Наркос: Холивудската опсесија со картелите

31.01.2019 10:48
Наркос: Холивудска опсесија со картелите

Продолжуваат да доаѓаат. Наоружани со реплики од автоматско оружје, со галони сценска крв и лажен мексикански акцент, картелите доаѓаат преку нашата граница, и во нашите кина и видеостримови.

Овие злосторници ги мачат своите непријатели, убиваат добри Американци и можат да се појават каде било. Минатата година, во филмот Sicario: Day of the Soldado, што е само еден од најмалку шесте филмови во кои Бенисио дел Торо се бори против латиноамерикански нарко-босови, или и самиот игра еден од нив, тие се поврзани со бомбата во Канзас.

Водач на картел – било да е тој голем бос, убиец или дилер на ситно – стана доминантна претстава за латино-луѓето на американската телевизија и во кинематографијата.

Тоа е исто така доминантна претстава за латино-луѓето во дискурсот на претседателот на САД. Латино нарко-дилерите лесно би можеле да ги надминат џихадистите и руските криминалци меѓу главните филмски негативци во земјата.

Време е Холивуд да се запраша: каква порака ѝ праќаме на американската публика? И зарем не станува сето ова малку предвидливо?

Квалитетот на овие драми, во уметнички контекст, баш варира: од телевизиска серија наградувана со Еми и не толку славната комедија од 2013 година We’re the Millers до минатогодишните Peppermint на Пјер Морел и The Mule на Клинт Иствуд.

Ама тие ја повторуваат истата приказна: латино-банди што избезумуваат збунети белци; таен состанок на мексиканска хациенда додека се служи текила, а латино-убавици шетаат во бикини.

„Тоа стана жанр. Како што гледате“, рече Бенисио дел Торо, еден од главните „јунаци“ во овие филмови, за британски Гардијан во интервју објавено во јуни.

Во врска со филмовите за дроги, рече дека „тие стануваат популарни како некогаш филмовите од Дивиот Запад, тие се новите вестерни“.

За жал, овој нов жанр не претставува настани од американското минато, туку наводно од вистинската закана сега и овде. Кон крајот на декември, претседателот на САД, Доналд Трамп, ја блокираше владата поради ѕидот што сака да го изгради за да ги задржи подалеку од границата мигрантите за кои вели дека се криминалци што дилаат дрога. Тој никогаш не престанува да измислува лажни и растроени изјави за опасноста што ја претставуваат латино-имигрантите. Холивуд за сето тоа време само непрекинато измислува нови сценарија во кои ги претставува латино-луѓето како криминалци и како закана за американскиот мир и стабилност.

Во омразениот филм Peppermint од 2018 година Џенифер Гарнер толкува улога од фантазијата на Трамп.

Како домаќинка од предградието на која латино нарко-дилерите ѝ ги убиваат мажот и ќерката, таа станува одмаздничка што во својот поход убива еден куп латино-асасини и уништува складиште со пињати за кое излегува дека всушност служело како тајна одаја на нарко-босот. Њујоркер ова остварување го нарече „расистички филм што ја одразува моменталната антиимигрантска политика и нејзиниот параноичен фокус на MS-13“.

Како и наркодилерите во Peppermint, лошите момци во филмовите за борбата со картелите често се мешавина од излитени фрази и стереотипи.

Во новата серија на Нетфликс Narcos: Mexico Диего Луна брилјира како паметен, претприемлив човек полн со мани. Ама додека гледав како Луна го гради своето „царство“, посакав да видам латино-актер како игра голема холивудска улога без да остави зад себе неизбежна трага од кокаин.

Во The Mule, како и во неброено многу други филмови со понизок квалитет, латино-стереотипите стануваат лесно видливи, речиси банални симболи на немоќта на белците.

Во меѓувреме, во стварниот живот, латино-луѓето ги покажуваат своите човечки мани и се обидуваат да изградат свои лични царства во области што, замислете, не подразбираат криминални активности.

Тие управуваат со локалниот Волмарт, тие студираат право, се вљубуваат и се разведуваат и ги прават сите оние работи што во суштина многу ретко ги гледаме на американската мејнстрим телевизија, но и на филм.

Главната приказна меѓу повеќе од 57 милиони латино-луѓе во САД не е војната за дрога, туку нееднаквоста, имигрантската амбиција и раните настанати од разделувањето на семејствата.

Овие теми побаруваат виртуозен третман како оној што можевме да го видиме во делата There Will Be Blood или хорор-хитот Get Out од пред две години.

Госпоѓо или господине директоре на студио, наместо уште еден филм со лажни тетоважи и лажен акцент, размислете за вложување во нов талент и голем, паметен латино-проект.

И за нарко-босовите размислувајте како за чили – како за зачин што не треба да се става секаде.

Инсистирајте на квалитет и комплексност во филмските приказни што ги раскажувате за латино-луѓето, и можеби ќе заличите на гениј додека откривате вистинит и нераскажан американски еп, позаносен од каков било картелски заговор.

Извор: The New York Times