
„Состојбата во уметноста“ (State of the Art), е серијал од шест документарни филмови за визуелните уметности во 1980-тите. Снимени во Европа, САД и Австралија во текот на 1985-86 година, во шесте епизоди се вклучени интервјуа со многу клучни уметници, меѓу кои се Жан-Мишел Баскијат и Енди Ворхол, но и Синди Шерман, Ентони Гормли, Ханс Хаке, Ерик Фишл, Јозеф Бојс и други.
Во овој серијал, меѓу останатото, се преиспитуваат интелектуалниот контекст на времето и идеите на постмодернизмот во услови на економски бум и зголемено влијание на капиталот. Серијата првично била емитувана на Channel 4 во Британија, а потоа била прикажана во повеќе од 20 земји.
Погледнете го овој извадок во кој е претставен дел од опусот на тогаш 50-годишниот Ханс Хаке (Hans Haacke) со фокус на дискусијата околу инволвирањето на корпоративниот бизнис во уметноста и културата, во пикот на ерата на неолибералниот двоец Тачер/Реган.
Извор: Illuminations Media