Престани да се жалиш

10.01.2020 00:55
Престани да се жалиш

Психичката отпорност главно се оформува рано, во детството. Кога сѐ ќе се совпадне, ги имаме родителите кои нѐ сакале и галеле, нѐ насочувале и дисциплинирале, растеме во релативно здраво опкружување, стануваме здрави и отпорни единки во возрасното доба. Една студија спроведена на глувци го потврдила тоа: малите глувци кои не ги галеле, туку ги отфрлиле, станувале нервни остатоци и полесно умирале. Кога ќе добиеле љубов од мајката, која ги лижела и греела, стресот се намалувал и тие го развивале она што денес го нарекуваме резилиентност.

Но што ако човекот на дваесет или триесет години, или дури многу подоцна во својот живот, стане свесен дека е чувствителен во споредба со другите; дека доживувањата преку кои неговите пријатели едноставно поминуваат, премногу ги зема на срце? Или зошто еден претприемач веднаш после банкротот на својата фирма веќе има изобилство идеи, додека друг ги крева рацете? Како е можно една млада девојка, како Наташа Кампуш, Австријката која помина осум години во заробеништво откако беше киднапирана, да преживее и да издржи такви маки, додека други луѓе ја губат храброста за живот при многу помали удари на судбината? По одговорите на овие прашања трагаше Кристина Берн, авторка на бестселерот „Посилни сте отколку што мислите: Резилиентност, моќ на социјална отпорност“. Таа ги проучувала студиите и анализите на најдобрите психолози и терапевти во светот, барајќи ги причините во нашата биологија, во нашата личност и во нашето воспитување.

Има луѓе кои ги поседуваат сите особини што ги штитат. Зборот резилиентност психилозите го користат за да ја опишат нивната таинствена моќ да се спротивстават на навредите и нападите од опкружувањето или повторно да се вратат сосема силни од ситуација која ги прави потиштени. Душевното страдање најпрвин често се одразува со невпечатливи симптоми на телото и неговите органи: болки во половината, стегање во стомакот. Ако постојано ги занемаруваме таквите симптоми често следува и психички слом. На човекот му треба здрава самосвест, чувство на сопствена вредност која е како еден вид поткрепа или во најмала рака техники кои можат да му помогнат да се одбрани од ваквите постојани напади на неговото психичко здравје.

Впрочем, тоа не е „таинствена моќ“

Проучувајќи ги децата кои немале никакви шанси да имаат исполнет живот (студијата на Еми Вернер од Универзитетот Калифорнија, за децата од Кауаи), ни открива дека таквите деца имале барем една личност со која биле блиско поврзани, која со љубов се грижела за нив, реагирала на нивните потреби, им поставувала граници и им нудела насоки. И тоа е само еден од аспектите. Силните луѓе не само што се соочуваат со својата судбина туку се подготвени и да ја прифатат својата ситуација и непријатните чувства поврзани со неа. Но, можно е да се зајакне таквата резилиентност и после триесеттата година - со тоа што помалку резилиентните личности имаат и поголем потенцијал од оние отпорните. Кај помалку резилиентните постои поголем притисок да најдат нов начин на кој ќе се соочат со ударите во животот кои длабоко ги погодуваат. „Притоа важен е аспектот за пример да земат некоја резилиентна личност и од неа да учат како да се однесуваат во животните кризи“, вели психологот, Георг Корман. Тој смета дека резилиентната личност може да се спореди со боксер „кој паѓа на подот во рингот, му одбројуваат, станува, а потоа суштински ја менува својата тактика.“ Оној што не е толку отпорен, ќе продолжи како и дотогаш и повторно ќе биде соборен на подот. „Неотпорните прават две суштински грешки“, вели Корман: „Се жалат на својата тешка судбина - заради што сето тоа станува само уште полошо. И поттикнуваат криза со тоа што сето внимание му го посветуваат на проблемот и неговото создавање, но не размислуваат доволно како тој би можел да се реши“.

Мартин Селигман, психолог кој во шеесеттите години со својата студија за кучиња ја откри и дефинираше „научената беспомошност“, а истото го повтори и со луѓе, вели дека човечкиот став дека нема да дозволи да го скршат може да помогне многу. Неуморните луѓе своите порази ги сметаат за нешто привремено и променливо. Самите си зборуваат: „Ова ќе помине брзо“. Или: „Тоа е само оваа ситуација, а јас можам да направам нешто.“ Тие не се премногу склони грешката да ја бараат кај себеси. Покрај тоа и цврсто веруваат дека можат да ја поправат ситуацијата. Оној што го прифаќа сопственото страдање, а истовремено и цврсто верува дека тоа е минливо, нема толку лесно да развие посттрауматски стрес или депресија, туку има сила да промени нешто во неповолните околности.

Американското здружение на психолозите врз основа на програмата на Селигман состави план од десет точки кој го нарече „Пат до резилиентноста“ и голем број точки се однесуваат на тоа дека е важно да се грижиме за себеси и да се вратиме кон себеси. На пример, во тешки ситуации треба да се обидеме нешто да научиме за себеси. Треба да водиме сметка за своите потреби и чувства. Да се движиме, да ги јакнеме телото и умот. Втората важна точка е она што Селигман постојано го нагласува: помирете се со тоа дека промените се дел од животот и дека ќе дојде подобро време.

Секако, отпорноста ќе се појави со текот на годините, како што стануваме постари, зашто животот има подготвена низа стресни предизвици за секој од нас.

Резилиентноста може да се стекне, но глупаво е тоа што може и да се изгуби. Не може да се каже дека особините кои ни даваат сила во една ситуација ќе ни помогнат во друга, напротив. „Не постои резилиентност како една единствена особина“, вели психологот на личноста Јенс Асендорф. „Човекот мора да си признае дека не е силен во секоја ситуација“, инсистира Михаел Фингерле. Кога е можно, треба да се избегнуваат два или повеќе предизвици одеднаш. Некогаш тоа е можно, на пример, ако имаме испит, не треба да се селиме. Меѓутоа, тоа не е можно секогаш. Најважниот совет на Американското здружение на психолозите е: „остани флексибилен“. Психологот од Институтот за медицинска психологија во Марбург, кој „специјализирал“ за стресот, вели дека целта не е да се лежи во лежалка, зашто не треба да се води живот кој не бара нималку енергија. „Важно е со својата енергија да постапувате така што тоа нема да му штети на вашето здравје. Притоа не постојат готови рецепти“. Тој додава дека фазата на стресот е потребна за да станеме подобри, за да научиме нови нешта и да имаме успех. Но и дека ни се потребни периоди без стрес, фази на закрепнување, исто како во спортот. Што е со оние на кои има паѓа тешко кога не прават ништо? Тој додава дека секој мора да го пронајде сопствениот начин и дека е подобро тогаш да не отиде на море и да се излежува, ако тоа му е досадно. „Ако веќе цел ден седам пред компјутер и читам многу, можеби за мене не е добар одморот на плажа со книга. Луѓето кои цел ден го поминуваат на деловни состаноци и на крајот од неделата се прашуваат што всушност направиле, можеби подобро закрепнуваат и одмораат ако работат во градина, или ако извршуваат домашни работи. Човекот најдобро ја обновува силата ако му појде од рака да создаде еден вид контрапункт на својата секојдневна активност на работа.“

Илустрации: Rick Matear

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото