Србите не се будали

22.08.2017 23:58
Србите не се будали

Го пишувам овој текст по повод евакуирањето на српскиот дипломатски персонал од Скопје, поради „офанзивниот разузнавачки третман врз нив“, со сиот ризик да бидам прогласена за некомпетентна и површна.

Ќе почнам од она што јас го знам и подразбирам под поимот „дипломат“. Тоа е лице кое ја претставува својата држава во странска земја и преку кого се одвива целокупната билатерална комуникација меѓу неговата матична и државата на неговото назначување. Покрај тоа, дипломатот има обврска (повторувам – обврска) да создава контакти и пријателски врски од кои ќе дознава и црпи информации за внатрешните состојби во државата на неговото назначување, кои се од интерес за неговата матична држава. А доколку, како во случајот меѓу Македонија и Србија, се работи за соседи со катрљон тесни официјални врски и приватни конекции, интересот е мултиплициран. Значи, се сретнува со актуелни и бивши функционери, со лидери на политички партии, со бизнисмени, со професори, со академици, со лекари, со адвокати, со обични луѓе и со „необични“ луѓе, со цел да се информира и да обезбеди релевантни податоци од интерес на неговата матична држава.

Простете, ама нели ова се нарекува разузнавање? Јас мислам – да. Сигурна сум дека нашите професионални дипломати за ваквиот вид активности на странските амбасадори ќе најдат оправдувања содржани во некаква Виенска конвенција на која постојано се повикуваат, ама исто толку сум сигурна дека нашите контраразузнавачи не се согласуваат со нив. Резултат на ваквото „несогласување“ е следниов факт: Во сите внатрешно безбедносни структури во сите земји во светот, постојат посебни оддели кои ги следат странските дипломати, со напомена дека терминот „следат“, технички и технолошки би требало да се сфати прилично релативно (барем според шпионските филмови). Зошто?

Прво, затоа што во составот на амбасадите има и официјални разузнавачи (преку примерот на извесен Живаљевиќ, дознав дека таквите се викале „офицери за врска“, иако не знам за каква) и второ, затоа што дипломатите често знаат да ја преминат „виенската линија“ и да започнат да се мешаат во внатрешните работи на земјата домаќин. Веројатно, токму затоа постојат таквите контраразузнавачки оддели во домицилните оддели на службите за безбедност и, што е уште поверојатно и очекувано, веројатно и самите дипломати се свесни дека се цел на постојана присмотра.

И? Што е тука чудно и необично за да се крева хистерија околу тоа за во недела навечер да се повлекува комплетниот дипломатски персонал на ѓоамити некакви консултации во Белград, небаре се работи за објава на војна, на која вообичаено ѝ претходи целосен прекин на дипломатските односи? Да се закопаме по ровови?

Овие прашања не им ги поставувам на фронтмените на српската политика, претседателот Вучиќ и шефот на дипломатијата, Дачиќ. Според мене, не е спорно што тие двајца решиле на јавна сцена да прават будали од себе и да се повикуваат на некакво „офанзивно разузнавање на македонските служби против нивните дипломати“, иако, да бидам искрена, немам поим што е „офанзивно“, а што “дефанзивно“ разузнавање во сопствената држава. Лично ме погодува тоа што обајцата зад себе имаат моќна медиумско – пропагандна машинерија и сејат омраза меѓу два, тесно поврзани народа. Ги следам коментарите на нарачаните новинарски текстови кои се преполни со омраза, потценување и навреди за македонскиот народ што лично ме засега, бидејќи мојата покојна мајка беше Србинка и имам многубројни роднини и пријатели во Србија. Токму поради тоа чувствувам потреба, но и обврска да го порачам следново:

-„Браќа Срби. Не дозволувајте будалетинки и шарлатани од типот на Вучиќ и Дачиќ да прават будали од вас. Тие ве манипулираат и лажат, бидејќи само така можат да останат на власт и да ја злоупотребуваат политичката моќ за лични и лукративни цели. И ние имавме такви во ликот и делото на нивните блиски другари и соработници, Груевски и Мијалков. Собравме сили и ги симнавме од власт, а многу скоро ќе ги испратиме таму каде што заслужуваат да бидат. Направете го и вие истото и исшутирајте ја бандата која ве лаже, краде, манипулира и ви всадува омраза кон сите ваши соседи, било да се тоа Македонци, Албанци, Хрвати, Бошњаци или несоседни странски сили. Од сѐ срце ви го посакувам Македонското сценарио.

Искрено ваша,

Гордана Посимонова,

Скопје - Македонија “

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики:

ОкоБоли главаВицФото