Ретроспективнa изложба на Танас Луловски Тане во Даут пашин амам

20.12.2018 03:19
  Ретроспективнaта изложба на Танас Луловски Тане во Даут пашин амам

Национална галерија на Македонија, во рамките на својата Годишна јубилејна програма за 2018 година, ја најавува ретроспективнaта изложба на Танас Луловски Тане, како еден од доајените на македонското современо сликарство, кој даде силен белег и остави неизбришливи траги во развојот и афирмацијата на македонската современа ликовна уметност.

Изложбата ќе биде отворена на 20 декември во 19 часот, во  Даут пашиниот амам.

Танас Луловски е роден на 20 февруари 1940 година, во Желево, Леринско, денешна Грција. Основно училиште завршува во Бела Црква, Војводина, а потоа заминува во Романија каде едновремено ќе се запише во гимназија и во уметничко училиште (Јаши, Романска Молдавија). По завршување на средното училиште во 1961 година заминува во Букурешт, каде ќе конкурира на Факултетот за ликовни уметности. Во 1967 година дипломира на Институтот за ликовни уметности „Николае Григореску“ во класата на проф. Александру Чукуренко. До 1985 година, Луловски е слободен уметник. Како стипендист на италијанската влада, во 1970-71 година специјализира сликарство во Рим. Студиски патувања остварил во Париз, Амстердам, Мастрихт, Виена, Фиренца, Њујорк, Торонто. Од 1985 година, работи како професор по сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Починува на 2 август 2006 година, во Скопје.

На изложбата која претставува одбележување на повеќедецениското творештво и каракатеристичниот авторски белег на овој наш еминентен сликар, ќе бидат поставени дела (слики и цртежи) од сите фази од неговото творештво, кое започнува во 60-те години на минатиот век.

Со оглед на неговото големо значење и силниот и препознатлив белег кој беше инспирација за многу нови генерации на ликовни автори, а земaјќи во предвид дека досега не е напаравено вакво ретропсективно прикажување, и покрај парцијалните претставувања на неговите дела во последните 10-ина години, оваа ретроспективна изложба ќе преставува своевиден пресек на неговото творештво, укажувајќи на неговото исклучително значење за современата македонска ликовна уметност.

Изложбата содржи слики и цртежи од различни творечки периоди на Танас Луловски Тане. Делата кои ќе бидат претставени се сопственост на семејството на авторот, на повеќе институции (НУ Национална галерија на Македонија, НУ Музеј на современата уметност, НУ Центар за култура Антон Панов Струмица,), како и на значаен број приватни сопственици.

Изложбата ќе биде отворена до 20 февруари 2019 година.