Како уметничкиот фалсификат станува оригинал

24.03.2018 03:28
Како уметничкиот фалсификат станува оригинал

„Добрите уметници копираат, големите крадат.“

Големиот Пикасо не се срамел да признае дека сака да украде идеја од други еминентни уметници.

Токму со оваа негова изјава, пред неколку години беше отворена изложбата „Пикасо гледа во Дега“. Познатиот гениј очигледно сметал дека од Едгар Дега има што да се украде, да речеме, сосема нова перспектива за сликање маса. Се шпекулира дека тој под влијание на сликата на Дега, „Apsint“ од претставување на рабовите на масата (како на постерот за Els Quatre Gats преминал на прикажување на комплетната површина на масата (Portrait of Sebastian Juner Vidal, Couple au café). Се верува дека со промената на перспективата се поставени темелите на кубизмот.

Историјата на уметноста докажува дека позајмувањето од другите уметници е сосема вообичаена појава. Секако, не мислиме на плагијати, туку на многубројни примери каде нови стилови, идеи и дела се создаваат со надоградување на постоечките елементи. Да речеме, јапонските слики укио наводно влијаеле на импресионистите Мане, Моне и Ван Гог. Карл Веик, професор по организациско однесување и психологија, токму така ја дефинира креативноста: како „ставање на старите нешта во нови комбинации или нови нешта во стари комбинации“.

Меѓутоа, ако сè беше толку едноставно, оваа тема немаше и натаму да биде предмет на истражување. Понекогаш се случува и огледувањето на туѓите идеи да доведе до спротивни појави, поточно „ефект на конформирање“ или „фиксација на дизајн“, како што велат странските автори. Едноставно кажано, туѓите идеи ја кочат креативноста. Најдобар пример е експериментот во кој деца од основно училиште добиле задача да нацртаат како ги замислуваат вонземјаните. Групата на која претходно ѝ бил покажан цртеж од вонземјанин, никако не можела да се одлепи од дадените белези, и цртежите се сведувале на копија на веќе видениот материјал или на некои негови највпечатливи делови. Се покажува дека изложеноста на туѓи идеи и пристапи нè тера да се фиксираме на нив, за што свесно или несвесно не сме во состојба да се одвоиме и да оствариме радикално поинаков пристап.

Каков навистина е во тој случај односот на копирањето, позајмувањето идеи и креативноста? Дали огледувањето на туѓото творештво најпосле ја поттикнува или кочи креативноста? Студијата објавена 2016 година во журналот Cognitive Science го расветлува ова прашање и нè остава во тотален мрак. Имено, копирањето туѓи идеи може да ја поттикне личната креативност, но само тогаш кога примерите ги рушат нашите постоечки ментални рамки и претстави.

Такеши Окада и Кентаро Ишибаши од Универзитетот во Токио го тестирале степенот во кој посматрањето или копирањето туѓи идеи влијае на креативниот исход во уметноста, а сè со цел да ги истражат когнитивните процеси во основата на творечката инспирација.

Експериментот траел три дена, а испитаниците, односно студентите, биле поделени во три групи. Првиот ден студентите се загревале цртајќи познати објекти од природата како портокали или ананас. Вториот ден студентите во групата за прецртување и репродукција добиле задача да прекопираат два апстрактни цртежи со следното упатство:

„Уметникот ги нацртал овие предмети како мотив. Еве го цртежот. Ве молам да го прекопирате цртежот на овој лист размислувајќи на кои карактеристики на предметот уметникот посветувал внимание и што сакал да изрази со својот цртеж.“

Третата, поточно, контролна група и натаму цртала само според сопствената инспирација.

Во следниот чекор, контролната група и групата за прецртување цртала оригинални цртежи и претстави на објекти, додека групата за репродукција добила исти мотиви со задача да црта според стилот на уметникот што го копирале претходно. Најпосле, сите цртежи ги оценувале независни уметници.

Накратко, трите групи испитаници поминале низ различни услови: едни копирале туѓ цртеж, а потоа цртале оригинал; другите исклучитво цртале оригинал, додека третите го копирале стилот на друг уметник, а потоа го репродуцирале истиот стил.

Резултатите покажале дека прецртувањето непознати апстрактни цртежи влијае на цртањето нови кративни цртежи кои квалитативно се разликуваат од самите примери/модели. Претпоставка е дека со огледување на другиот стил се отворила нова перспектива и нов начин на размислување за цртежот, а личните когнитивни граници попуштиле. Имитацијата довела цртежите да станат покреативни и цртачите да ја опуштат раката и да развијат уникатен сопствен стил.

Вториот експеримент на Окада и Ишибаши покажал дека изложеноста на непознат уметнички стил ја поттикнува креативноста, додека познатиот уметнички стил не доведува до таков ефект. Порака до младите уметници – сликата на Ван Гог, Ѕвездена ноќ сте ја виделе многупати, што не вреди во неа да барате инспирација.

Најпосле, третиот експеримент покажал дека копирањето туѓо уметничко дело или неговото детално проучување, ја поттикнува креативноста во цртањето, додека тоа не е случај со размислувањето за алтернативниот стил на цртежот. Ова е во согласност со наодите дека вештите уметници доаѓаат до решение преку голем број обиди, грешки и промени на плановите за разлика од аматерите кои чекаат да ги озрачи некоја невидлива муза и да ги награди со нова идеја.

Пикасо бил во право кога копирањето го ставил во контекст на добар сликар. Кога уметниците копираат дела, пристап и стил од други уметници, анализирајќи ги нивните методи и начинот на работа, се надминуваат себеси и ги поместуваат границите на своите можности. Популарно кажано – почнуваат да размислуваат надвор од рамките. Различниот пристап доведува до преиспитување на постоечките ставови, а талентот, дарбата или вежбата, од тоа создаваат нешто ново, оригинално и впечатливо. Се подразбира дека истото се случува и во науката, а не само во уметноста.

Генијот на сликарството свесно признавал дека уметничките идеи се производ на сите оние значајни впечатоци што сме ги впиле во текот на животот. Меѓутоа, чести се ситуациите и кога веруваме дека сме дошле до оригинална идеја, а да не сме свесни дека впрочем сме ја позајмиле или украле од друг автор. Тој феномен се нарекува криптомнезија и се поврзува со случајното плагирање, кога свесно и искрено сметаме дека претставите, мислите или зборовите се исклучиво наши, иако не се. Ерата на интернетот многупати докажа дека не сме ни први ни единствени што „сме се сетиле токму на тоа“.

Извор: https://psihobrlog.wordpress.com

ОкоБоли главаВицФото