„Чадорот“ победи!

05.12.2019 14:57
„Чадорот“ победи!

Самитот на НАТО во Лондон заврши со јасна официјална порака за единство во делувањето и целите на Алијансата. Тоа е многу подобар исход од најавите за разлики меѓу клучните актери на земјите-членки на НАТО и вестите за разните меѓусебни ситни подметнувања, навреди и шегувања на туѓа сметка (главно на сметка на Трамп) помеѓу „градинката за возрасни“ наречена лидерски самити на НАТО во последните две-три години.

Фактот дека Македонија е (речиси) полноправно седната на таа маса на најмоќната светска воена алијанса која се грижи за заедничкиот мир на над милијарда луѓе е – здивот да ви се одземе! … Молам ова да се прочита неколку пати: ЗНАМЕТО НА МАКЕДОНИЈА (СЕВЕРНА) ВО АЛЕЈАТА ПРЕД БАКИНГЕМСКАТА ПАЛАТА СЕ ВЕЕШЕ ПОМЕЃУ БРИТАНСКОТО И АМЕРИКАНСКОТО ЗНАМЕ!

За една земја во која, така неодамна, нашите баби и дедовци учеле на сите можни балкански јазици, во зависност од тоа во кој дел од школската година која регионална сила нè земала под своја експанзионистичка администрација, ова е постигнување од епохален карактер. На времето, моравме да ја киднапираме Мис Стон за да го привлечеме вниманието на светот за маката од нашето постоење. Сега пиеме чај од порцеланот на британската кралица, на истата маса со неа. (Иако и денес не е баш јасно каде отидоа сите пари од откупот исплатен за Мис Стон…)

Знаете, можеби, ваше право, сте пацифист и не верувате во ползата од воените алијанси; можеби сте уверени дека НАТО е пред пропаст и дека иднината е во Азија или на Марс; можеби мислите дека проблемите со животната средина се далеку поголема закана по човечкиот опстанок, од проблемите со безбедноста во светот или на континентот на кој живееме; можеби утре ќе престане да се врти земјината топка или можеби удар на метеор од вселената идната недела ќе ја збрише човечката раса; а можеби и сегашната опозиција ќе победи на идните парламентарни избори и ќе се врати на власт во државата – но, со Македонија ништо повеќе не е исто по седнувањето на масата на НАТО.

Со тоа се става историска точка на остварувањето на аспирациите на десетина мултиетнички генерации кои живееле и сè уште опстојуваат на просторот на овој дел на географска Македонија, кој отсекогаш имал поголем експлозивен потенцијал од интегративна моќ. Кој можеше да се надева дека таа историска чест ќе ѝ припадне токму на нашата генерација?

„Чадорот“ победи. Фала, пријатно.

Ајде сега да си се вратиме на секојдневието на нашата неуморна политичка и меѓучовечка злоба и завидливост. Ние, како прасиња, најмногу уживаме да се валкаме во таа кал. Повелете, кој прв ќе плукне?

Гиф: Dain Fagerholm

Извор: civilmedia.mk