Али пашината џамија – жртва на шовинистичко дивеење и евтино политизирање

13.02.2018 00:42
Али пашината џамија – жртва на шовинистичко дивеење и евтино политизирање

Овој текст е реакција по повод кривичните и прекршочните пријави од страна на охридското граѓанско здружение „Совест“, поднесени против повеќе стручни лица во заштитата на културното наследство, што се однесуваат на процедурите за заштитно-конзерваторските, реставраторските и реконструктивните зафати на Али пашината џамија во Охрид. Воедно, реакцијата е поттикната и од соопштението од Министерството за култура по барањето да ги стопира работите на непосредна заштита на Али пашината џамија, објавено на 07.02.2018 година.

Постапката за заштитни интервенции на заштитеното недвижно културно наследство, Али пашината џамија во Охрид, е отпочната во 2016 година, при што е изготвен Проект за конзерваторско-реставраторски работи и реконструкција на Али пашината џамија. Во натамошната законска постапка е обезбедена стручна контрола на овој проект и од Управата за заштита на културното наследство е добиено валидно Одобрение за вршење на непосредна заштита според одобрениот проект. Актите и процедурите изготвени и преземени од страна на надлежните субјекти, Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид и Управата за заштита на културното наследство, се во рамките на пропишаните норми регулирани во Законот за заштита на културното наследство и Правилникот за конзерваторски проекти. Овие факти за вработените во службите за заштита на културното наследство се банални укажувања што можат едноставно и брзо да се проверат во документацијата на Управата и за коишто можат да се добијат стручни појаснувања и дополнувања од соодветни стручни лица.

Но фокусот на Али пашината џамија и нејзината заштита во јавноста не е заради стручните и правните процедури. Единствена причина е предвидената реконструкција на минарето на џамијата во рамките на заштитно-реставраторските работи на објектот. За здружението „Совест“ништо не е спорно освен предвидените димензии на минарето, коешто според проектот е димензионирано врз основа на расположлива и валидна историска документација за џамијата, споредба на пропорциите и димензиите на објектот и минарето од документацијата и намалено за неколку метри во однос на автентичното. Инаку, евентуалните забелешки дека на едната страна на објектот имало постара црква којашто треба да се доистражи воопшто не држи. Имено, на локалитетот се извршени археолошки истражувања чии резултати се вградени во Проектот и не претставуваат никаква пречка за реализација на непосредната заштита на објектот. Од друга страна, минарето на џамијата и неговата проектирана реконструкција се наоѓаат на другата страна од објектот каде што се вршени археолошките истражувања. Значи, минарето може да се реконструира во проектираните и одобрените димензии независно од тоа што има или нема на другата страна од објектот.

Зошто, тогаш, заштитата на Али пашината џамија предизвика толку врева во нашиот јавен и медиумски простор? Зошто на здружението „Совест“ му пречи реконструкцијата на минарето, иако нешто помало од автентичното? Пред неколку недели од Охрид проструи една информација дека нема да се дозволи подигање на муслимански симболи во градот на православието. Причината за отпорот против реконструкција на минарето е токму тоа: да се избришат трагите од цивилизациски, културни и верски придонеси и содржини поинакви од „нашите“. Нетрпението кон поинаквото, другото, туѓото е поттикнато од омраза и страв, стандардни шовинистички и фашизоинди процедури, многупати видени и практикувани кај нас и во регионот. Шовинистички, затоа што не може да се истрпи, да се поднесе и да се коегзистира со другото/другиот, со различното. Фашизоидни, затоа што уништувањето, бришењето и недозволувањето да опстојуваат трагите, знаците и симболите на другите се спроведува според една проверена деструктивна методологија и матрица, за жал, повеќепати видена во 20 век во Европа и во светот. Ова бенигно противење на реконструкцијата на минарето од страна на здружението „Совест“ недвосмислено ја открива совеста на ова група. Доколку кај нив има барем малку совест, тогаш треба да се залагаат за зачувување и негување на различните траги и придонеси во повеќемилениумското културно богатство на Охрид и регионот. Но, овој случај со минарето на Али пашината џамија во Охрид не е осамен, туку, за жал, еден од низата во повеќедецениски континуитет. Овој случај е бениген, во споредба со други два кои се изразито малигни и поразителни примери за рушење и бришење на културното наследство на одредени цивилизациски слоеви во Охрид. Во 1953 година е срушена Хаџи Касм џамијата на местото каде што подоцна се изгради ресторанот Летница, во центарот на градот, а во 1999 година се сруши Фатих Султан Мехмед џамијата во месноста Имарет, на чија локација потоа беше „реконструирана“ црквата Св. Климент Охридски.

Ставовите на здружението „Совест“ не заслужуваат повеќе никаков коментар, освен дека откриваат еден бизарен и провинцијален шовинистички менталитет со фашизоидна потсвест. Но, фактот дека се покренати кривични и прекршочни пријави против повеќе стручни лица во заштитата укажува дека ова провинцијално лудило продолжува. Не загрижува фактот дали стручните лица ќе го одбранат својот стручен и професионален дигнитет, затоа што процедурите и постапките во случајот со заштитата на Али пашината џамија се реализирани според законските норми. Загрижува фактот што покренувањето на пријавите е од една крајно аматерска група што добива толкав публицитет во обидот да ги задоволи своите бизарни шовинистички фантазми.

Запрепастува фактот дека медиумите што известуваа од прес конференцијата на здружението „Совест“, во која се најавија кривичните и прекршочните пријави, воопшто не најдоа за сходно да ги контактираат надлежните установи и засегнатите стручни лица.

Од друга страна, зачудува реакцијата на Министерството за култура во којашто се наведува дека истото нема основа да ги запре работите во однос на реконструкцијата на Али-пашината џамија во Охрид, но ги охрабрува сите надлежни институции да постапуваат доколку имаат индиции за прекршување на законските процедури. Прво, џамијата не се реконструира, туку се конзервира и реставрира. Се реконструира само минарето како составен архитектонски елемент во архитектурата на исламските верски објекти. Второ, Министерството треба да знае и знае дека надлежните установи постапуваат согласно законските процедури. Ставот дека Министерството ќе достави барање до УНЕСКО за стручно мислење дали е во согласност со стандардите за заштита на градот да се реконструира објектот во такви димензии, зачудува уште повеќе. Прво, не се реконструира џамијата, туку минарето, а димензиите на истото се проектирани според расположливата историска документација со мало намалување. Зарем треба УНЕСКО да се занимава со вакви банални стручни активности? Зарем филозофијата и практиката во заштитата на културното наследство не утврдила дека целосните или делумните реконструкции се дозволени и оправдани според одредени стручни и правни процедури ? Каде беа „совесните“ граѓани на Охрид, каде беше македонската заштита и институционална мрежа кога се рушеше џамијата на Плаошник и кога се „реконструираше“ црквата Св. Климент на истото место?

Дали ни е неопходно УНЕСКО, кога однапред знаеме дека надлежни тела од оваа организација недвосмислено ќе застанат зад автентичната обнова и презентација на содржини од повеќеслојното наследство во градот Охрид? Замислете како експерти од УНЕСКО водат дијалог со „експертите“ од „Совест“?

Но, да се вратиме на Министерството за култура. Сметаме дека Министерството, во рамките на своите надлежности, пред сѐ и над сѐ, треба да застане во поддршка на надлежните установи, во заложба за строго применување на законските и подзаконските процедури и, не на крајот, во насока на одбрана на стручните и професионалните стандарди во заштитата, презентацијата и вреднувањето на разновидното културно и цивилизациско наследство во Охрид и во нашата држава.

 

Валентино Димитровски
Историчар на уметноста
учесник во ШАРЕНАТА РЕВОЛУЦИЈА