Гној

30.12.2017 12:37
Гној

Гнојот е резултат на борбата меѓу леукоцитите и бактериите во нашето тело. Тоа се мртвите војници од двете страни, со дел од мртвото ткиво. Затоа смрди и е гадно. Гној, во преносна смисла, се употребува за она ситно, злобно, препредено човече што постојано се мушка „некаде наоколу“, ама го оддава неговата агресивна малициозност. А, бидејќи овој гној е продукт и конструкт на нашиот полусистем на полувредности засновани на мимикрија, клиентелизам и кетманство, него го има секаде кога не треба и никаде кога треба. На пример, го имало на протестите на Шарените, ама во црно-бела верзија, претопено со сенката на некоја грмушка или пенушка. Го имало и на некој од пленумите, ама маскирано со неговото калкулантство, никој ниту го видел, ниту го чул. Ама затоа сега е секаде каде што треба да се потенцираат неговите заслуги, придонеси и жртви за демократијата. И во име на неговата самопрегорност, тоа е претворено во совест на општеството. Гнојот диригира и дели директиви за тоа кој, каде, како и кога смее да зборува, да мисли, да пишува, да членува, со кого да се дружи, каде да излегува и слично. Гнојот наредува, напаѓа, обвинува и суди, затоа што гнојот себеси се гледа како чувар на новите вредности. А во суштина, тоа е само смрдлив исцедок од една голема борба.

Конкретниот повод да проговорам за оваа појава е посвојувањето на секој чекор по улиците, небаре сме имале работна книшка отворено во Шарените, во Протестирам, во Отпорот, во Професорски пленум и во што веќе не. Своевремено напишав дека идејата и нашата битка е пресвета за мојата суета, иако меѓу себе гледав луѓе со кои не би се напила ни кратко еспресо. Уште сметам дека учеството во која било форма на отпор не прави некого поквалитетен човек, како што тврдам дека има квалитетни луѓе меѓу оние кои беа уценети и изманипулирани да бидат во контра-организациите на депеменето. И затоа велам - она што е најопасно и најмногу ме погодува, е фактот дека секогаш главната аргументација на гноевите, се сведува на „наши“ и „нивни“.

За разлика од порано, кога јавно не сум изнесувала свои политички ставови, сега одредени персоналитети сметаат дека сум назначена по партиска заслуга. Едните сметаат дека немам право на критичка опсервација на актуелната власт на која треба да ѝ бидам лојална, да не лаам наоколу, да бидам „наша“, а другите дека сум фаворизирана од истата таа власт, односно дека сум станала „нивна“.

Да бидеме начисто – јас сум, пред сѐ, своја. Како таква влегов во иницијативата за формирање Професорски пленум, бев заедно со моите студенти во слободната универзитетска зона, пишував памфлети против тогашната власт и демонстрирав, свиркав и викав, затоа што верував и сѐ уште верувам во подобрата иднина на мојата малечка држава.

Еден од манирите на „груевизмот“ кој најмногу ме избезумуваше, беше поделбата на „патриоти“ и „предавници“. Сметав и сметам дека така наметнатиот антагонизам со контрамитинзи и контрапленуми, е погубен за нас како народ и држава. И затоа сега, кога мислев дека Груевски, Фамилијата и нивниот манир на владеење е минато, тешко ми паѓа да видам дека неговото глуво семе вирее и се развива со уште посилен интензитет за злоба, подлост и нискост.

Имам потреба ова да го напишам, бидејќи одбивам да го прифатам аргументот на „наши“ и „нивни“, бидејќи одбивам да молчам и да ги изразувам своите ставови, сомневања и резерви, бидејќи навистина сме премалку за натамошно атомизирање по кој било основ и бидејќи еднаш навистина треба да излеземе од мочуриштето на нашите заблуди, предрасуди и поделби.

Ако сме помогнале да падне еден клептократски режим кој се потпираше на тесноградост, злоба и препреденост, по ниедна цена не смееме треба да ги продолжиме и надградуваме неговите „вредности“.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Алекс Гамсу Џенкинс

ОкоБоли главаВицФото