Сè што е цврсто се претвора во чад

22.05.2018 13:44
Сè што е цврсто се претвора во чад

Годинава ја славиме 170-та годишнина од објавувањето на „Комунистичкиот манифест“ на Маркс и Енгелс. Во оригиналната верзија, печатена најпрвин на германски јазик во Лондон 1848 година, насловот бил „Манифест на комунистичката партија“, а со тој наслов го издавале и институциите во историските социјализми, па и нашиот. По тој повод разговаравме со социологот Растко Мочник, публицистот и културен теоретичар Борис Буден и членот на Центарот за работнички студии Стипе Чурковиќ.

„Комунистичкиот манифест не е само веројатно најчитаниот текст на Маркс, туку и еден од највлијателните политички текстови во историјата. За многумина е и единствениот текст од Маркс што некогаш ќе го прочитаат и како таков често се третира како скратен приказ на теоријата на Маркс 'како таква', започнува Чурковиќ. Потсетува дека дури по егзилот од Германија, многу години подоцна во Лондон, Маркс во 'Капиталот'“ ја развил својата критика на политичката економија, па треба да се биде внимателен при читањето на 'Манифестот' како текст кој е репрезентативен за неговата теорија. Затоа Михаел Хајнрих, познавач на етапите на теорискиот развој на Маркс, „Манифестот“ го нарекол „повеќе резултат на генијална интуиција отколку исцрпно научно познавање на материјата“. Има уште марксови дела, особено оние од „средната фаза“посветени на историзацијата во кои комплексноста на епистемолошката позиција е разработена подобро отколку во 'Манифестот'. Едно од значајните ограничувања на тој памфлет се состои во тоа што во него се зборува за начинот на производство како нешто што во сите општества предизвикува еднакви последици“, вели Мочник, „додека непроблематизиран останува проблемот на општествените формации“. Затоа изгледа дека каде и да се појави капитализмот создава еднакви последици насекаде во светот и во секој историски контекст.

„Маршал Берман, можеби и највлијателниот коментатор на Манифестот во неговото неодамнешно уважување, во него гледа згуснат и реторички ингениозен приказ на дијалектичката теорија на модернизацијата“, вели Чурковиќ, но на дело е привиден оксиморон. Па најпрвин потсетува на познатите прогресистички ставови: „Капиталот ги разорува и револуционира сите традиционални и застарени општествени односи, ги пречекорува сите географски граници, ги надминува сите ограничувања и го катапултира човештвото во иднината, но тоа го прави подредувајќи му сè на императивот на сопственото оплодување, во процесот создавајќи свет по сопствена мерка. Но со тоа воедно и го започна процесот кој создава класа која, како хомоген субјект на историјата, ќе го доврши тој процес на модернизација – со надминување на самиот капитализам. Тој пророчки, телеолошки аспект во голем дел е заслужен за политичкото влијание на Манифестот на генерации и генерации читатели, особено во работничкото движење“. Но тоа не е сè, зашто во продолжение Берман се прашува дали Маркс нуди теоретски уверлива причина „зошто динамиката на креативната деструкција, која прв ја идентификувал како дефинирачка функција на капитализмот, неговото перманентно создавање и разорување на општествените односи, нужно морала да запре со формирањето на пролетаријатот како историски субјект или со воспоставувањето на социјалистичките општества“. И понатаму: „Дали нема да биде сосема во склад со сликата на незаузданиот капиталистички динамизам кој му го дава Маркс на Манифестот тие субјекти и општествени облици самиот повторно да ги разори, во следниот циклус на своите историски метаморфози?“

А, токму тоа се случи со историските социјализми, па и со нашиот. Мочник се прашува: „Како било можно 'читателите на Манифестот', а притоа мислам на политичката и теоретската левица во Југославија, да не бидат подготвени да се соочат со капиталистичката офанзива во последната четвртина од 20 век? Ако Берман, на кого реферира и Буден, 1982 година пишува, во контекст на ерата на Реган и Тачер, склерозите на реалсоцијализмите и копнеењето на надежта и деколонизацискиот бран револуции кои започнаа во 1968 година, тој не е единствениот толкувач кој ги атестирал важните теоретски недостатоци на 'Манифестот'. 'За Хајнрих', се враќа кон својот омилен автор Чурковиќ, 'теоријата на фетишизмот во Капиталот воедно е радикална ревизија на сликата за транспарентноста на капиталистичките општествени односи како односи на експлоатација, како што сугерира Манифестот и на тоа ја темели основата за неминовност од револуционерно надминување на тие односи. Елен Мејскинс Вуд го критикуваше историскиот приказ за подемот на капитализмот во Манифестот, но и таа, и покрај тој и другите критички приговори, ја атестира 'генијалноста' на Манифестот и тоа не само заради речиси неверојатната прогнозерска прецизност во описот на процесот кој денес го нарекуваме глобализација.“

„Мислам дека проблемот на денешната актуелност на Манифестот, како и другите списи на Маркс, особено Капиталот, не може да се разреши на ниво на егзегеза, значи со ново читање кое би било прилагодено на современиот контекст, конкретно на неолибералниот капитализам во периодот на неговата глобализација“, вели Борис Буден. Тој потсетува дека интересот за сите дела на Маркс после почетокот на новиот циклус на кризата од 2008 година, која ги потресе самите темели на цивилизацијата, повторно е сè поголем. Навистина, ако ги погледнеме новите изданија на 'Манифестот' кај нас, сите тие се сместени токму во тој период пред десетина години. Единствен исклучок е загребското издание на Аркзин од 1998 година, по повод 150 годишнината. На него посредно се сеќава Буден: „Маршал Берман, авторот на славното дело за модернизмот кое како наслов има една фраза на Маркс од Манифестот, 'All that is solid melts into air' – или во преводот на Моша Пијаде кој го редигирав во аркзиновото издание на Манифестот по повод 150 годишнината, 'Сè што е цврсто и постојано се претвора во чад' – тврдеше дека со падот на комунизмот Маркс впрочем е ослободен од злоупотребите низ кои поминаа неговите дела во периодот на реалниот социјализам. Но, за кого тој е ослободен? За интелектуалците во светот, одговара Берман во својот предговор на изданието на Манифестот на Penguin од 2011 година.“ Зашто „хаосот во кој живееме денес, речиси непосредна опасност за избивање светска нуклеарна војна, катастрофалните изгледи на глобалното затоплување, распадот на геополитичкиот систем заснован на принципот на сувереност, она што е најлошо, тоталната отсутност на нови идеи кои би можеле да им парираат на овие предизвици, сето тоа ги мотивира луѓето повторно да посегнат по критиката на капитализмот на Маркс“. „Денес Маркс се чита“, повторува Буден, „повеќе одошто некој можел да замисли пред четвртина век. Друго е прашањето кој го чита.“ Потсетува дека уште пред кризата, кон крајот на деведесеттите, „Њујоркер“ пишуваше за „Волстрит кој е полн со студентски групи кои ги читаат списите на Маркс за да ги сфатат и синтетизираат идеите кои се од исклучителна важност за нивната работа, идеите како што се глобализацијата, нееднаквоста, политичката корупција, модернизацијата, порастот на бедата во светот, технолошкиот прогрес итн. Во финансиското срце на глобалниот капитализам Маркс бил 'голем мислител на иднината'“.

Од друга страна, Мочник го обвинува недоволниот концептуален апарат на „Манифестот“ за, ни повеќе ни помалку, туку тривијализација на конфликтот помеѓу социјалистичкиот процес кој постоел од една страна и можноста за регресија, падот назад кон капитализам од друга, што беше реална ситуација на нашиот крах на социјализмот. Секако, тоа не значи дека Југославија пропадна само затоа што нејзините раководители премногу верувале во оптимизмот на „Манифестот“ и иреверзибилноста на едно историски достигнато ниво на социјалистичката револуција. Но, дека постоела извесна „опуштеност“ во ситуација кога не смеело да постои, па и тоа што таканаречените трансформации и приватизации само дополнително ги сфаќаме како вртење на тркалото на историјата наназад (што сè уште нè мобилизира да создадеме критична маса која би ги запрела или завртела процесите кои не се завршени), зборува дека не само што не сме „читале добро“, туку и дека не сме ги надоградувале доволно класиците. Инаку, не само како поединци туку и како институционализирано општетсво, ќе сме согледале дека противречностите кои ги создава еден вид социјалистичка индустријализација и едноставните стокови производства во земјоделството нема самите и според некој автоматизам да се разрешуваат социјалистички.

Буден ја споменува анегдотата за таткото на германско-американскиот теоретичар на меѓународни односи Ханс Моргентау, кој на почетокот од 20 век бил лекар во работнички кварт во баварскиот град Кобург, каде често не можел да им помогне на рударите кои масовно умирале од туберкулоза: „Тие пред да умрат често го замолувале да им го донесе Манифестот. Нивната последна желба била да бидат закопани со славното дело на Маркс и Енгелс. Наместо со Библијата, секако.“ А, каква е состојбата денес, не само кај нас туку и ширум светот? „Знаеме, обичните луѓе на последната починка повторно порадо со себе земаат свети Библии, Курани, Тори, национални знамиња и грбови или пак вообичаениот posttruth trash.“ Буден потсетува дека Маркс и Енгелс „не ги адресирале интелектуалците, а особено не академските елити, дури ни тогаш кога станувало збор за нивните теоретски најобемни дела – сето тоа се читало и дискутирало „во рамки на движењето“, како во смисла на работничкото движење во кое работничките маси настапувале заедно со своите органски интелектуалци – Роза Луксембург ја напишала „Акумулацијата на капиталот“, значи својот критички коментар на Капиталот на Маркс врз основа на своите предавања кои не ги одржувала на некој од елитните универзитети, туку во работничките школи – така и во смисла на историското движење или, подобро, движењето на самата историја во која делата на Маркс и Енгелс, како и нивните читатели не биле сопатници туку авангарда.“ За истата тема Чурковиќ вели: „Не се работи само за тоа ниту пак смислата на денешната лектира од Манифестот може во целост да се сведе на носталгична евокација на изгубената “структура на чувствата“ (Рејмонд Вилијамс) на еден неспоредливо пооптимистичен и поофанзивен момент во историјата на левицата. Магнетизмот на Манифестот, без кој неговата апсолутно исклучителна историја на уважување би била тешко замислива, сигурно произлегува и од неговите специфичности (и) како литерарен текст. Со зборовите на Маршал Берман, „покрај сè останато што е, Манифестот е и првото големо модернистичко уметничко дело“.

Буден е скептичен кон феноменот за „враќање на Маркс“ кај младите генерации на Запад, иако социјализмот во САД е попопуларен од кога било претходно, а глобалната интелектуална елита чита марксизам: „Не сум сигурен дека тоа по себе е нешто позитивно за идејата на Маркс и за светот кој е во криза. Во Манифестот, појасно од каде било на друго место, тие ги адресираат „пролетерите од сите земји“. Пишуваа за понижените, искористените, поробените, презрените луѓе од своето време, а не за академската елита. Дури кога повторно ќе ги читаат санкилотите и пролетерите од нашето време ќе можеме да кажеме дека Манифестот повторно има своја публика.“

Но ако не се работи само за читателската публика, една од темите на „Манифестот“ се и тогаш новите историски актери, на чија институционализација, меѓу другото ѝ е посветен овој памфлет. Имено, комунистите. Во второто поглавје „Пролетерите и комунистите“ Маркс и Енгелс пишуваат: „Комунистите не се некоја посебна работничка партија наспроти другите работнички партии“. Оваа реченица Мочник ја толкува на следниот начин: „Антикапиталистичкото движење влегува на светската сцена како плуралистичко од самиот почеток. Комунистите не се посебна партија. Тие се активни во плуралните облици на новите антикапиталистички движења. „Егзегезата на познатиот извадок оди понатаму: „Тие немаат никакви интереси одвоени од интересите на целиот пролетаријат“. „Интересот на пролетаријатот во целина“, вели Мочник, „не е саморазбирлив. Во својата спонтаност, конкретните историски борби се партикуларистички и не се нужно на линијата на интерес на „целиот пролетаријат“. „Предноста на комунистите во однос на останатата маса на пролетаријатот е само во тоа што тие имаат увид во условите, развојот и општите резултати на пролетерското движење. „До тоа разбирање дошле со теоретска работа!“ вели Мочник. Реченицата дека во националните борби во различни земји комунистите „истакнуваат и застапуваат заеднички интереси на пролетаријатот како целина кои се независни од националноста“, треба да ја толкуваме како појава дека во посебните национални борби „заедничкиот интерес на пролетаријатот како целина“ често не е во прв план. Во овој случај комунистите се коректив, зашто пролетерското движење може да биде само меѓународно, а револуционерното глобално. Значи, „на различни степени од развојот низ кои поминува борбата помеѓу пролетаријатот и буржоазијата (тие) постојано ги застапуваат интересите на целокупното движење“. Иако посебните борби на работниците со својата специфична временост, не можат да се синхронизираат, нужно е тие посебни борби да се организираат во „интерес на движењето како целина“. „Непосредната цел на комунистите е (...) формирање на пролетаријатот во класа“, пишува во „Манифестот“. Во својата секојдневна егзистенција работните луѓе не ја прават класата. Затоа формирањето на пролетаријатот во класа е политички налог и достигнување кое е нужно за класната борба перманентно да се репродуцира. „Задачата на комунистите е подеднакво важна и денес како што била и во 1848 година“, заклучува Мочник.

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Европа / Теорија
Став / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Европа / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото