Кога раскинувањето на „бромансата“ боли повеќе од крајот на љубовта

06.03.2019 02:00
Кога раскинувањето на „бромансата“ боли повеќе од крајот на љубовта

Младите мажи многу повеќе се емотивно задоволни од бромансите - блиски хетеросексуални врски со други мажи - отколку од романтичните врски со жени. Малата студија објавена во Men and Masculanities од 2017 година можеби и не е толкаво изненадување, како што била за истражувачите, особено не за оние кои пораснале со „Men Behaving Badly“. Или за оние на кои им било интересно да гледаат како се развива пријателството на поранешниот американски претседател Барак Обама и Џо Бајден. Како и да е, интимните машки пријателства станаа многу повеќе општествено прифатливи во последниве години, тврдат авторите на студијата, и генерално тоа е добро. Но, тие предупредуваат дека оваа промена би можела да води до послаби врски кај двојките или брачните двојки, и дури да ја намали веројатноста мажот да стапи во врска, пишува Тајм во големата анализа за „бромансите“.

Концептот на бромансата не е нов. Џорџ Вашингтон им пишувал мошне драгоцени писма на други мажи, а Абрахам Линколн го делел креветот со машки пријател неколку години (велат пријател).

Неверојатно е што блиското пријателство од типот „броманса“ стана табу во втората половина од 20 век, како што тврдат истражувачите од Универзитетот Винчестер во Англија, заради порастот на хомофобните чувства и промената на идеалите за тоа како би требало да изгледа машкоста.

Меѓутоа, во последниве години бромансата повторно стана кул, по малку благодарение и на приказната Обама-Бајден и филмовите на таа тема.

„Бромансата“ подразбира дека имате барем еден пријател со кој споделувате интимност, прегратки, чувства, па дури и кревет по потреба (но само кревет). Дваесет и девет од триесет мажи во споменатата студија изјавиле дека се прегрнувале со броманс-другар.

Овие истражувања можеби и не можат да се применат на сите мажи и потребни се уште истражувања, но го покренаа отворањето на разликите помеѓу бромансата и реалните романси, односно романтичните врски со жените.

Сѐ на сѐ, студентите од студијата изјавиле дека машките пријатели им се поважни од девојките: тие чувствуваат дека нивните блиски машки пријатели помалку ги осудуваат од нивните девојки. Како што рекол еден учесник: „Тим знае дека сакам да ги слушам Тејлор Свифт и Бијонсе, но тоа го кријам (од мојата девојка) зашто таа би ме осудила. Се чувствувам како да морам да бидам помалку маж покрај неа.“

Мажите од студијата исто така рекле дека им било полесно да ги надминат конфликтите и полесно да ги споделат своите емоции - како кога умрел дедо им - со своите (машки) пријатели, како и да разговараат за чувствителни здравствени теми, отколку со девојките. Од вкупно 30, 28 изјавиле дека за личните нешта порадо би разговарале со пријателот отколку со девојката.

„Ако откријам згрутчување на својот тестис, повеќе би сакал да разговарам за тоа со својот пријател отколку со девојката“, рекол еден од интервјуираните.

„Постоеше заеднички заклучок меѓу мажите што ги интервјуиравме“, наведуваат авторите на студијата. „Тие тврдат дека бромантичната врска повеќе ги задоволува во емоционалната блискост, во споредба со нивните хетеросексуални романси.“

Факт е дека мажите се комфорни со своите машки пријатели, што е добро, зашто можат да имаат корист од долгорочните истополови пријателства, особено ако не се снаоѓаат најдобро во емоционалната интима со жените. Но, постои и онаа другата страна. Колку што имале поцврсти пријателски врски со мажи, тие повеќе користеле сексистички или дури јазик на презир во споменувањето на пријателките, зборувајќи за „нас или нив“, што укажува на поголема лојалност кон „бромансата“. Како што рекол еден од испитаниците: „Љубовниците се привремени, бромансата е за цел живот.“

Студијата од 2017 година, објавена во Personal Relationships, особено нагласува дека нашите пријателства стануваат поважни со годините. Колку сме постари, толку поважни ни се пријателите, зашто тие повеќе влијаат на нашата општа состојба отколку односите со семејството, како што нагласува студијата.

Ако пријателството е толку важно, тогаш зошто толку малку се зборува како да се однесуваме кога ќе изгубиме пријател (а, не само кога ќе го изгубиме партнерот)?

„Постои очекување дека со пријателствата ќе биде едноставно во возрасното доба. А очигледно тоа не е многу точно за многумина“, рече Миријам Кирмаер, клинички терапевт, специјалист за помлади адолесценти и пријателства на возрасните.

Тие прекини на пријателствата, или само турбулентни периоди, можат да бидат подеднакво тешки како и губењето на љубовта, или дури и потешки, смета оваа терапевтка.

Зошто е така?

„Склони сме да мислиме дека прекините на пријателствата се случуваат заради некој вид предавство“, вели таа. Во тој случај сѐ е јасно и можеби е „лесно“ да се замине. Но, во повеќето случаи, не е сѐ толку јасно. Престануваме да имаме исти теми, без разлика дали почнуваат да ни се разликуваат стиловите на живот или се отселуваме, или затоа што еден или двајцата пријатели го исцрпувале оној другиот. Каква и да е причината, заедничката нишка кај сите е дека често не знаеме дали би требало и за што да разговараме со тој пријател, објаснува Миријам Кирмаер. Таа вели дека ние едноставно не знаеме како да се однесуваме, ниту како да се поставиме, зашто навистина не знаеме „како би требало да изгледа прекинот на пријателството.“

Многумина се чувствуваат како да прават нешто погрешно во текот на прекинувањето на пријателството. Кирмаер напоменува дека тоа не значи дека еден или двајцата пријатели се лоши луѓе, туку едноставно дека тој однос не функционирал. Таа вели дека пријателството би требало да го третираме како врска: едноставно не сме еден за друг.

До распад доаѓа кога имаме различни очекувања. „Очекувањата се поинакви во романтичните врски“, за Тајм наведува Марни Фејерман, психотерапевт од Флорида. Врските се точно дефинирани, дури на крајот се потпишуваат и на хартија (односно, на почетокот од бракот). Во пријателството нема такво нешто, ниту што точно значи за секој од нас. Не можете едноставно да дојдете и да кажете „јас ова го очекувам во пријателството“.

Наместо тоа, пријателот што ќе помисли дека е занемарен, главно не зборува за тоа, а тогаш почнува да размислува дека нешто не функционира и станува понаклонет да го прекине таквиот однос, наведува Фејерман. А недостатокот на комуникација, како и во секој однос, исто така може да ја повреди другата личност, особено затоа што ќе се прашува „каде згрешив“.

Секако, додека секој облик на страдање е вообичаен кај раскинувањето, не може да се очекува некој да се опие зашто го оставил пријателот. Кога станува збор за прекинување на пријателството, ретко се зборува, ако воопшто се зборува, дека нѐ боли многу. Оваа непредвидена траума може да им нанесе болка на уште „почувствителните“, додава Марни. „Впрочем, ќе поминете низ период на жалење и тоа е во ред. Ако чувствувате дека не можете да ја промените токсичната ситуација во пријателството, во ред е да се прежали (да се сфати дека сите чувства кои ќе се појават се нормални), да се продолжи понатаму и да се најде однос со кој сме многу повеќе задоволни“.

Фотографии: Херберт Мичел

Извор: Nedeljnik

ОкоБоли главаВицФото