Јавен повик за учество на филмската школа „Докуникулци 2018“

20.06.2018 17:55
Јавен повик за учество на филмската школа „Докуникулци 2018“

„МакеДокс“ трага по млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно.

По одличната берба на ланскиот расад – учесниците на школата за млади документаристи – првите докуникулци „стасаа“ во исклучително креативни докудебитанти.

„МакеДокс“ во соработка со ДримОН Фестивал е во потрага по тазе докуникулци на возраст од 13 до 19 години кои сакаат да бидат дел од годинешната работилница за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“.

Како да се пријавиш?
Сними се себе си во вид на видео-порака, со телефон, веб-камера или на кој било друг начин и преку видеото, кое не треба да трае повеќе од пет минути, одговори на некое од следниве прашања:
1. Освен преку соништата, накој друг начин бегаш од секојдневието?
2. Кога би можел да бидеш кое било животно или растение, што би избрал/а да бидеш и зошто?
3. Кое е твоето прво сеќавање?
4. Кога би сретнал/а магаре што знае да зборува, што прво би ти кажало и зошто?
5. Кој документарен филм ти оставил најголем впечаток и зошто?
6. Која е приказната што сакаш да ја раскажеш и зошто е различна од останатите?
7. Што би издвоил/а за себе како важно, специфично, откачено?

Видеото испрати ни го на dokunikulci@makedox.mk преку WeTransfer. Уште подобро, доколку си во можност, прикачи го на VIMEO или YouTube, заштитено со лозинка, а нам испрати ни ги линкот и лозинката.

Повикот е отворен до 30 јуни 2018 година, а резултатите ќе бидат објавени до 5 јули 2018 година.
Работилницата ќе биде распоредена во четири сесии и ќе се случува за време на:
- Патувачкото* кино на „МакеДокс“ и „ДримОН“ (21-28 јули т.е. 7 дена)
- Филмскиот фестивал „МакеДокс“ (16-23 август т.е. 6 дена)
- Две есенско-зимски сесии по договор (5-7 дена)

На работилницата, своите знаења и вештини во документаристиката ќе ги споделат членови на креативниот тим на „МакеДокс“, ланските докуникулци и наши пријатели од други земји – докажани докупрофесионалци.
Учеството е бесплатно. Трошоците за сместување, превоз и храна се покриени, но имај на ум дека сместувањето – особено за време на Патувачкото кино – не е во хотел со пет ѕведзички, туку понекогаш дури и под отворено небо, со милион ѕвезди, заедно со тимот на „МакеДокс“.
Бараме млади луѓе, храбри да се изразат креативно и слободно и спремни да се впуштат во незаборавна авантура. Дванаесетмината величествени ќе бидат поделени во 3-4 помали групи со по еден ментор, а на крајот на работилницата, секоја група ќе треба да има готов креативен документарен филм. (Во овој момент, не бери гајле за опрема.)

ВАЖНО: Доколку си малолетен/на, заедно со пријавите, треба да доставиш и согласност од одговорен возрасен со која се одобрува твоето учество на работилницата. Доколку остана некое прашање неодговорено, пиши ни!

*Патувачкото кино е неделив дел од „МакеДокс“ кој се случува низ руралните средини во Македонија. Годинава, ќе минува низ Струшко.

Новата генерација на Докуникулци 2018 е во партнерство со ДримОН Фестивал и поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy) и Агенцијата за филм на Република Македонија.

Другарски поздрав,
МакеДокс