Победник на вечерта: „Опенхајмер” освои седум Оскари

11.03.2024 11:42
Победник на вечерта: „Опенхајмер” освои седум Оскари

Актерскиот и продицентскиот тим на филмот „Опенхајмер” ја прима најважната награда на вечерта- Оскарот за најдобар филм
Фотографија: Крис Пизело

Филмот „Опенхајмер” (Oppenheimer) на Кристофер Нолан доби Оскар за најдобар филм. Американската филмска академија, синоќа во Лос Анџелес, ја додели својата најважна награда на биографскиот историски филм за изумителот на атомската бомба. Филмот освои вкупно седум Оскари: самиот Нолан ја доби наградата за најдобар режисер.

Продукцијата доби и две актерски награди: Ирецот Килијан Марфи, кој го игра американскиот физичар Роберт Опенхајмер, доби награда за најдобра машка улога. Роберт Дауни Џуниор ја доби наградата за најдобра споредна машка улога - го играше противникот на Опенхајмер и политичар Луис Штраус. Филмот имаше 13 номинации за Оскар, повеќе од која било друга продукција.

Годинешната награда за најдобра главна женска улога ја освои Ема Стоун за нејзината изведба во филмот „Poor Things”. Гротескната комедија доби вкупно четири награди, на пример за дизајн на костими и шминка. Германката Сандра Хилер, која исто така беше номинирана во категоријата за најдобра актерка, остана со празни раце. Награди не добија ниту филмовите на двајцата германски режисери, „The Teachers’ Lounge” на Илкер Чатак и „Perfect Days” на Вим Вендерс.

Режисерот Кристофер Нолан со Оскарот за најдобар филм.

Фотографија: Мајк Блејк

Сепак, победија два филма во кои глумеше Хилер: британската драма за Аушвиц „The Zone of Interest” ја освои наградата во категоријата најдобар меѓународен филм. Во него германската актерка ја игра сопругата на командантот на Аушвиц, Рудолф Хес. Филмот „Anatomy of a Fall” во кој Хилер игра успешна авторка која е обвинета за убиство на нејзиниот сопруг, беше награден за најдобро оригинално сценарио.

Актерката Да Вајн Џој Рендолф ја доби наградата за најдобра споредна женска улога за нејзината улога во драмата „The Holdovers”. Американката е позната и како музичка актерка.

Иако имаше 10 номинации, „Killers of the Flower Moon” на режисерот Мартин Скорсезе не освои ниту една статуетка, додека хит-филмот „ Barbie” освои само една - за најдобра оригинална песна напишана од Били Ајлиш и нејзиниот брат Финес.

Режисерот Џонатан Глејзер со статуетката Оскар за најдобар меѓународен филм.
Фотографија: Стенли Б. Мирадор

Извор: https://www.dw.com/mk 

ОкоБоли главаВицФото