Во име на Уставот: механизми на исклучување на малцинствата во Бугарија

27.07.2017 16:48
Во име на Уставот: механизми на исклучување на малцинствата во Бугарија

Иако припадниците на малцинствата сочинуваат околу 12-14 отсто од населението, Бугарија официјално нема партии кои ги претставуваат. Дотолку, основањето малцински партии е забрането со закон под изговор за рамноправност на државјаните без оглед на националноста. Тоа, секако, во пракса значи дека речиси сите партии се бугарски и националистички, а малцинствата се присилени на „мамење“ на системот.

Етничките судири често се врзуваат со подрачјето на поранешна Југославија, но помалку е познато дека во доцните 1980-ти и Бугарија беше на работ на војна. Уште од 1956 бугарскиот режим стануваше сè повеќе националистички ориентиран што кулминираше со т.н. Процес на преродба помеѓу 1984 и 1989. Него го обележа присилната бугаризација на Турците, Ромите муслимани, како и на муслиманската заедница која го зборува бугарскиот како мајчин јазик (Помаците). Прокламираната цел беше „хомогенизација“ на бугарската нација, која влучуваше присилна промена на имињата (дури и на починатите луѓе). Тие години околу 350 илјади луѓе побегнаа во Турција, што го означи неуспехот на оваа асимилација. „Процесот на преродба“ е оправдуван со тврдењето дека сите тие луѓе и онака се потомци на христијани, кои наводно Османлиите насилно ги исламизирале. Затоа тој требало да биде некаков вид ресторативна правда, додуша задоцнета пет до шест векови.

Социјалистичката држава подолго време изразуваше нелагодност поради присуството на Помаците и Турците, особено по 1956. Пред тоа сталинистичкиот систем ја организираше државата на основи кои денес би ги нарекле „мултикултурни“. Воспоставени се активни политики на самоопределување, како што е поддршка на образованието и медиумите на малцинските јазици. Уставот од 1947, на пример, гарантира право на образование на мајчин јазик, што денес е незамисливо. Националистичката десница никогаш не им прости на комунистите за нивната претходна поддршка на македонското самоопределување, која ја карактеризираше и надворешната и внатрешната политика на раниот период на социјалистичката држава. Работата стоеше поинаку со религијата, на која државата втемелена на напредок и атеизам гледаше со недоверба, па затоа во руралните краишта повремено се покренувани кампањи за „напредно воздигнување“ од „заостанатоста“, кои особено ги зафатија муслиманските краишта.

Постсталинистичкиот период на бугарскиот социјализам претставува силен пресврт од оваа политика. Во текот на „Процесот на преродба“, бугарските Турци во медиумите отворено се нарекувани „петта колона на турската буржоаска држава“. Турците се спротивставуваа на масовната асимилација преку мирни средства, како протести, штрајкови и бојкоти, а многу мал дел од нив се решија и на вооружен отпор против државното насилство. Во таква состојба Бугарија го дочека колапсот на социјалистичкиот систем и изработката на нов Устав. Бугарската социјалистичка партија (БСП) како наследничка на Комунистичката партија победи на изборите за Уставотворно собрание, па ја поништи бугаризацијата на турските имиња, но исторвремено инсистираше во новиот устав да се внесе одредба за забрана за основање „етнички партии“. Иако од „Процесот на преродба“ Бугарија начелно се откажа, турското малцинство немаше можност да учествува во договорите за бугарската транзиција во 1990 година.

„Етнички“ партии?

Наместо да се огради од националистичките обиди за „хомогенизација“ во 1980-тите, новата елита во Уставот внесе некои од најлошите елементи на таа политика, како прокламацијата, божем преземена од францускиот републикански модел, за нацијата како „една и неделива“ и бугарскиот како единствен дозволен јазик. Проблемот е во тоа што, и покрај божемната неутралност и универзалност на ваквиот наводен републиканизам, праксата беше далеку од слепа за разликите кај населението. На секое рамниште (на пример, во училиштата, медиумите, распоредот на неработни денови) државата се водеше до тесно сфатеното бугарско православие како стандард. Државното образование, така, сосема случајно ги исклучи сите малцински јазици на кои се подучуваше уште во доцните 1940-ти. Во исклучувањето авторите на новиот Устав се водеа од решенијата од 1971, со кои тогашната социјалистичка држава ги поништи претходните малцински права која самата ги овозможи.

Освен образование на македонски јазик, на малцинствата им е забрането и политичко организирање во самата заедница. Така, Уставот експлицитно наведува: „не смее да се основаат политички партии на етничка, расна или верска основа, како и партии кои за цел си поставуваат насилно преземање на демократската власт“. Со тоа се имплицира дека „етничките партии“ настојуваат „насилно“ да ја преземат власта, а одредбата е директен обид да се спречи претворањето на движењето против „Процесот на преродба“ во политичка партија. Филозофот и поранешен политички затвореник од редовите на турската заедница, Ахмед Доган, во 1990 се обиде да регистрира партија со име Движење за правда и слобода (ДПС). Група бугарски пратеници безуспешно се обидоа да ја забранат организацијата, но надлежниот суд не успеа да дојде до дефиниција што би било тоа „етничка партија“. Во меѓувреме, и онака се регистрирани бројни „христијански“ партии (иако и тоа би требало да биде забрането), а освен тоа повеќето партии отворено сакаат да ги претставуваат Бугарите како етничка група. Никому не му падна на памет дека етницитетот не е нешто што го имаат само малцинствата.

ДПС така ги преживеа обидите за забрана и во наредниот период ќе игра улога на јазиче на вагата во двопартискиот систем во кој на власт се менуваа поранешните комунисти и антикомунисти. Спремноста на соработка со сите ѝ донесе на партијата лоша репутација, но ДПС настојуваше да се прикаже како заштитник на сите граѓани и гарант на она што се нарекува „бугарски етнички модел“. За време на војните во поранешна Југославија, тој модел стана предмет на гордост на бугарската елита која ја претставуваше земјата како пример за соживот и мирно решавање на судирите во регион кој е „природно“ склон кон судири (во што веруваат дури и многумина на левицата). Но, таа фантазија брзо се распрсна како што растеше отвореното непријателство кон ДПС. Тоа доаѓаше од повеќе извори: екстремната и либералната десница ја доживуваа нивната позиција на чувар на соживотот како уцена, а другите партии ги критикуваа нивните наводни врски со организираниот криминал.

Предизвик на отворениот расизам

Според класичната либерална интерпретација, ДПС ги држи своите гласачи во „феудална зависност“ и „вештачка сиромаштија“ за да може да манипулира со нив. Појавата на екстремно десничарската партија Атака во 2005 година го засили презирот кон ДПС на целата политичка сцена, со оглед на тоа дека таа партија водеше успешна антитурска (и антисемитска) кампања. Една од побизарните линии на критика на ДПС и „етничкиот модел“ доаѓа од поранешниот премиер Иван Костов, кој во 1990 ја водеше антикомунистичката опозиција, а по доаѓањето на власт спроведе најизразита приватизација и пазарна реформа. Од неодамна, шефот на тинк-тенкот за „менаџирање ризици“, Костов, редовно објаснува дека ДПС и „моделот“ истовремено водат кон „исламизација“ на земјата и воспоставување атеизам во комунистички стил, и секако, дека целта е етничка поделба на земјата која би требало да се „обедини“.

Иако нападите на бугарските партии се сконцентрираа на ДПС, тој не остана единствена „етничка“ партија. Во 2009 година е поднесено барање за регистрација на Муслиманско-демократски сојуз, што сите партии веднаш го осудија како „провокација“. ДПС побара и истрага за оваа наводно „исламистичка“ организација и се повика на истата уставна одредба која порано беше користена против нив. Десничарската партија Демократи за силна Бугарија, која самата е втемелена на „христијански вредности“, ја обвини ДПС за основање на оваа нова партија поради застрашување на противниците. Четири години подоцна, новата партија ПОМАК предизвика ист вид параноја која доведе до нејзино брзо исчезнување. Обединетата македонска организација Илинден, пак, се смета за нелегална и изложена е на полициска репресија и забрани за симболично одбележување на настани од македонската историја. Поради ова, организацијата дури и доби пресуда против Бугарија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Иако бугарските Роми до сега главно гласаа или за БСП или за ДПС, оваа година социјалистите исфрлија две ромски партии од својата коалицја, а ДПС минатите години настојува да се позиционира како претставник на сите бугарски малцинства. Тие се единствената партија која се спротивставува на расистичките испади на политичарите како оној кога во 2014 тогашниот министер за здравство објави дека амбулантите возила нема да влегуваат во ромските гета или дивјачкиот расизам на претставникот на екстремната десница кој ги нарече Ромите „хуманоиди заразени со беснило“, кои се водат од „инстинкт на кучка-скитничка“. Авторот на последнава изјава, Валери Симеонов, во моментов е претседател на Националното собрание за соработка во етничките и интеграциските прашања... Но антирасистичкиот став на ДПС за жал е проследен со цврста верност на неолибералната политичка рамка.

Изборен цензус

Иако стереотипно се доживува како многу ригидна и „дисциплинирана“ партија под цврста контрола на својот авторитарен водач, ДПС сепак доживеа неколку расцепи. Уште во 2011, заменикот на Доган, Касим Дал, одненадеж ја напушти партијата и основаше нова образложувајќи го тоа со откритието дека неговиот партиски шеф за време на социјализмот работел за тајните служби. Значително поважен од овој судир беше оној до кој дојде откако Доган му ја препушти својата позиција на Љутви Местан. Кога во 2016 турски воен авион сруши руски бомбардер на сириско-турската граница, Местан во име на ДПС силно ја поддржа Турција. Тоа го натера Доган да се врати од пензија и да го смени во внатрепартиски пуч. Местан од судирите се сокри во турската амбасада, а наскоро основаше и нова партија под името Демократи за одговорност, слобода и толеранција (ДОСТ).

Кратенката ДОСТ воедно е и турски збор за „пријател“, што веднаш предизвика голема паника меѓу бугарските партии и медиуми, а судот најпосле ја одби регистрацијата на партијата, повикувајќи се на - турскиот речник. ДОСТ сеедно можеше да излезе на изборите како коалиција, а во кампањата диретно им помагаа и претставници на турскиот режим. Но, таа стратегија не им помогна многу, а интересно е и како од малиот број бугарски Турци кои излегоа на турскиот уставен референдум, големо мнозинство гласаше против. Истовремено, бугарската десница се потруди значително да им го отежни гласањето на бугарските избори на лицата со двојно државјанство, од кои многумина побегнаа во Турција за време на „процесот на преродба“. Прво е намален бројот на избирачки места, потоа екстремните десничари насилно ја блокираа границата и физички ги напаѓаа гласачите кои се обидуваа да ја преминат, а потоа изборната комисија прогласи дека гласачите мораат своерачно да ги пополнат ливчињата, без нечија помош. Со тоа сосема противуставно се воведе образовен цензус во изборниот систем.

Сето ова добро објаснува зошто освен ДПС не постојат партии кои би ја одразувале етничката разноликост во Бугарија. Ситуацијата всушност му одговара на ДПС кој редовно ги користи уставните одредби изворно насочени против него, за да го поддржи гушењето на секаква конкуренција. Истовремено, другите партии речиси воопшто не вклучуваат припадници на малцинствата на своите листи. Положбата на малцинствата, меѓутоа, не ја илустрира само нивната политичка застапеност. Бугарија во последните денови ја потресуваат етнички тензии, односно големи расистички демонстрации до кои дојде откако група Роми се одбрани од напади на „етнички Бугари“. Расистите успеаја да соберат десетици илјади луѓе и едвај е избегнат поголем погром. Толку за „бугарскиот етнички модел“.

 

Авторката му се заблагодарува на Георги Мeдаров за помошта во изработката на овој текст.

 

Извор: Bilten
Фотографии: Вању Крастев, улични интервенции во Софија

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото