Зошто хипстерска, веганска, зелена технолошка економија не е одржлива

20.06.2019 09:19
Зошто хипстерска, веганска, зелена технолошка економија не е одржлива

 

Илузијата за „одржлив развој“

Терминот „одржлив развој“ беше за прв пат претставен на Самитот на ОН за планетата Земја во 1992. Во тоа време, западните неолибералистички влади целата претходна декада расклопуваа сојузи, регулации за животната средина и Кејнзијански програми за благосостојба и се обидуваа да ги прошират своите практики другде, како што поголемите геополитички закани за целосна глобална и универзална капиталистичка траекторија на развој започнува да бледнеат.

Во позадината на ваквиот развој, грижи околу деградацијата на животната средина и социјалната нееднаквост започнуваа да се истакнуваат и мораше нешто да се направи во врска со нив. „Решението“ беше „да се седи на две столчиња“, односно, парадоксално, „општествените“ и „зелените“ вредности да се претворат во нови пазари за ширење капитал. „Одржлив развој“ не само што предлага дека негативните социјални и општествени влијанија претставуваат само „екстерналии“ на системот што можат да бидат намалени преку профитно-ориентирани, пазарно-базирани механизми туку исто така имплицира дека не може да се избегне неолиберален модел на развој. Оттаму, проблемите со животната средина беа формулирани како прашање на неефикасност кое може да биде решено преку технологија и подобро менаџирање на ресурси, што ефективно го неутрализираше политички-ориентираниот интерес за животната средина од 1960-тите и 1970-тите. Еден елитен кадар експерти за политики, економисти и претприемачи од Силиконската долина го презеде прашањето за животната средина и го трансформира во уште еден потфат за создавање профит, презентирајќи ја експанзијата на капиталот како прогрес кон „поодржлива“ иднина.

Во суштина, интересот за животната средина беше и е свесно деполитизиран со цел зголемување на профитот. Дел од идејата околу аполитичната технолошки фокусирана заштита на животната средина се концентрира на идејата за дематеријализација на економскиот раст преку поефикасен животен стил и технологии. Овие вклучуваат употреба на најновите апликации за заштеда на труд, купување уреди за штедење енергија, јадење веганска или органска храна, и конструирање згради со помало негативно влијание врз животнат средина. Иако овие подобрувања во ефикасноста навистина треба да бидат пофалени, тие не се решение за поголемите проблеми со животната средина со кои се соочуваме денес. Ова е затоа што таквите брзи решенија потекнуваат од економските и политичките структури на експанзијата на капиталот.

Економиите базирани на раст се во срцето на еколошките катастрофи со кои се соочуваме денес; правењето на стоките, економските активноти или инфраструктурате „позелени“ и поефикасни без позначаен ремонт на глобалниот економски систем не е долгорочно решение. Подобрувањето на ефикасноста секогаш би инволвирало одржување и проширување на производството со цел задоволување на растечката побарувачка. Ова е рефлектирано во таканаречениот „Џевонс парадокс“, именуван според англискиот економист од 19 век Вилијам Стенли Џевонс, кој открил дека зголемувањето на енергетската ефикасност води и до повисока побарувачка. Денес овој „повратен ефект“ може да се забележи во економските сектори каде добивките остварени преку зголемена ефикасност повторно се ставаат во употреба за снабдување на понатамошниот раст. Повисоката ефикасност на авионите, автомобилите и електронските направи е веднаш изедначена со пониски цени, резултирајќи во зголемена побарувачка и на крајот поголема консумација на енергија и ресурси. А внатре во глобализираниот економски систем во кој живееме, зголемената ефикасност на едно место често се случува на сметка на зголемена неефикасност или трошење на друго. Со други зборови, колку сме поефикасни толку поефтина станува потрошувачката, а во економија базирана на бескраен раст, толку повеќе консумираме и трошиме. Животната средина секогаш ќе биде на губитничкиот крај од оваа логика.



„Зелено“ работење

Кога капитализмот се здружува со подобрувања во ефикасноста ориентирани кон раст еден резултат се фантастичните хипстеризирани енклави на „зелена технологија“ кои гледаме дека се појавуваат во градовите низ светот. Овие високотехнолошки потфати, заедно со професиите од „креативната класа“ (на пример уметници, музичари, академици, графички дизајнери и тн.) често се концентрираат на места каде тешките индустрии и производството биле преместени на друго место во истата земја или во странство. Наместо на производство на сурови материјали или стоки тие се фокусираат на експертско обезбедување информации. Оние кои тврдат дека растот може да биде придружен со дематеријализирачка економска активност се убедени дека овие информатички и креативни класи во услужната економија некако имаат понизок импакт врз животната средина од оние ангажирани во индустриско земјоделство или фабричко производство (т.н. „валкани“ професии). Но дали ваквата информатичка економија е навистина почиста и позелена? Не баш. Ова е затоа што ресурсите кои им се потребни за оперирање клучно зависат од фабричкото производство и интензивното земјоделство лоцирани подалеку од нивните локации на оперирање, и често носат со себе значаен импакт врз животната средина и практики на експлоатација на трудот.

Да ја земеме како пример зависноста на економијата од технологијата. Во својата работа, креативните класи ја користат и се потпираат на масовната потрошувачка на одредени технолошки производи, за кои суровите материјали се извлечени од воено разорени места како Демократска Република Конго и подоцна составени во места како Кина, каде работниците трпат несигурни работни услови и неадекватна плата. Високотехнолошките направи можеби се рекламирани како исклучително ефикасни, но неверојатно брзиот раст на комуникациската индустрија не само што ја зголемил побарувачката за материјални ресурси, поттикнувајќи опасни екстрактивни индустрии во земјите во развој туку и драстично ја зголемил потрошувачката на енергија. До 2020 ИТ-секторот ќе користи до 20% од глобалната електричната енергија, значително придонесувајќи кон емисиите на јаглерод. Оваа индустрија исто така произведува сѐ поголема количина електронски отпад – во моментов најбрзорастечкиот тек на цврст отпад – масовно истоваруван во земји во развој каде ја загадува околината и ги убива работниците што го рециклираат. Енклавите на зелена технологија можеби изгледаат материјално лесни во споредба со фабричкото производство, индустриското земјоделство или екстрактивната индустрија само затоа што се потпираат на стоки продуцирани другде, вообичаено надвор од националните граници. Но, извезувањето на „валканото производство“ во странство и одржувањето на националните сметки „почисти“ не ја прави индустријата на услуги позелена.



Јадење „зелено“

Во последниве години, веганството исто така е вовлечено во „зелената“ економија за создавање профит. Неговата растечка популарност е навистина прилично вџашувачка. Она што традиционално беше гледано како субверзивна и антиестаблишмент форма на отпор спрема глобалната индустрија за храна и нејзината ужаснувачка злоупотреба на животни сѐ повеќе станува стабилен доход на профит. Причината зошто веганството е станато толку главнотековно е поради начинот на кој е презентирано – како „win-win“ стратегија. Добро е за здравјето, добро е за планетата и добро е за животните. Навистина, нема ништо непожелно во веганството само по себе. Но, практикувањето веганство во економија ориентирана кон раст нема да нѐ спаси од „повратниот ефект“.

Според истражувачот од Оксфорд, Марко Спрингман, кога светот би станал целосно вегански до 2050 тоа би заштедило 1.5 трилиони долари на трошоци за здравствена грижа и штети предизвикани од климатски промени, бидејќи би ги намалило емисиите на стакленички гасови за две третини. Но, во капиталистичка економија, таков вишок никогаш не би бил едноставно оставен настрана. Би бил реинвестирн во понатамошен раст, што би потрошило уште повеќе ресурси, би есплоатирало работници, би произведувало отпад и би ја оштетило околината на еден или друг начин. Растечка побарувачка за вегански производи исто така би била уништувачка за биодиверзитетот бидејќи би се потпирала на монокултурно овошје и зеленук (особено соја). Исто така би било потребно проширување на обработливото земјиште преку сечење на шумите и зголемување на потрошувачката на вода за земјоделството. Би ја продлабочило и веќе посточката експлоатација на ранливите популации и и понатаму би ги поттикнало големите земјопоседници и корпорациите да ги злоупотребуваат малите фармери.

Производите без млеко во продавниците за здрава храна често се етикетирани како „без суровост“, но можеби не се. Ако во производството не биле злоупотребени животни не значи дека и луѓето и животната средина не биле злоупотребени. Индиските ореви за правење на вкусно растително млеко во вашата локална продавница веројатно се набавени од Индија, каде жените ги кршат плодовите долги часови и во лоши услови, трпејќи болни повреди од киселината ослободена при процесот. Бадемите за еднакво вкусната опција веројатно се собрани од сушната Калифорнија, каде одгледувањето бадеми е едно од најголемите потрошувачи на вода. Навистина, растечки-ориентираниот капитализам ќе ви го продаде веганството како благородна практика која ги рефлектира вашите вредности и му годи на вашето здравје, но нема да ви ја каже приказната за тековните и долгорочни општествени и еколошки последици од индустриското веганство.



Да се биде „кул“

Работењето и јадењето „зелено“ е секако придружено со одреден стил на живот обликуван од хипстеризираната естетиката на тоа „да се биде кул“ - било да се работи за старомоден мебел, органски пазари, салони за тетоважи или кафулиња од третиот бран. Но, да се биде „зелен“ и „кул“ често има висока цена што директно ги поттикнува класните поделби во општеството. Од оваа причина, производството на „она што е кул“ во својот дијапазон на форми е лизгав терен и бара многу подлабоко колективно размислување за последиците. Во теорија, овој пристап е проткаен со сето она што рефлектира длабоки релациони вредности на грижа, креативност, конекција, автентичност и значење. Нема расни, родови или социо-економски граници ниту има импакт во тие области.

Во практика, тоа вклучува репродукција на одреден начин на постоење што неизбежно покренува нови патишта за ширење на капиталот, овозможувајќи сѐ што има значење да биде испразнето и комодифицирано за профит. Прашањето кој може да практикува одредена естетика на модерност, еко-пријателски шик и здрави навики е тесно поврзано со класата и со наследената привилегија за поголема потрошувачка и трошење. Истовремено, токму овие историски привилегирани индивидуи се на чело на модерното движење кое свесно или несвесно ја прифаќа модерната идеја на изедначување на човековиот прогрес со имањето нови форми на вредност за експлоатација за профит. Така, насилната еколошка деструкција и општественото изместување на целината на живите суштества низ светот кои работат за да ја задоволат вечно незадоволената „кул“ класа стануваат жална последица.

Она што е потенцијално попроблематично со класната природа на зеленото производство и потрошувачка е тоа што урбаните хипстери се гордеат со тоа што се „будни“ во врска со прашањата за одржливост додека истовремено ги отуѓуваат руралните и прекуокеански земјоделски, пери-урбани и производствени класи, без кои „модерниот“ животен стил не би бил возможен. Урбаните хипстери знаат брзо да ги обвинат сиромашните класи дека немаат „зелена свест“ затоа што не ги достигнуваат нивните скапи „зелени“ стандарди, и не успеваат да го препознаат фактот дека можностите да се живее „зелено“ се ограничени во места што се економски во неповолна положба и се запоставени од авторитетите. Тие исто така се склони да им го вртат грбот на политичките борби на работничката класа за порамноправна дистрибуција на богатство и благосостојба во општеството.

На глобално ниво, капитализмот дефинитивно не е кул. Тој буквално ни ја согорува планетата. Дистанцирана, одвоена, аполитична кул-модерност која се фокусира на индивидуалноста и изгледот едноставно веќе не е доволна. Таквите пристапи може да изгледаат маргинално ефикасни, но се во суштина, погоден нус-производ од преместувањето на општествените и еколошките трошоци кон помалку привилегираните локално и глобално. Еден начин да се продолжи во позитивен правец е да се напушти сингуларниот фокус на избор на животен стил, да се фокусира отпор кон профитно управуваниот и надворешно конципиран развој не само како морален туку и императив за преживување, и да се работи на одново воспоставување заедница преку економија на солидарност, обновувајќи ги релациите уништени од логиката на фокусот на раст. Материјалната или енергетска дематеријализација едноставно не е доволна. Тоа мора да биде придружено со економија изградена врз основа на грижа и одговорност наместо профит, раст и личен интерес за да има некаков долгорочен импакт. Ова е мал но апсолутно клучен чекор кон остварување на автентичните желби за одржливост на кои многумина од нас се толку посветени и кои толку итно ни се потребни.



Извор: https://www.aljazeera.com

Илустрации: Joon Lee

ОкоБоли главаВицФото