Жртви на предрасудите

11.05.2009 13:40

Попусти ни се сите вероученија, лекции за морал и промовирање хумани вредности кога секој ден докажуваме дека сме ние едно тотално нехумано, несолидарно и нетолерантно општество. Додека ние дебатираме дали државата треба да гради црква на плоштадот, меѓународниот Глобален фонд ги повлече парите за изградба на центри за лекување од зависност. Имавме отворено дилема дали да градиме болници со подарени пари или цркви со наши пари - и решивме. Решивме дека ќе ја браниме изградбата на црква со сите сили, а уште еднаш ќе ги заборавиме зависниците од дроги. Пресудивме конечно кои луѓе ни се важни, чии потреби ни се приоритет, чии животи се вредни за спасение. Останатите комотно може да ги снема, само затоа што некому тие не се допаѓаат. Сега слободно можам да кажам дека нашите власти, сите комплет, се убијци. Можеби ова делува пресилно, но дозволете да ви го објаснам историјатот на овој проблем.

Во Скопје постои еден центар за лекување на зависници. Оној познатиот во Кисела Вода. Тој центар е веќе неколку години затворен за примање нови пациенти. Тоа значи дека над 5 години во овој центар не можат да се лечат зависниците. Пет години се доволен период некој да стане зависник, да посака и да не добие лекување, и на крај да почине. Глобалниот Фонд реши да донира пари за изградба на метадонски центри. Во 2007 година, заедно со тимот на невладината организација ХОПС, спроведовме акција под мотото „Предозирани од осуди“ чија цел беше токму сензибилизирање на локалните власти и на општата јавност по однос на потребите од лекување на зависниците. Проблемот се јави кога локалните власти и населението во општините одбиваа во „нивен двор“ да се градат центри за лекување. „Градските татковци“ имаат поинаков третман за „своите деца“. Изминативе три години починале 36 зависници кои сакале да бидат лекувани, но не биле примени во Дневниот центар во Кисела вода. Триесет и шест луѓе, жртви на лицемерен морал, за кои никој не сака да зборува. Сосема очекувано, никој нема ни да преземе одговорност за смртта на овие луѓе. Нивниот живот изгледа дека и не вреди многу... само мали отстапки од предрасудите кои не бевме во можност да ги направиме. Нека им е лесна земјата.

Попусти беа сите напори, сите лобирања во таа 2007 година. Центрите не се отворија. Глобалниот Фонд неколку пати го продолжуваше рокот. И тоа беше попусто. Нашиот лажен морал беше посилен од сите можни рокови. Нашите предрасуди, се чини, немаат рок на траење. Докажавме дека сме вечни и упорни во уништувањето на животите кои не ни се допаѓаат.

Чудно, додека разговаравме со некои градоначалници од општините во Скопје, без разлика од која партија доаѓаат, повеќето имаа еднаков одговор на проблемот: „Во нашите општини луѓето не сакаат да им се шетаат наркомани.“ Или: „Во нашите општини нема наркомани, па не треба да има ни центри за лекување.“ Ги прашувавме од кога тие општини станаа „нивни“, нивна сопственост. Дали изборите значат освојување на територија? Грижата на градоначалниците не се состои само во разубавување на општината со пар клупи и паркови. Колку и да е тоа важно, зарем истото ја исцрпува професионалната ангажираност? Што се вели кога градската власт е глува и слепа за потребите на дел од своите граѓани? Обично се вели сиктер на истите, но проблемот е кога и мнозинството ги поддржува во намерата да не дозволат лекување на некого кому тоа е потребно. Тоа сите нас нè прави соучесници во убиство. За три години, драги скопјани и скопјанки, имаме 36 изгаснати животи на свој грб.

Голготата на овие луѓе траеше низ сите минати влади. Ниедна од политичките партии не сакаше да ги есапи реалните, животни проблеми на зависниците. На последните избори во програмите на двата кандидати за градоначалници за општина Кисела вода (оној на СДСМ и оној на ВМРО ДПМНЕ) стоеше една многу јасна цел, впрочем како и секоја година: дислоцирање на центарот на зависници. Ниеден кандидат за градоначалник во другите општини не стави во својата програма отворање на центар за лекување. Не е важно лекувањето на илјадниците зависници кои попусто чекаат на одамна затворената листа за нови пациенти. Важно е оние кои се лекуваат да ги истераме од „нашите“ општини. Да ги скриеме што подалеку од нашите погледи и да уживаме во розовата слика на паркови, скулптури и споменици. По цена на нечиј живот. Цената веќе е платена. За жал, допрва ќе ја плаќаат и други цената на нашите предрасуди.

Потрошивме 10 милиони евра за изградба на споменици. Ќе потрошиме без проблем уште многу повеќе за цркви во кои ќе ја славима нашата „христијанска“ љубов кон ближните. Подарените 3.5 милиони евра за центрите за лекување ќе им ги вратиме во џебот на донаторите. За тоа нема оправдување. Предрасудите се нашето крваво оружје. Решивме дека некои луѓе немаат право на лекување, а со тоа дека немаат право да живеат. Да бидеме доблесни и да признаеме дека убивме и ќе убиваме луѓе додека лицемерно зборуваме за спасение на душите, хумани гестови и морални вредности.

Илустрации: Каролин Хванг

Слични содржини

Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото