Губитничко Дуо Трио

30.10.2017 12:56
Губитничко Дуо Трио

Со кампањата којашто ја водеше меѓу двата изборни круга, јасно е дека „Малиот Кастро“ одамна се подготвуваше (со помош на „длабинска анализа“) да не ги признае изборните резултати. Всушност, на Грујо не му ни одговараше некој од кандидатите на неговата партија да победи и да стане градоначалник, бидејќи состојбата „колку полошо, толку подобро“ е единствената формула со која може да се опише неговата натамошна стратегија за преживување во самата партија.

Што вели еден пријател, интересно е како, кога ќе паднат од власт, деспотите, од проблем на државата, наеднаш стануваат проблем на сопствената партија, бидејќи таквите партии – недемократски, се разбира – не знаат ниту што да прават, ниту како да се ослободат од баластот на пропаднатиот лидер.

Во ВМРО-ДПМНЕ на СИТЕ им е јасно (вклучително и на кафекуварката) дека со Груевски е готово, ама неговите довчерашни аѓутанти и партиски гуланфери ниту имаат храброст, ниту вештина да изведат демократски внатрепартиски преврат. Сите чекаат да видат кој околу Груевски ќе слави Нова Година во Шутка, па потоа да видат, како хиени на туѓа гозба, на која дворска камарила да ѝ се приклучат – а би се одземале од пиење да може и Грујо некој на новогодишна прослава да им го прибере…

Ништо… изгледа дека, сепак, како што заладува времево, реформистите ќе мораат да направат еден јуриш на партискиот Зимски Дворец. Е, па, мора малце газот да си го испотат, изгледа дека портретот на Фамилијата во маслена техника на шест квадрати платно ќе мора да лета од терасата на онаа дивоградба.

Резултатите од локалните избори го потрошија и несудениот двојник на Груевски кај Албанците, Зијадин Села. Како и Груевски, и тој не може да ја прикрие омразата кон Заев, бидејќи не сака да ги разбере пораките што му доаѓаа од гласачите: или ќе се потрудиш во Струга да бидеш градоначалник на сите (па наизуст, да, да, ќе ја рецитираш и „Т’га за југ“ на македонски), или ќе бидеш патетичен губитник од провинциска, албанска национал-шовинистичка провениенција, токму како што му се случи на Села.

„Јас победив меѓу Албанците!“, сега завива Села, во дует со Билал Касами од БЕСА, токму како што завиваше Груевски во декември со „Јас победив меѓу Македонците!“ – ова Дуо Трио ги предизвикува Ахмети и Заев на предвремени парламентарни избори, ама попрво ќе биде дека сите ќе си седат мадро во своите партии и ќе чекаат да видат како Ахмети и Заев ќе им ја скројат политичката судбина. На следни вонредни избори ќе се оди ако и кога ќе решат овие двајца, а само дополнителна среќна околност е тоа што и тие не ја носат таа одлука сами.

Македонија навистина има многу поважни приоритети од тоа на националистичките губитници кај Македонците и Албанците да им го спасува образот со тоа што ќе им овозможува нови изборни порази. Знам дека балканските националисти, шовинисти и верски фанатици – вклучително и оние инфилтрирани кај победничките партии – не треба никогаш да се потценуваат, но нашиве добија таква лекција од која во догледно време тешко, а некои од нив, персонално, и никако нема да се опорават.

Па, за тоа се боревме! … Ах, да, и да не заборавам: со СДСМ борбата почнува веќе од утре!

Слики: Свирачиња
Извор:
Цивил.мк