Размисли за јазиците

13.09.2017 03:58
Размисли за јазиците

Ни треба институција која ќе се грижи за унапредување на сите мајчини јазици во Македонија, сите јазици на кои се образуваат учениците, како и јазиците на нашите соседи.

Албанскиот јазик секако треба да продолжи да се унапредува, затоа што речиси 30% од запишаните првачиња се образуваат на албански јазик. Државата треба да помогне со организирање на бесплатни курсеви за албански јазик секаде каде што има интерес и бесплатни преведувачи во сите државни институции каде што има потреба.

Но, не треба да се заборави и на другите јазици. Не е лошо да се размисли и за воведување на англискиот јазик како службен јазик, бидејќи ми се чини дека и него го говорат над 20% од населението. Тоа нема да им помогне само на странците кои живеат во Македонија, туку и на добар дел од децата на нашите иселеници кои го заборавиле македонскиот јазик или воопшто не го научиле. Издигнувањето на англискиот јазик на ниво на службен јазик ќе го олесни и привлекувањето на странски инвестиции и културната размена со сите други земји.

Државата треба да ги негува и јазиците кои ги употребуваат нашите соседи. Со организирање на бесплатни курсеви за српски, бугарски и грчки јазик се олеснува комуникацијата со соседите, се зголемува економската размена и се развиваат добрососедските односи.

Македонија нема ништо да изгуби ако воведе јазични политики со кои ќе се унапредуваат мајчините јазици на нејзините граѓани. Правото да се комуницира и создава култура на мајчиниот јазик е човеково право и затоа државата треба да создаде услови и за негување на турскиот јазик, ромскиот јазик, бошњачкиот јазик, српскиот јазик, влашкиот јазик, па и јазиците на кои зборуваат уште помалите заедници.

Од економски аспект гледано, треба да се негуваат и јазиците на оние држави со кои имаме или сакаме да имаме добри економски односи. Во таа смисла, не би било лошо државата да го стимулира и изучувањето на германскиот јазик и на кинескиот јазик, бидејќи Кина и Германија се светски економски џинови, покрај САД.

Историски гледано, на овие територии секогаш се зборувале различни јазици и тоа не било проблем луѓето да живеат и меѓусебно да се разбираат. Да спомнеме само дека во Македонија се зборувал до пред 75 години и јазикот ладино, од страна на дел од еврејската заедница која беше депортирана во нацистичките логори на смртта.

На територијата на Македонија можат да се пронајдат натписи и записи на многу писма, и истите можат едукативно да послужат за разбивање на предрасудите дека негувањето на употребата на другите писма и јазици може да ја загрози употребата на македонскиот јазик како службен јазик.

Наспроти досегашната децениска практика на негрижа кон македонскиот јазик како словенски јазик, систематската грижа за македонскиот јазик треба да биде надополнета и со систематска грижа за албанскиот јазик, но и за другите мајчини јазици на помалите заедници.

Јазиците се богатство, а за богатството треба да се грижиме.

Ако не се грижиме, опаѓа нивната вредност.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Rebecca Chaperon