, нова судбина

Занимлив е исходот на британските избори, со оглед на сличноста со македонската политичка реалност. Имено, навистина, премиерката Тереза Меј и конзервативците победија (со десетина места помалку и, со тоа, губејќи го досегашното фактичко мнозинство во Британскиот парламент), но претрпеа тежок политички пораз на британските избори, бидејќи Британците, после шокот со Брегзит, со мнозинство на своите вкупни изборни гласови сега решија јасно да го изразат своето незадоволство од начинот – во недостаток на поточен збор што би ни приштедел време и простор за објаснување – со кој се води земјата во анти-европската насока. Да, Британија веројатно ќе продолжи со излегувањето од Европската Унија, бидејќи референдумот ги обврзува сите тамошни политичари на тоа, но ентузијазмот за тој вид на ториевската казино-политика дефинитивно е загубен. Британија се определува за поголема отвореност, демократија и модерност.

Впрочем, главниот актер и минатогодишната глобална ѕвезда на клаустрофобијата и „отцепувањето“ на Велика Британија од ЕУ, Најџел Фараж со неговиот УКИП, со овие избори практично исчезнаа од политичката сцена на Островот. Сега Британија е во процес на составување на малцинска влада, но сѐ уште не е јасно дали лидерот на конзервативците Меј политички ќе преживее за да ја предводи таквата владејачка формација. Конечно, шпекулациите дека можеби уште годинава таму ќе се оди и на нови избори веќе започнаа.

Ова е последната во низата индикации за тоа каде, во политичка смисла, на среден период и со „широка четка“ на генерализирање, оди европскиот континент, после повеќегодишната фаза на десничарско-популистичките успеси: Австријците и Холанѓаните на своите претседателски, односно патрламентарни избори се изјаснија за јасна поддршка за полибералните и про-европски вредности; Макрон во голем стил го врати демократскиот и европскиот оптимизам со својот триумф на изборите во Франција; Британците, еве, „постхумно“ му пресудија на Брегзитот; а точката на „и“ ќе ја донесат германските избори есенва со кои, можеби повторно во широка партиска коалиција, само ќе се потврди бескомропомисниот проевропски, демократски и економски правец на Меркел со кој Германија доминира на Стариот континент.

СТАБИЛНОСТ НИЗ ДЕМОКРАТИЈА

Сето ова, се разбира, го пишувам како обид да го објаснам европскиот контекст во кој се наоѓа безбедносната и надворешно-политичката платформа на која ќе треба да се постави Владата на Заев. Оваа слика би била некомплетна ако не се дополни и со американската политика кон земјава: после сите можни контроверзи со изборот на Трамп, сега веќе со поголема сигурност може да се оцени дека американската политика за Балканот, но и за Македонија останува прилично непроменета – ќе се бара стабилност НИЗ демократија. Криминалци и авантуристи (од секаков вид) АУТ, одговорност и либерални вредности ИН, Русија, Турција и Кина – со целата почит – на пристојна и продуктивна дистанца.

Во практична смисла, овој контекст ќе биде поддржан со неколку значајни иницијативи. Прво, по паѓањето на Груевски и Фамилијата од власт, очигледни се напорите вратата за Македонија за влегување во НАТО да се отворат идната година. Од познатите причини, таа операција не е лесна, но на неа се работи. Второ, по заминувањето на Груевски и Фамилијата од власт (а можеби и од политиката, воопшто), очигледни се напорите вратата за Македонија за влегување во ЕУ да се подотвори веќе оваа година. За тоа ќе треба многу реформи и ПРАВНА ДРЖАВА. Трето, германската најава за „мал“ Маршалов план за Балканот означува дека и Брисел е свесен за своето долгогодишно запоставување на регионот и за одреден нов оптимизам во евро-балканските односи за кој се очекува дополнително да се потврди веќе за време на бугарското преземање на претседателствувањето со ЕУ идниот јануари.

КОРИСНА МИМИКРИЈА?

Во вака поставените евро-американски координати за и околу Македонија, најголемата работа повторно ќе мора да ја одработиме НИЕ, самите. За почеток, ќе треба многу енергија и знаење Македонија да ги врати своите некогаш релативно угледни позиции во Брисел и Вашингтон, „потопени“ од долгогодишното автократско и криминално однесување на Груевски. Запомнете: тие позиции се половина од нашата надворешна политика. Другата половина е нашиот однос кон соседите.

Како неопходен фронтмен за таа работа не би можел да се сетам на подобра личност од актуелниот министер за надворешни работи Никола Димитров и комплиментите изречени за него во македонската јавност нема потреба овде да се утврдуваат и повторуваат. Штета е што во секторот за европска интеграција Али Ахмети ни го поттури националистот, со повремени шовинистички излети, Бујар Османи кој, патем, во секторот на евро-интеграциите влегува со истата компетентност со која, на пример, своевремено Никола Тодоров него го наследи во секторот здравство. Но, барем не може да се каже дека г. Османи е неинтелигентен и без капацитет за политичко прилагодување.

Којзнае, таа негова морално-политичка мимикрија може и да помогне. Особено имајќи предвид дека нашиот надворешно-политички „трилинг“ со својата компетентност и авторитет го надополнува Рада Шеќеринска. Со други зборови, има во таа тројка не само победнички надворешно-политички капацитет, туку има и значајна внатрешно-политичка симболика. Имено, ако надворешната политика треба да е одраз на внатрешните состојби во една земја, тогаш помеѓу искрениот и чесен вмровец Димитров и еден од долгогодишните корифеи на македонската социјал-демократија Шеќеринска се наоѓа „ластикот“ на албанската политичка шизофренија на ДУИ, оптегнат меѓу ВМРО и СДСМ, Османи. Ах, да, за улогата на г. Иванов во македонската надворешна политика се негуваат скромни очекувања: да не се глупира и да не ги фаќа копчињата.

БЕЗ ДРАМИ, МОЛАМ!

Така, некако, балансот на „задните седишта“ на македонскиот надворешно-политички тим е воспоставен. Зад воланот на овој владин „автомобил“, на предното седиште, седи Заев. Неговата решеност за еманирање позитивна енергија кон Вашингтон, Брисел и соседите не може да се доведе во прашање. Очекувам односите со Бугарија рапидно да ги подобриме, со истата упорност со која односите со Грција постепено ќе ги подобруваме. Со Србија ја наследуваме истата компликувана шема во која живееме 27 години: Белград Македонија главно ја посматра низ својата политика кон Албанците генерално, и кон Косово посебно; ќе треба да се вложат големи напори за еманципација во таквите македонско-српски односи, особено што на тие линии руското влијание е значајно и валкано и ќе остане такво во догледно време.

Што се однесува до динамиката на нашите односи со Албанија – кога од таа динамика ќе ги исклучите македонско-албанските односи во самата Македонија – мислам дека проблемите се повеќе во речникот, кој повремено ја оптоварува суштината на тие односи, отколку што е проблемот во некакви „отворени“ прашања на релацијата Скопје-Тирана. За Косово, пак, ќе треба да причекаме да го видиме тамошниот постизборен распоред, но таа равенка има значително неискористени економски и други потенцијали кои со потесната координација со меѓународниот фактор ќе придонесе за релативно флуидно одвивање на приказната.

Дополнително, со фактот што Грција, Бугарија и Албанија се членки на НАТО, а Косово е во „сопственост“ на НАТО, најголем дел од безбедносните регионални импликации за Македонија се пристојно уредени, без голем капацитет за драми. Треба да сте будала за да верувате дека НАТО само што не се распаднал, како што упорно нѐ уверуваа некои од најгласните пропагандни мегафони на политиките на Груевски. Напротив, мислам дека Западот, барем на среден рок, ја утврди својата „нова јужна европска граница“ со останатиот свет: тоа ќе бидат Грција и Бугарија, чијашто „заднина“ – а, Македонија пред сите – мора решително да се стабилизира, токму затоа што еден од најважните членови на НАТО, Турција, самата бира да остане отаде „линијата на поделба“ кон Блискиот и другиот Исток.

Некаде во Библијата ќе треба да пишуваше дека „секој нов ден ви носи нова судбина“. Ми се чини дека Заев, низ стратегиските партнерства што ги гради и со употреба на модерни сателитски и други техники, добро ја проучил временската прогноза во „новиот ден“ за Македонија да може „новата судбина“ поцврсто да ја фати во сопствените раце.


Слики: Ahmet Aykanat
Извор: Слободен печат