Да се пие или не, прашање е сега!

04.10.2014 11:21
Да се пие или не, прашање е сега!

Во Велика Британија во иднина ќе се препишуваат лекови за „благи алкохоличари“, односно лица кои пијат околу две чаши вино секој ден. Тоа е уште еден обид во оваа земја да се намали бројот на оние кои пијат.

Мажите кои пијат три кригли пиво и жените кои пијат две големи чаши вино дневно и тоа во континуитет подолг од две недели, би требало да го пијат лекот налмефен, порачуваат британските чувари на јавното здравје.

Тој лек во комбинација со бихејвиорална терапија ја прави идејата за конзумирање алкохол помалку привлечна за оние кои веќе развиле навика за секојдневно пиење на омилениот пијалак. Меѓутоа, лекот не е наменет за тешки алкохоличари.

Ако се прашувате дали вашите навики врзани со пиењето алкохол се навистина алармантни можеби ќе ви помогне прегледот на научни октритија во оваа област.

Претставуваме неколку причини за уживање во пиењето и против него.

ЗА

Алкохолот може да им помогне на лицата кои претрпеле инфаркт

Во март 2012 една американска студија покажа дека алкохолот може да им го продолжи животот на лицата кои преживеале инфаркт.

Две чаши алкохолен пијалак дневно во текот на подолг период им овозможиле на лицата кои преживеале срцев удар да имаат помал ризик од умирање како последица на срцева болест за 42 отсто во однос на оние кои не уживаат во алкохолот, или претерувале со него.

Ризикот од прерана смрт од која било друга причина исто така е намален кај „љубителите на добрата капка“ за 14 отсто.

Алкохолот го отстранува стресот

Студија спроведена во 2004 година покажала дека 21 отсто од мажите и 14 отсто од жените сметаат дека алкохолот им го ублажува стресот. Студијата на истражувачката компанија Минтел покажала дека повеќето луѓе го сметаат алкохолот за добар по нивното здравје.

Чаша вино за време на бременоста не може да му наштети на бебето

Чаша вино нема да му наштети на нероденото дете и всушност може да биде добра за неговиот развој, покажале научници од Универзитетот во Бристол минатата година. Умереното пиење алкохол помеѓу три и седум чаши неделно не може да му наштети на развојот на фетусот, тврдат тие.

Еден ден „за“, друг ден „против“

Минатиот месец британската влада го промовираше правилото еден ден „за“, друг ден „против“ во рамки на стратегијата за намалување на конзумацијата на алкохол на национално ниво.

Новиот водич препорачува луѓето еден ден да испијат некаков алкохолен пијалак, а другиот ден да го прескокнат.

ПРОТИВ

Дури и кај повремените конзументи има ризик од инфаркт

Студија од јули 2014 покажала дека дури и лицата кои пијат околу шест чаши вино неделно го загрозуваат своето здравје. Објавена е во Британскиот медицински журнал.

Алкохолот го зголемува ризикот од деменција

Пред неколку месеци оваа година Министерството за здравство на Велика Британија објави дека средовечните луѓе треба да го намалат конзумирањето алкохол, за да го намалат ризикот од демениција.

Алкохолот е поврзан со нездравата исхрана

После само три алкохолни пијалаци, се зголемува веројатноста дека ќе посегнете по некои нездрави грицки или брза храна, покажа истражување на YouGov.

Истражувачите откриле дека луѓето по пиење алкохол можат да внесат и до 6.000 калории повеќе отколку што му се потребни на организмот, така што јадат и навечер и наутро по опивањето.

Извор: B92