Наместо да читаме да почнеме да се касаме

27.03.2019 02:56
Наместо да читаме да почнеме да се касаме

Водам книжевен клуб „Силен збор“ речиси 15 години. Се собираме двапати неделно, читаме одбрана литература, гледаме одлични филмови, идеме во театар, дискутираме, учиме. Пишуваме, понекогаш учествуваме во програмите во градот. И јас пишувам, објавувам во периодиката и на порталите за култура и уметност. Водам блог и страница „Силни зборови“. Не е тоа бог знае што, некој ќе каже, но факт е дека е потребно многу да се вложи во тоа, труд, сериозна работа и многу време.

За сето тоа време успеав (случајно) да заработам 5000 динари ( и со букви – пет илјади динари), не ги барав: 2000 добив за расказот објавен во „Градина“, во дамнешното време кога „Градина“ уште плаќаше хонорари за текстовите, 3000 добив за учество во програмата во рамки на „Ноќ на музеите“, пред две или три години.

Се разбира дека не ми е целта за заработам занимавајќи се со тоа. Само не можам да одолеам да направам една споредба. Значително поголема сума добив откако се судев со градот затоа што ме касна едно бездомно куче . Истото тоа куче, или некое друго од истиот чопор искасало уште 12, 13 луѓе од мојата улица. Сите го тужеа градот. Едно куче, еден милион годишно, можеби и повеќе. А ова е само една улица во Ниш.

Судскиот вештак кој ги прегледува каснатите и му дава извештај на судот, тие кучиња ги нарекува свои надворешни соработници. За парите што градот ги исплаќа годишно за угризите на кучињата скитници (на каснатите, адвокатите и вештаците) сигурно би можело да се направи некое место со добри услови за чување на овие кучиња. Тоа би било трајно решение и можеби би останувале малку повеќе пари за непотребни работи како што се културните активности на залудните граѓани.

Заклучокот сам се наметнува. Вака како што стојат работите, не ни преостанува ништо друго освен да произведуваме кучиња скитници, надевајќи се дека почесто ќе нè каснуваат. Пуштете ги на улица вашите домашни кучиња, усреќете некого, можеби тоа каснување му е решение да ја плати струјата или да врати некој долг.

А ние на состаноците на клубот наместо да читаме, ќе почнеме да се касаме меѓусебно. Ако го снимиме и го објавиме тоа некаде како перформанс, можеби ќе падне и некоја пара.

 

 

ОкоБоли главаВицФото