„Портрет на градот” – изложба на фотографии од Денис Јагџи

19.06.2019 02:43
„Портрет на градот” – изложба на фотографии од Денис Јагџи

Вечерва (19 јуни) во Мала станица, со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата на фотографии од Денис Јагџи, насловена „Портрет на градот“.

„Архитектурата на градот Скопје поминувала низ многу периоди на својот развој. Поради сите овие промени што градот ги претрпувал, ги претрпува и ќе ги претрпува и тоа не само директнo со градење или рушење на објекти, туку и со мали промени и можеби додавање други елементи во просторот околу самите објекти који ја менуваат нашата перцепцијата за нив. Се запрашав од кој период е вистинското лице на градот, кој објект го претставува Скопје? Бидејќи и по многу направени фотографии, тоа не го открив, се одлучив да направам мало истражување и да ги прашам луѓето. Се одлучив да разговарам со луѓе од областа на уметноста, како уметници така и љубители на уметноста, кои не остануваат рамнодушни кон убавината на урабаната скопска архитектура. Условот беше барем еден период од својот живот да живееле во Скопје. Разговарав со вкупно девет луѓе и им поставив две наизглед кратки прашања. Во првото да се претстават себеси, а во второто да го претстават градот со еден објект.

После ова мало истражување на градот можеби за повеќето испитаници, симболот на градот е од периодот на брутализмот и градбите од натур-бетон, но за мене ниту еден објект не е симбол без нив самите. Тоа го сфатив одкако и нив ги фотографирав пред објектот. Од моментот кога го здогледаа објектот му се восхитуваа. Некои од нив најдоа вистински зборови, некои пробаа и со рацете да ги објаснат нивните чувства, а на некои тоа едноставно им се гледаше во очите“, вели авторот.

Денис Јагџи (1996) е студент на додипломски студии, на катедрата по фотографија на факултетот за Аудиовизуелни уметности ЕФТА-Скопје, во класата на проф. М-р Роберт Јанкулоски и доцент М-р Елена Бојаџиева.

Неговите фотографии биле дел од повеќе групни изложби: Идентитет (Дортмунд, 2018), Идентитет (Скопје, 2018), Скопје Креатива (Скопје, 2017), Теми од мојата земја Македонија (Скопје, 2018).

Во 2016 година го освои првото место на фото-натпреварот " Making Connections, организиран од Амбасадата на Холандија во Република С.Македонија.

Изложбата на фотографии со наслов „Портрет на градот”, е дел од дипломскиот труд и е негова прва самостојна изложба.

 

Слични содржини

Јавни простори / Фотографија / Уметност / Око
Активизам / Фотографија / Свет / Уметност / Око
Фотографија / Уметност / Око
Фотографија / Уметност / Настан / Филм

ОкоБоли главаВицФото