Сама во ноќта – Сеќавање на Веселинка Малинска

08.03.2018 14:23
Сама во ноќта – Сеќавање на Веселинка Малинска

Многу нешта од оние што сум ги доживеала во текот на народноослободителната војна ми останале во трајно и длабоко сеќавање, но настанот од јануари 1943-та е еден меѓу повпечатливите.

Во октомври 1942-та се приклучив на Вториот Скопски партизански одред со задача да пренесувам пропаганден материјал по селата низ кои се движеше одредот. Одредот располагаше со добра техника: радиоапарат на батерии, машина за пишување и гештетнер за умножување. По борбата во манастирот Благовештани, над селата Чучер и Горњани, одредот се префрли од другата страна на Скопска Црна Гора, во Морава, со цел да се поврзе со косовскиот одред, што и се оствари во првите денови на јануари, 1943 година.

По заедничкиот договор за политичко и воено дејствување на одредите, јас останав во селото Врбовац, во куќата на Јован Којиќ, каде што ме затекна и веста за борбите на одредот кај селото Дебелдеј, после што врските со одредот, кои дотогаш беа редовни, сосема се прекинаа. Од Марко Којиќ, роднина на Јован, кој беше и мојата врска со одредот, дознав дека по борбите, разделени во две групи, партизаните заминале од Морава. Така останав без врска и во голема неизвесност.

По битката во Дебелдеј, во сите села на Морава почнаа блокади, апсења и стрелања на селаните кои ги помагаа партизаните и борбата. Семејството на Јован Којиќ, уплашено од репресалиите, бараше од мене да се преместам во друго село, или во друга куќа. Мојата единствена партиска врска на теренот, Марко Којиќ, не можеше да ми помогне, бидејќи никој во таква ситуација не сакаше да ризикува да прими дома илегалец.

Откако сите мои настојувања да останам во Врбовац додека да поминат блокадите, не успеаја, стана извесно дека морам да го напуштам селото. Но, како да го напуштам?

Исплашени од прогоните, домаќините ме префрлија кај едни свои роднини, но и тие не прифатија да останам кај нив, ниту еден ден. Не помогнаа никакви мои молби и уверувања дека жена лесно може да се сокрие и дека некој од одредот секако ќе дојде по мене, штом се укаже прилика, за тоа.

Така, истиот ден, беше 27 јануари, приквечер, две жени од куќата ме изведоа од селото и едноставно ме оставија сама во полето. Кога видов дека ништо повеќе не може да се стори, ги прашав во кој правец е селото Бинач? Во тие моменти немав време да го преживувам нивното крајно бесчувствително однесување. Морав брзо да мислам и да смислам што да правам понатаму. Така се сетив дека во селото Бинач, населено со Албанци и Срби, во една албанска куќа одредот имаше своја врска. Жените ми го покажаа правецот со рака, и бргу си заминаа. Откако се изгубија зад првите селски куќи останав сосема сама, во полето.

Таа ноќ никогаш нема да ја заборавам. По сеќавање, од ноќните маршеви со одредот, тргнав кон селото Бинач. Знаев кога слегувавме од Скопска Црна Гора, дека во првата куќа лево од патот одредот имаше своја редовна врска, од каде што обично земавме водичи за другите села во Морава. Се сетив дека тука живее стариот Алит Зејнели, кој неколку пати присуствуваше на собирите со партизаните кај Ариф Фазлија во Танушевце. Неговите синови беа наши водичи и врски.

Беше почнало да се стемнува, но целото поле лежеше под снег и светлината од него ми овозможуваше да се движам полесно и да се ориентирам посигурно. Среќна околност беше што селата во Морава се блиску едно до друго. До Бинач имаше околу половина час одење. Бидејќи настапуваше ноќ и беше студено, во полето немаше жива душа. Кога дојдов до првите куќи не влегов во селото, туку почнав да го заобиколувам за да дојдам до неговата јужна страна, од каде што можев да ја најдам куќата на Алит. Се ориентирав според планината Скопска Црна Гора кој се извишуваше над селото.

Иако знаев дека бугарските војници преку ноќ се повлекуваат во Витино, сепак не бев сигурна на што можам да наидам, бидејќи фашистичката потера беше во полн ек. Се плашев, минувајќи крај куќите, да не вознемирам некое куче, кое би можело да ме открие, а почнав да се колебам и дали во ваква ситуација да се јавам кај Алит, дали и како ќе ме прими, ќе сака ли и ќе може ли да ми помогне?

Одејќи и размислувајќи така, во еден момент решив да не го барам Алит, туку да преноќам во една колипка на која случајно наидов, и од каде ми се чинеше дека рано изутрина би можела и сама да појдам во Танушевце, село горе во планината, блиску до Бродец на Скопска Црна Гора. Таму постоеше сигурна партиска врска и упориште, преку кои сметав дека полесно ќе стапам во контакт со одредот.

Влегов во полската куќарка од штици, не поголема од метар и пол квадратен, и во првиот момент како да се стоплив малку. Но, по кус престој во празната и гола колиба, само во селска кошула и тенко елече, немаше да можам да го издржам студот до утрото. Излегов и сепак тргнав кон куќата на Алит. Беше веќе сосема стемнето кога затропав на вратата. Ми отворија неговите синови, и неизвесноста дали ќе ме примат траеше многу кусо. Штом ме виде Алит, ме пуштија внатре, не покажувајќи дали се изненадени, ниту дали се исплашени. Ги замолив да преспијам, а утрото да ме одведат до Танушевце кај Ариф Фазлију, кој беше нивни зет. Ми рекоа дека се согласуваат, и за одредот ништо не ме прашуваа. Жените љубопитно и зачудено ме посматраа, додека мажите почнаа живо да се договараат, за нешто што јас не можев да го разберам, бидејќи зборуваа на албански. По малку време ми дадоа да јадам и ми наместија за спиење. Уморна од сè што преживеав дента, длабоко заспав.

Не малку ме изненади кога, среде ноќ, ме разбудија, и ми рекоа да се облечам за да одиме во Танушевце. Ме фати страв, зошто не почекаме да се раздени, дали навистина ќе ме водат кај Ариф? Истовремено знаев дека е подобро ноќе да ме префрлат до селото, така никој нема да нè види или сретне. Но, не знаејќи ништо за тоа што се договараа вечерта, си помислив на сешто. Кога тргнавме, сите во куќата беа станати. Трите сина, трите снаи и Алит, само децата спиеја.

Куќата беше на крајот од селото и речиси веднаш почна искачувањето на планинатa. Напред со еден голем стап тргна стариот Алит, по него син му Аслан со секира на рамото, а зад нив другите двајца, и на крајот јас, со надеж дека сè добро ќе заврши. По целиот пат никој ништо не прозборе, само се слушаше крцкањето на нашите опинци по сувиот снег на патеката, која тие и ноќе ја наоѓаа лесно, затоа што ја познаваа планината, нивното постојано престојувалиште, исто како и селото.

На разденување стигнавме во Танушевци. Нè дочека Ариф, срдечно и насмевнато. Во селото немаше блокади. А беше и време на мусаферство, одењето по гости, што се практикуваше меѓу Албанците, особено во зима. Беше тоа посебна форма на друштвено живеење, кога во една куќа се собираа роднини, пријатели и комшии, на долги седенки и разговори. На таквите нивни собирања ние од одредот одевме порано, и им расправавме за борбата против фашистите. Од таму го знаев и Алит, кој сега со син му Аслан, ме доведе среќно и безбедно кај Ариф.

Во куќата на Ариф Фазлију останав повеќе од три месеци. Кога ситуацијата се потсмири, тој и неговиот брат Реџеп ми помогнаа преку Бродец да воспоставам партиска врска и да заминам од Танушевци. Алит од Бинач доаѓаше и прашуваше како сум, а јас често си префрлував, што и за момент можев да се посомневам во него. Но, во онаа јануарска ноќ кога морав сама и брзо да најдам излез од ситуацијата во која се наоѓав, помислував на сè, и на добро и на лошо.

Семејството Којиќ, за кое подоцна се распрашував, излезе дека многу настрадало со рациите. Бев многу потресена кога рзбрав дека бугарските окупатори во Врбовац стрелале група селани, меѓу кои и брачниот пар Којиќ, Ѓурѓа и Јован.

Беше тоа навистина сурово и тешко време. Никој од оние што учествуваа во борбата не можеше да знае дали и како ќе ја дочека слободата. Само што, во неа никој не се сомневаше.

Објавено на 4 јули, 1974 година во „Нова Македонија“

 

Слични содржини

Живот / Филм / Историја
Активизам / Графички Дизајн / Живот / Историја
Општество / Живот / Историја
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја
Технологија / Живот / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото