„Bat Robot“ - робот инспириран од лилјак

19.08.2017 13:23
„Bat Robot“ - робот инспириран од лилјак

Исклучителните акробатски способности на лилјакот се инспирација за научниците од Технолошкиот институт во Калифорнија, за создавање на нов вид робот кој може да лета. Таквиот робот еден ден би требало да може да доставува пакети или да прегледува подрачја зафатени од природни катастрофи.

Лилјаците имаат најсофистицирани крила во животинскиот свет. Во нив се наоѓаат околу 40 зглобови кои им даваат исклучителна подвижност за време на летот. „Секојпат се одушевувам кога ќе ги видам лилјаците како се превртуваат во воздухот или како нагло се свртуваат кога го фаќаат пленот“, вели Сун-Јо Чунг, еден од авторите на студијата објавена во списанието Science. Порано научниците изработувале роботи кои наликуваат на инсекти или птици. Кога се обиделе да изработат робот кој имитира лилјаци, немале успех поради големиот број зглобови кои се наоѓаат во крилата.

Меѓутоа, Чунг и неговите колеги успеале да го направат роботот со името „Bat Robot“ или B2 кој може да лета и да се врти како лилјак, зашто откриле кои компоненти се клучни за работата на крилата, а тоа се зглобовите во рамената и лактите. „Bat Robot“ има тенки и еластични крила за разлика од претходните модели со крути крила. „За време на летот, флексибилните крила се полнат со воздух и кога ќе се вратат на место го исфрлаат воздухот, што им овозможува дополнително подигање“, вели Сет Хачинсон, инженер по роботика и еден од авторите на студијата.

Зглобовите во крилата се изработени од 3-D пластика и прекриени со мека, тенка и трајна кожа од силикон. Роботот има 93 грама и распон на крилата од 47 сантиметри. За време на пробниот лет, роботот можел да лета со брзина од 5,6 метри во секунда. Научниците сметаат дека е посигурен за употреба од комерцијалните дронови поради мекоста на крилата и малата тежина. Ако се залета кон луѓе или некои други објекти, не би предизвикал речиси никаква шета за разлика од дроновите.

Овие роботи би можеле да имаат широка примена. На пример, во домаќинствата и болниците би можеле да им помагаат на старите и неподвижни лица, да им донесат предмети кои тие самите не можат да ги дофатат.

Извор: Science

ОкоБоли главаВицФото