Зошто пиењето е тајната на опстанокот на човештвото

21.08.2018 00:56
Зошто пиењето е тајната на опстанокот на човештвото

Зошто луѓето пијат? За некого што седи во кафеана во жешка летна вечер, одговорот е едноставен: пиењето е задоволство и олеснување. За чуварите на јавното здравје, читањето на најновите извештаи за социјалните руини што ги создава алкохолот, одговорите може да бидат фрустрирачки. Зошто некој пие, ако е толку лошо за него?

За мене и за моите колеги еволутивни психолози, одговорот на прашањето зошто луѓето пијат, се појави во поинакво и фасцинантно светло, благодарение на некои интригантни нови истражувања. Тој одговор истовремено е едноставен и комплексен. Еве зошто:

Како сите мајмуни и примати, луѓето се интензивно социјални. Имаме голема потреба да се дружиме и мислиме дека алкохолот ни помага да ја оствариме целта. Пријателствата нè штитат од надворешни закани и внатрешни стресови и ова е клучот за нашиот еволутивен успех. Приматните социјални групи, за разлика од повеќето други животни, се потпираат на врската за одржување на социјалната кохерентност. И за луѓето, заеднички испиеното шише црвено вино игра многу значајна улога.

Не е само поради тоа што алкохолот ги тера луѓето да ги надминат своите социјални инхибиции и да станат премногу пријателски со тие што заедно пијат. Напротив, самиот алкохол го активира механизмот на мозокот кој е вклучен во градењето и одржувањето на пријателства кај мајмуните, приматите и луѓето. Овој механизам е ендорфиниот систем. Ендорфини („ендоген морфиум") се невротрансмитери кои се вклучени, преку нивните опијатни ефекти, во управувањето со болката. Овој ефект на опијатите, (сè е добро во овој свет) се чини дека е од клучно значење при воспоставувањето на силни врски што им овозможуваат на луѓето да имаат доверба еден во друг. Пиењето, гледано во оваа светлина, е длабока активност. Тоа им овозможува на луѓето да ги отворат своите најдлабоки слоеви, а ова уште еден пресврт на древната изрека „во виното е вистината“.

Од многуте социјални активности кои го активираат ендорфин системот кај луѓето (од смеа до пеење и танцување), конзумирањето алкохол се чини дека е една од најефикасните. Во клиниките за детоксикација, вообичаена форма на третман е зависникот да се дозира со блокатор на ендорфин, како што е налтрексон кој во мозокот ги заклучува рецепторите на ендорфин, но е фармаколошки неутрален, така што нема да добиете удар кога ќе пиете. Наместо тоа, добивате блага форма на треска.

Луѓето имаат долга историја со алкохолот што датира уште од праисторијата. Археолозите како Патрик Мекговерн од Музејот на Универзитетот во Пенсилванија откриле остатоци од ферментација во глинени садови во Кина кои се постари од 8.000 години. Некои археолози сметаат дека главната причината заради која луѓето почнале да ги обработуваат житата, како што се пченицата и јачменот во неолитот, не била да се прави леб (како што претходно претпоставувале), туку да направат смеса што може да се ферментира. Една од причините за ова размислување е дека примитивните житни култури, како што е „einkorn“, култивирани на Блискиот исток во неолитот, имаат поинаква структура на глутен, заради што е потешко од нив да се направи добар леб. Но, од нив се прави смеса што ферментира многу добро. Ако треба да избирате помеѓу невкусна плочка и чаша пиво, се знае што ќе изберете, зарем не?

Додека вистинската голема иновација на неолитот можеби е подготовка на пиво, а не земјоделството, експлоатацијата на природно ферментирачките плодови веројатно има многу подолга историја. Слоновите во Јужна Африка и во Индија сакаат да јадат ферментирано овошје и од него стануваат прилично зашеметени. Приматологот Ким Хокингс од Универзитетот Ексетер ги проучувал западноафриканските шимпанза кои го крадат виното од палма што локалните фармери го оставаат на дрвата да ферментира. И Роберт Дадли од Универзитетот Беркли тврди во неговата хипотеза „пијан мајмун" дека луѓето и мајмуните имаат уникатна генетска мутација која датира од пред околу 12 милиони години што ни овозможува да го одвоиме алкохолот од презреаните плодови.

За луѓето, ако не и за слоновите, ферментираните пијалоци играат централна улога во празниците низ целиот свет - а празниците се за пријателите. И веројатно во оваа смисла алкохолот игра значајна улога. Потребни ни се пријатели, бидејќи тие ни помагаат кога ни треба помош, или некој да  ни ја слуша горчливата приказна со малку емпатија. Но, пријателството има и други скриени добри страни.
Едно од најголемите изненадувања од последната деценија е големиот број публикации кои покажуваат дека нашата среќа, здравје и подложност на болест, дури и брзината на заздравување од операција, како и должината на животниот век - се под влијание на бројот на пријатели што ги имаме.

Ако сакате поубедлив пример, една студија на Џулијан Холт-Лунстад ги споредила резултатите од 148 студии за пациенти со срцев удар. Целта била да се утврди што најдобро би ја зголемило веројатноста за преживување 12 месеци по првиот срцев удар. Освен што во истражувањето беа опфатени голем број луѓе, тоа се базираше на реалистичен исход: опстанок или смрт. Еден од најдобрите индикатори бил бројот и квалитетот на пријателствата што ги имале. Уште еден индикатор било да се откажат од пушењето (тука нема изненадувања). Подолу на списокот биле наведени вежбањето, дебелината, конзумација на алкохол, квалитетот на исхрана, па и квалитетот на воздухот. Изгледа дека можете да јадете, да пиете и да не вежбате колку што сакате и тоа нема толку да влијае на вашите шанси да преживеете , колку фактот дали имате неколку добри пријатели со кои може да излезете.

Осаменоста е закана за здравјето во западниот свет, а во Велика Британија има дури и министер кој го решава овој проблем. Како тоа да се реши, секако, е огромен предизвик, но, охрабрувањето на луѓето да излезат и да се дружат, да испијат неколку пива или шише вино во локалниот паб може да биде добар почеток.

Улогата на алкохолот во одржувањето на пријателствата што ни обезбедуваат психолошка и емоционална поддршка, недвосмислено е од суштинско значење, а ендорфините предизвикани од дружењето со пријателите имаат и скриени придобивки: се чини дека го балансираат имунолошкиот систем со активирање на Т-клетки во телото, дел од одбранбениот механизам што се бори против голем број вообичаени заболувања.

Поранешни војници од овде и од САД многу пати ми имаат кажано дека никогаш не се разболувале толку често како кога се вратиле во цивилниот свет. Не биле во полоша форма отколку кога биле во војска, но постојано добивале настинки, кашлици и други глупости од секојдневниот живот. Кога го споменав другарството во армискиот живот, пивото и напорните војнички вежби, тие веднаш ја сфатија поентата. Вежбање, алкохол и пријатели - три одлични начини да се активираат ендорфините.

Се разбира, како со сè што е биолошко, ако претерате со алкохолот ќе се најдете на надолна крива линија и пред да се освестите. Исто како и со храната што ја јадеме. Солта, протеините, мастите и шеќерите се добри за вас, но ако ги конзумирате премногу, сигурно ќе бидете подложни на болестите на цивилизацијата: дијабетес, дебелина, рак, хипертензија... Истото важи и за алкохолот: неколку пијалоци ќе ве опуштат и ќе ве направат подружељубиви; се чини дури дека се здрави. Но, ако претерате, на крајот ја плаќате цената.

Една статија во британско, медицинско списание информираше за студија направена со околу 9.000 државни службеници чии навики за пиење и здравје биле проучувани во текот на неколку децении до нивното пензионирање. Оние кои не конзумирале алкохол во четириесеттите и педесеттите години од животот, заедно со оние кои обично конзумирале повеќе од официјалната владина насока од 14 единици неделно, имале значително зголемен ризик од деменција подоцна во животот. Оние кои воопшто не пиеле имале 50 отсто поголем ризик за развој на деменција од оние кои пиеле умерено, а истиот ризик постоел и кај оние кои пиеле многу (повеќе од 40 единици неделно). Пиењето на повеќе од 60 единици неделно (приближно еднакво на шише вино на ден) двојно го зголемувало ризикот. Убаво и стабилно - тоа е мантрата, како и со сите други биолошки работи.

Овие резултати се поинтересни отколку што се чини на прв поглед. Студијата не го истражувала пријателството како фактор, но ме изненади моделот што се повторува. Луѓето кои пијат умерено имаат тенденција да бидат социјални алкохоличари, додека пак тешките алкохоличари пијат повеќе, бидејќи честопати пијат сами дома - или пијат толку многу што не можат да се вклучат во разговорите на кои се градат пријателствата. Можеби овие резултати го одразуваат фактот дека социјалното пиење создава пријателства и е вградено во социјално поддржувачката мрежа која штити од деменција повеќе од што било друго. Пријателите нѐ ангажираат на начини на кои го чуваме здравјето на мозокот што обезбедува здравствени придобивки кои се поврзани со ендорфинот. Кога се среќаваме на пиво - разговараме, се смееме, раскажуваме приказни, повремено дури и пееме и танцуваме. Се покажало дека сето ова го активира ендорфинот и го помага социјалното поврзување, како и процесите на заздравување во организмот.

На Универзитетот Оксфорд, неодамна направивме повеќе студии во соработка со „Camra“ (Кампања за „Real Ale“) за да ги истражиме предностите на старите маалски пабови во споредба со баровите во центарот на градот кои последниве години доминираа во нашите социјални хоризонти. Една компонента беше национална анкета за одењето во паб.

Изненадувачки, се покажа дека луѓето што редовно оделе во „локалните" пабови имале повеќе блиски пријатели, се чувствувале посреќни, биле позадоволни со своите животи, биле поангажирани во нивните локални заедници и повеќе им верувале на оние околу нив.

Оние кои никогаш не пиеле постојано имале лоши резултати според овие критериуми, додека оние што често посетувале локални места иамле подобри резултати од тие што редовно пијат, но немаат место што редовно го посетувале. Подеталната анализа сугерираше дека оние кои почесто го посетувале истиот паб биле поангажирани и со поголема доверба во нивната локална заедница, а како резултат на тоа имаат повеќе пријатели.

Во друга студија за јадење во друштво, спроведена во соработка со организацијата „ The Big Lunch ", откривме дека јадењето со други, исто така, позитивно влијае на овие резултати, особено ако тоа се прави во вечерните часови. Кога прашавме што се случува за време на оброкот а што може да ги произведе овие ефекти, трите најчесто наведени работи беа: смеење, реминисценции и - да, претпоставувате - конзумирање алкохол, сите тие се добри за активирање на ендорфин системот.

Фактот дека вечерата е поважна од ручекот, сам по себе е интересен, бидејќи се чини дека има нешто особено магично да се биде во друштво во вечерните часови што ги подобрува сите овие ефекти. Ова можеби е мамурлак кој датира од пред околу 400.000 години, кога прв пат ја совладавме употребата на оганот. Со тоа им овозможивме на нашите предци да ги префрлат навечер сите активности на социјалното поврзување, со што се ослободува многу повеќе време во денот за хранење и други економски основни активности. Додадете неколку ферментирачки плодови во мешавината и. . .

Кога ноќе трепери оганот, не можете да шиете или да правите алати, но можете да разговарате покрај треперењето на пламенот. Ова е убаво илустрирано со она што јужноафриканските Сан Бушмани зборуваат околу нивните огнови. Кога антропологот Поли Визнер ги слушала нивните разговори, открила дека дневните разговори обично се состоеле од здодевни фактички теми како за договори за трговија со соседите, но вечерните разговори секогаш биле за социјални теми со приказни и шеги.
Пријателствата функционираат затоа што го вклучуваат факторот „рамо за плачење", тогаш кога нашиот свет се распаѓа. Проблемот е што ако тие пријателства веќе не постојат, никој друг не е подготвен за замена. Обидете се да го прашате првиот странец што ќе се сретнете на улица дали би сакал да ве прегрне. Најверојатно одговор би бил да викне полиција. Пријателствата треба да се воспостават пред потребата, а тоа значи да се многу да се инвестира во нив.

Нашите студии укажуваат на тоа дека околу 40 отсто од нашето расположиво социјално време (и истиот дел од нашиот емоционален капитал) посветуваме на внатрешниот круг од околу петмина пријатели, кои се и рамења за плачење. Уште 20 отсто посветуваме на следните 10 луѓе кои социјално ни се најаважни. Со други зборови, околу две третини од нашите вкупни социјални напори се посветени на само 15 луѓе. Тоа е многу суштинска посветеност и просеќно изнесува околу два часа дневно. Уште поважно е она што го правиме со нив да е забавно, инаку нема да продолжат да се дружат.

Значи, ако сакате да ја знаете тајната на долгиот и среќен живот, парите не се вистинскиот одговор. Прекинете со вечерањето пред телевизорот - важно е да одвоите време за луѓето што ги познавате и да разговарате со нив, да се напиете едно пиво или две, или шише Просеко, ако навистина мора. Нема ништо поубаво од весела вечер со неколку пивца за здравје, среќа и чувство на благосостојба.

Робин Данбар е професор по еволуциска психологија на Универзитетот Оксфорд и член на Британската академија.

Извор: Financial Times

 

ОкоБоли главаВицФото