Партиципативноста и популарната култура

12.06.2019 10:13
Партиципативноста и популарната култура

Во период од само неколку недели две популарни тв-серии на HBO (Home Box Office) беа дел од светските вести и предизвикаа бројни и бурни реакции:

-Руските медиуми остро реагираа на мини тв-серијата на НВО за Чернобилската хаварија, Chernobyll, 2019. Според нив, „серијата лажно прикажува наводна неспособност на Советскиот сојуз со цел да ја оцрнат Русија како нуклеарна сила“. Како одговор, руската телевизија NTV подготвува сценарио за своја верзија на Чернобилските настани, која ќе се базира на приказната дека зад хаваријата стојат агенти на ЦИА.

-По прикажувањето на последната сезона на „Игра на тронови“ (Game of Thrones), дел од фановите на оваа серија организираа петиција за „повторно снимање на последната сезона според ново сценарио и со нови сценаристи“. Петицијата засега има 1.6 милиони потписи, кои ја потврдуваат разочараноста на голем број фанови од крајот на серијата.

 


Овие два настани покажуваат колку публиката денес различно ја доживува популарната култура. Замислете, на пример, читателите да побарале од Фјодор М. Достоевски повторно да ја напише „Браќата Карамазови“, или пак некој друг писател да ја допише и да го смени крајот и судбината на ликовите?

Контроверзни дела имало од памтивек, тоа не е новина, а контроверзноста најчесто и била една од главните причини за популарноста на различни дела низ историјата на книжевноста, телевизијата и филмот. Она што е ново е идејата дека ликовите и филмовите, сериите, и др. сега им припаѓаат на самите гледачи, односно опстојува нова идеја дека публиката има право не само да каже свој став, туку и да одреди каква треба да биде приказната и ликовите. Се работи за драстична промена за тоа како денес публиката ги конзумира содржините од медиумите, но и промена во тоа какво место во колективната меморија добиваат содржините од популарната култура. Тоа е нешто како во театар публиката да стане и да ја прекине претставата и потем да им дава инструкции на актерите како да ја играат претставата. Линијата на разграничување, односно конвенцијата дека има автор, дело и публика, секој со своја јасна улога, сега се чини дека е поништена.

Овој феномен на „активизам на публиката“ има и свој кус историјат. Еден од првите случаи публиката да не се согласува со крајот на некое филмско или тв-дело е реакцијата на фановите на крајот на тв-комедијата „Seinfeld“ во 1999 год. Критичарите и публиката беа силно поделени околу тоа како оваа серија заврши, посочувајќи ја контроверзноста на крајот, во кој според нив биле „навредени лојалните фанови на серијата со тоа што ликовите од Seinfeld потценувачки и потсмевачки се понеле кон својата публика“.

Слични негативни реакции следуваа по прикажувањето на втората трилогија на „Star Wars“ во 2005 година, кога беа иницирани петиции и различни негодувања за тоа како е продолжен овој филмски класик. Во 2010 година следуваше бурна реакција на гледачите по крајот на серијата „Изгубени“ (Lost). Овој пат разочараните фанови беа уште поорганизирани на интернет и својот бес го канализираа на сите можни места, од коментари на сајтови, преку блогови, до социјалните мрежи. Во случајот на Lost треба да се напомене дека авторите на серијата во претходните сезони, со цел да го зголемат интересот и вклученоста на публиката, ги охрабруваа нивните коментари и идеи за тоа како мислат дека треба да се развива и да заврши приказната на главните ликови. На крај, овој нов вид на партиципативност, т.е. учество на публиката, се покажа како клучна причина за крајно лошиот прием на крајот на серијата, но и за тоа како таа серија ќе биде запомнета.

Слично разочарување доживува и „Игра на тронови“, која од најдобро рангирана серија на сите времиња на неколку специјализирани сајтови (IMDB, Rotten Tоmatoes, и др.), по последната сезона почна бргу да паѓа во своите рејтинзи, а гневните фанови кампањски да гласаат и да коментираат против неа.

Овие реакции не се воопшто наивни, бидејќи влијаат не само на рејтинзите, туку и на гледаноста, а со тоа и на профитабилноста на целиот проект. Рон Хауард, режисерот на едно од продолженијата на „Војна на ѕвездите“ тврди дека ваквите кампањи и негативни реакции нанеле сериозни загуби во гледаност и во профит на „The Last Jedi“ .

Охрабрувањето на вклученоста, по одреден степен, почнува да го јаде самото дело, односно авторите се ставени во позиција да не можат не само да ги задоволат сите вкусови, туку и да го зачуваат интегритетот на своето дело. Значителен дел од публиката смета дека има право „да ги поседува ликовите и нивните дела и дека треба тие да одлучуваат за нивната судбина“. Публиката бара контрола врз своите омилени телевизиски и филмски ликови, како што има контрола врз ликовите од видео игрите и другите интерактивни форми.

Интернетот им овозможи на фановите не само да ги артикулираат своите ставови, туку и да го засилат влијанието врз тоа што и како се креира до степен што авторите се чувствуваат сè понемоќни да го контролираат својот творечки процес без да чувствуваат огромен притисок од можните негативни реакции. Нивните ликови и приказни како повеќе да не се нивни, со што е изместена рамнотежата помеѓу авторот и неговата публика. Засилената партиципација, овозможена од Интернетот и социјалните мрежи, прераснува во дестабилизација на творењето.

Фридрих Енгелс во незавршеното дело „Дијалектика на природата“ пишува за феноменот „преминување на квантитет во квалитет“ (Friedrich Engels, 1883, Dialektik der Natur). Се работи за степен на прогресија во која со квантификација, односно умножување, на одреден феномен или процес, при достигнување на одредена точка, постојниот квалитет целосно преминува во сосема поинаков квалитет. Вака настанатата промена целосно ја менува природата на процесот. „Одеднаш и без предупредување наместо повеќе од истото добиваме нешто сосема друго“. На пример, ако додавате премногу кафе во водата во одреден степен квалитетот на пијалокот кој го подготвувате ќе премине во нешто сосема поразлично од обично кафе за пиење.

И информациите се подложни на ова правило. Квантификацијата на информациите веќе преминува во степен кој го менува квалитетот на процесот на размена и користење на информациите. Мислењето на публиката го надминува степенот на позитивен фидбек и прераснува во лавина која го затрупува самото дело.

Andrew Keen во својата книга „The Cult of the Amateur“ (2007) предупредува на тоа дека „новиот интернет може да го уништи професионализмот во многу сфери“. За жал се чини дека неговите предупредувања се остваруваат и дека „станува невозможно да се создаваат квалитетни дела помеѓу толкаво количество на содржини и информации од корисниците“.

Интернетот и СМ овозможија не само нови начини за учество (партиципација), туку и предизвикаа грчевита борба за тоа кој ги контролира приказните (наративите). Во таа борба, откако беше вклучена публика и корисниците, се вклучија и центрите на политичка моќ (како во случајот со серијата Чернобил), кои се прилично засегнати од тоа какви приказни ќе доминираат со нашата реалност. Во таа борба кој одредува кои се нашите приказни во кои веруваме, се фрагментира не само јавноста и публиката, туку и самите приказни и содржини, кои полека ја губат својата моќ да ги поврзуваат луѓето околу заеднички нешта. Овој процес на ерозија на нештата кои нè поврзуваат треба сите да нè загрижи.

Социјалните мрежи и Интернетот станаа машина за фрагментација на јавноста во микрогрупи кои се во постојан конфликт со различните од себе, и кои бараат излез од својата немоќ. Светот е толку изменет што старите правила повеќе не функционираат, потребни се нови правила кои ќе овозможат макар пристојна рамнотежа на вредностите кои се важни за сите нас.

Превземено од https://komunikacii.net

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото