Јазикот на другиот и медиумите во Македонија

13.07.2016 15:43
Јазикот на другиот и медиумите во Македонија

Дали се во право тие што тврдат дека за македонските медиуми вест за насилната смрт на едно албанско дете не е вест? И која е причината што некои од најголемите информативни портали непрофесионално се поставија кон овој случај, а го истретираа дури кога тој произведе пошироки општествени последици (еднонационални протести и зголемување на меѓуетничките тензии)? Има ли, конечно, во Македонија, две паралелни реалности – една македонска и една албанска – кои на човечко, граѓанско ниво воопшто и не се среќаваат, не се допираат?

 

 

Ќе беше ли смртта на малиот Алмир повод за меѓунационални тензии доколку Македонците и Албанците подобро комуницираа меѓусебно? Одговорот е, по сè изгледа – не! Во земјата, во која дел од фолклорот со кој се гордееме се поговорките „Колку јазици познаваш толку луѓе вредиш“ и „Јазикот коски нема, ама коски крши“, општеството денес има проблем со говорењето, со разбирањето, со меѓусебната комуникација на своите граѓани. Можеби некому тезава ќе му се чини изнасилена или можеби депласирана при изобилството проблеми испливнати на површината на жестоката политичка криза: што е еден јазик (или подобро речено два) во земја во која владее ендемски политички антагонизам, правна несигурност, медиумски искреирана виртуелна реалност и сеење омраза кон неистомисленикот, корупција во размери на африканските диктаторски режими? Но, јас одговорно тврдам дека клучот е во –јазиците. Македонскиот и албанскиот, да бидам попрецизна.

ДАЛИ СМРТТА НА ДЕТЕ Е ВЕСТ?

Еден трагичен случај во кој беа вмешани Македонци и Албанци и во кој, според досега познатите факти, едно албанско семејство настрада во насилен акт извршен од Македонец, а детето Алмир почина од сериозните повреди кои му беа нанесени, ги вознемири духовите, особено оние национал-патриотските, и покрај апелите трагедијата да не се користи за ширење меѓунационална омраза. Кој може да биде имун на детско страдање, кого нема да трогне смртта на четиригодишно дете, кое со ништо не придонесло за својот трагичен крај, освен што се нашло на патот на возилото, управувано од човек за кој се знае дека е етнички Македонец, а, кое, според кажувањата на сведоците и снимките од безбедносната камера, било намерно прегазено? Медиумите јавија за смртта на детето, социјалните мрежи буквално се усвитија од споделувањето на информациите, ставовите, сочувсвствата и на згрозувањето од чинот, од осудите на сторителот, но тоа не ја смени перцепцијата на дел од јавноста од албанска провениенција дека од страна на македонската јавност осудите не се доволно силни, сочувствата доволно искрени, а барањето правда за жртвите доволно интензивно. Според нив, веста за мртво албанско дете ја нема истата тежина што би ја имала вест за смрт на едно Македонче. И, да, македонските медиуми повторно дојдоа на тапет – тие, според овој дел од јавноста, никогаш, па ни сега, немаа слух за она што се случува во дел од државата, за нив маките на албанскиот граѓанин не се доволно атрактивна вест како што би бил случај кога жртви би биле етнички Македонци. Има ли вистина во тоа? Пребарувањето по архивите на медиумите на македонски јазик во државава укажуваат на тоа дека голем дел од нив ден по настанот ја имаа веста и дека таа главно коректно била пренесена, без апострофирање на етничката припадност на жртвата и на сторителот. Проследен беше и развојот на случајот: притвор за сторителот, смртта на детето од адобиените повреди, погребот, протестот.

НЕМА ПАРИ, НЕМА СТАНДАРДИ – ИМА ПОЛИТИКА

Но, кваката е во она „главно“: јавниот сервис МРТ и државната информативна агенција МИА, на пример, за инцидентот или известија половично или задоцнето. Така, на веб-страницата на МТВ1 на македонски јазик вести поврзани со настанот во Куманово воопшто и нема, додека, пак, МИА информира нецелосно, пост фестум, односно откако почина повреденото дете и беа организирани протести, кога на целиот случај му беше дадена етничка димензија. Како е можно еден јавен сервис, кој, патем, има и своја редакција на албански јазик, така да потфрли во информирањето на јавноста и во заштитата на јавниот интерес и чија била проценката дека веста за убиство на детето не треба да се најде меѓу неговите содржини, е прашање на кое би требало да одговори раководството на Македонската телевизија, пред јавноста и пред својот основач – македонското Собрание. Но, дали некој некогаш тоа прашање ќе им го постави во услови на целосна партизираност на линкот помеѓу МТВ и македонското општество? Истото, се разбира, важи и за Македонската информативна агенција, која во критичните денови пренесуваше и банални информации, но не извести ниту со еден збор за самиот инцидент.

Дали се во право оние кои тврдат дека за македонските медиуми вест за насилната смрт на едно албанско дете не е вест? И која е причината што некои од најголемите информативни портали непрофесионално се поставија кон овој случај, а го истретираа дури кога тој произведе пошироки општествени последици (еднонационални протести и зголемување на меѓуетничките тензии)? Има ли, конечно, во Македонија, две паралелни реалности – една македонска и една албанска, кои на човечко, граѓанско ниво воопшто и не се среќаваат, не се допираат?

Колку и да звучи банално, причината за тоа што некои медиуми на македонски јазик ја одмолчаа смртта на Алмир, најверојатно лежи во едноставниот факт што нивните редакции, одамна сведени на мал број новинари, принудени на „multitasking“, едноставно немаат новинари што го познаваат албанскиот јазик и кои би ги следеле медиумите на албански јазик во Македонија и пошироко, настапите на политичарите Албанци на локални и странски медиуми и настани и би ги презентирале гледиштата, ставовите и темите значајни за овој дел од домашната популација, што секако би придонесло за подобро разбирање на комплексната македонска политичка и општествена реалност.

СЕ СЕЌАВА ЛИ НЕКОЈ ДЕКА „А1“ ИМАШЕ НОВИНАРИ АЛБАНЦИ?

Вината би требало да се бара некаде помеѓу перманентното девалвирање на организационите, еднакво како и на новинарските стандарди во редакциите на најголемиот број медиуми (отпуштања на искусни и на докажани професионалци со интегритет и вработување на кадри по партиска линија, немање слух за вработување билингвални новинари, сè поради божемно намалување на трошоците) и реалноста дека има малку новинари – Македонци кои воопшто го зборуваат албанскиот јазик, а далеку од тоа да владеат со јазикот доволно за да можат да го користат при работа. Ангажман на човек однадвор е дополнителен трошок и тој е надвор од дискусија, особено кога уредништвата немаат перцепција дека тоа му треба на медиумот. Тука неминовно се наметнуваат споредбите со телевизија „А1“, во чијашто редакција работеа неколкумина етнички Албанци, заедно со другите колеги, пишувајќи го тој дел од историјата на новинарството во Македонија. Со нејзиното згаснување, како да згасна и желбата да се следи еден успешен модел на мултиетничка редакција. Денес, иако дел од нив имаат изданија преведени на албански јазик, барем што се однесува до медиумите на македонски јазик, редакциите се доминантно моноетнички, а мултиетничноста, а со тоа и билингвалноста, постои во медиумите на албански јазик, пред сè, во телевизиите (Алсат, ТВ21, Шења).

ПЛАШИЛОТО НАРЕЧЕНО БИЛИНГВАЛНОСТ

Но, билингвалноста во новинарството допрва треба да чека да дојде на дневен ред, дури откако за неа ќе се отвори дискусија во рамките на посткризното македонско општество. И, додека Македонија допрва треба да го скрши мразот на билингвалност, таа освојува нови медиумски простори, дури и во земји со окостен монолингвален медиумски амбиент (САД, Шпанија). Билингвализмот, впрочем, како баук лебди над македонското општество уште од осамостојувањето и со него националистите од обете страни веќе две и пол децении успешно плашат мали деца како со Баба Рога. За Македонците познавањето на албанскиот јазик сè уште е табу-тема за која претпочитаат да не се изјаснуваат јавно, а само похрабрите признаваат дека тоа спаѓа во темелите на изградбата на едно вистински граѓанско општество.

Од друга страна, ако Албанците по двете децении исполнети со епизоди какви што беа „Универзитетот Мала Речица“ или 2001 година, билингвалноста по потреба ја користат како адут за политичко раскусурување, сепак, во огромно мнозинство целосно или делумно го познаваат македонскиот јазик, ако ѝ се верува на анкетата спроведена од „Дневник“ од 2012 година. Според истата анкета, пак, албанскиот го зборуваат поразителни три проценти етнички Македонци, а плукањето по предлозите за учениците Македонци да го изучуваат албанскиот јазик сè уште важи за национален спорт во македонскиот табор.

Во услови на ваква подвоеност, сликата во македонските медиуми е полесна за разбирање. Декларативните заложби за изградба на мултиетничко општество во државава останаа на праговите на македонските редакции за да сведочат за подвоеноста во кое живее македонското општество денес. Во такви околности, парафразирајќи го фејсбук-статусот на колешката Кристина Озимец, ние денес имаме не едно туку две паралелни општества, во кои имаме албански и македонски настани, албански и македонски вести, албански и македонски медиуми во кои новинарите Албанци ѝ се обраќаат на албанската јавност, а новинарите Македонци на македонската.

Дали на македонското општество, длабоко потонато во криза, прво му треба – не меѓунационално, не политичко, туку јазичко помирување, за да тргне напред? И зошто новинарството да не биде патот преку кој тоа јазичко помирување ќе ѝ се случи на Македонија? А, потоа можеби смртта на малиот Алмир, колку и да е апсурдна и залудна, сепак, некого ќе тргне од затупеноста и ќе го натера ова да го земе предвид, можеби некаде помеѓу две седнувања на преговарачка маса и не откако сите шанси ќе паднат во вода.

Оваа новинарска лекција е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Новинарската лекција e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на новинарската лекција е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).

Слики: KEROZEN

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото