Билдајте го умот, а не мускулите

30.04.2018 00:47
Билдајте го умот, а не мускулите

„Ништо не може да го спречи човекот со правилен ментален став во постигнувањето на својата цел. И ништо на овој свет не може да му помогне на човекот со погрешен став“.

Многу лесно може да ни се случи преку овој став, кој му се припишува на Томас Џеферсон, да прелетаме како преку уште една досадна мотивациска изрека во животот, успехот и позитивното размислување. Можеби тој тоа и е, но неспорно е дека претставува одлична илустрација за она што го покажуваат повеќето психолошки истражувања – дека околу 80 проценти од успехот се кријат во менталната сила на човекот.

Менталната сила како концепт премногу мириса на прирачен интуитивен термин на популарната и псевдо-психологијата. Со доза резерва се впуштивме во истражување на оваа тематика и дојдовме до заклучок дека иако називот е банален, поимот „ментална сила“, заслужено ги преокупира психолозите во последните децении.

Менталната сила е мултидимензионален психолошки конструкт кој ги опишува начините на кои реагираме на потешкотиите со кои се соочуваме во животот, како и начините на кои закрепнуваме после неуспех. Дефинирано од позитивен аспект, тоа е способност на човекот да продолжи да се стреми и да ги постигнува своите цели дури и во предизвикувачки, стресни ситуации.

Менталната сила најчесто се поврзува со спортот и во оваа област се направени првите истражувања. Денес се чини дека силата на умот најмногу ја популаризира тенисот. На пример, тенисерот Милош Раониќ, откако го изгуби мечот со Роџер Федерер, изјави дека најмногу го импресионира менталната сила на Федерер: „Секогаш имал ментална цврстина во одлучувачки моменти, секогаш ги имал нештата под контрола.“ Новак Ѓоковиќ е на пауза, а се предвидува дека, бидејќи е „познат по карактерот и менталната сила“, ќе успее да се врати во полна форма за следните предизвици.

Повеќето спортски ѕвезди истакнуваат дека барем 50 проценти од нивното достигнување може да му се припише на психолошкиот фактор, додека 80 проценти од тренерите сметаат дека за успех се пресудни менталните капацитети. Логично, концептот набрзо најде примена и во областа на бизнисот, уметноста, образованието, војската, закрепнувањето после оперативни зафати и слично.

Менталната сила се концептуализира преку неколку димензии кои, во зависност од пристапот, се сведуваат на група вредности, ставови, емоции, резонирања, кои им овозможуваат на луѓето да се фокусираат и да ги насочат своите однесувања кон целта. Меѓутоа, сè уште нема општ консензус во однос на дефиницијата и димензиите.

Греам Џоунс, спортски психолог и долгогодишен консултант на олимписките шампиони, во 2002 година со своите колеги интервјуирал десет меѓународни атлетски ѕвезди на тема ментална сила, и дошол до описот на ментално силните спортисти:

„Тоа се луѓе кои имаат психолошка острина која им овозможува подобро да се соочат од своите ривали со многу спортски предизвици, кои се конзистентни, детерминирани, фокусирани, имаат самодоверба и се контролираат дури и кога се под притисок.“

Менталната сила одлучува кој ќе биде шампион во првенството; недостатокот на ментална сила може да ја детерминира разликата помеѓу освоеното сребро или злато. Меѓу клучните атрибути кои ја прават менталната сила во спортот, атлетичарите ја навеле сигурноста во способноста за постигнување на целта, поседувањето ненаситна желба и интерни мотиви за успех, фокусираност кон целта и покрај пречките, поместување на границите на физичката и емоционална болка одржувајќи ја техниката и силата и покрај стресот, и прифаќање на анксиозноста како неизбежна, со способноста да се избориме со неа.

Покрај прегледот на Џоунс, најчесто користен модел на ментална сила е „моделот четири Ц“ на Питер Клох, професор по применета психологија на Универзитетот Манчестер Метрополитен, кој воедно е и еден од пионерите истражувачи на овој феномен. Клох ја дефинира менталната сила преку четири фактори. Првиот е посветеноста – тенденција да тежнееме кон целта и покрај проблемите. Винс Ломбарди, еден од најдобрите фудбалски тренери на сите времиња, тоа го формулирал на следниот начин: „Повеќето луѓе доживуваат неуспех, и тоа не заради недостаток на желба, туку заради недостаток на посветеност.“

Вториот фактор е предизвикот – тенденција на промените да гледаме како на можност за раст и развој, а не закана по личната сигурност. Според зборовите на американскиот фудбалер Лу Холц, „начинот на кој реагираме на предизвикот одредува што стануваме после играта, дали сме победник или губитник.“

Следниот фактор се однесува на контролата – тенденцја да се чувствуваме и однесуваме како да ја контролираме или имаме влијание на ситуацијата и покрај анксиозноста. Ако научиш да се контролираш, од сè можеш да излезеш како победник. Најпосле, клучот е и во самодовербата – тенденција да веруваме во сопствените способности дека можеме да успееме.

Накратко, станува збор за сет позитивни психолошки ресурси кои влијаат на начинот на кој ги вреднуваме, интерпретираме и реагираме на настаните кои го попречуваат нашиот пат кон целта. Според тоа, ментално силната личност останува мирна и самоуверена пред проблемите, не е анксиозна и верува дека може да контролира одредени аспекти на ситуацијата.

Повеќето истражувања потврдуваат дека успешните луѓе имаат повеќе нивоа на ментална сила. Индивидуалните разлики по прашањето на менталната сила биле предиктор за академски и деловен успех, па и за заработка.

Во деловниот свет, ментално силниот вработен е оној што верува во себе, има желба и мотивација да успее и покрај пречките, фокусиран е на работата и резултатот, знае да се справи со притисокот и стресот и соодветно да ги регулира своите емоции. Тоа секако не значи дека нема емоции или дека ги форсира само позитивните, туку и кога ги чувствува интензивно, успешно ги контролира и не дозволува да се рефлектираат на учинокот.

Менталната сила се испреплетува со неколку други психолошки концепти, да речеме со совесноста и невротицизмот, што има смисла со оглед на тоа дека совесноста е предиктор за академски и деловен успех, а невротицизмот – за неуспех. Исто така, се поврзува со самоефикасноста и резилиентноста, односно со капацитетот ефикасно да се прилагодиме на средината и да закрепнеме после стресните настани.

Маркус Гербер, здравствен и спортски психолог со својата лонгитудинална студија покажа дека студентите кои изразуваат помалку депресивни симптоми, пониски нивоа на стрес и поголемо задоволство од животот, имаат поголема ментална сила.

Како да се постигне менталната сила, која е мошне корисна во секојдневниот живот? Некои луѓе се раѓаат со неа, но не можат да ја развијат во текот на животот заради изложеност на различни животни настани. Изгледа дека на овој концепт му е мошне близок пристапот на Рационално-емотивно бихејвиоралната терапија со својата суштинска идеја дека не нè вознемируваат настаните сами по себе, туку нашата перцепција на истите. Едноставно, не можеме да контролираме сè што ни се случува во животот, но можеме да го контролираме начинот на кој реагираме.

Во таа смисла, може да биде корисно илустративното мото на специјалната единица на американската морнарица: „Нека ти стане удобно да ти биде неудобно.“

Референци:

Hardy, L. et al. (2014). A Neuropsychological Model of Mentally Tough Behavior. Journal of Personality, 82(1).

Lin, Y. et al. (2017). Individual differences in mental toughness associate with academic performance and income. Personality and Individual Differences,113.

Извор: http://www.psihobrlog.com

ОкоБоли главаВицФото