Министерството за култура безобразно тврди дека аквадуктот бил заштитен!

11.10.2016 02:43
Министерството за култура безобразно тврди дека аквадуктот бил заштитен!

Министерството за култура иронично ја поздрави посетата на претседателот на комисијата за култура на СДСМ Роберт Алаѓозовски на скопскиот аквадукт.

Министерството за култура ги охрабри Алаѓозовски и СДСМ да продолжат со своите посети на локалитетите и културно-историските споменици во земјава, во насока на елементарно запознавање со културниот потенцијал на Република Македонија: „Доколку постои интерес, подготвени сме на Алаѓозовски да му доставиме список на реализираните над илјада проекти за заштита на културното наследство на целата територија на Република Македонија, меѓу кои е и заштитата на скопскиот аквадукт, се вели во соопштението.“

 

Но, дали скопскиот аквадукт е реализиран проект за заштита на културното наследство, како што тврди Министерството за култура?

СДСМ објави уште една реакција во која ја поканува министерката за култура да го посети аквадуктот и да докаже дека е заштитен: „Министерката Елизабета Канческа-Милевска може многу лесно да ги докаже своите тврдења за заштита на скопскиот аквадукт. Само треба да ги покани новинарите таму, да се намести пред депонијата за градежен шут и да почне да зборува за, како што вели, своите над илјада проекти.

 

Добро би било Канческа-Милевска и присутните со себе да понесат и заштитни маски. Неподносливата миризба која се шири од најзагадената скопска река која поминува под аквадуктот е потенцијален извор за зараза на Скопје.“

 

И Роберт Алаѓозовски ја повика Елизабета Канческа Милевска заедно да го посетат аквадуктот: „Ја повикувам почитуваната министерка утре заедно да го посетиме аквадуктот. Сакам лично да се уверам колку добро е заштитен, конзервиран, исчистен и пристапен!“

Состојбата со аквадуктот е навистина очајна, како што може да се види од фотографиите.

 

Проблем претставува и реката Серава која поминува под аквадуктот и која шири непријатна миризба.

Пристапниот пат до аквадуктот не е асфалтиран, а минува покрај реката која е претворена во вистинска депонија.

Останува да видиме дали министерката за култура ќе ја прифати поканата на СДСМ заедно со новинарите да го посетат аквадуктот и заеднички да се восхитуваат на заштитеното културно наследство и заштитениот предел.

Извор: Слободна Македонија