1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 04:59
Магазинот „Тајм“ пред неколку месеци го прогласи Илон Маск за личност на годината за 2021, со зборовите дека тој „фрла сателити во орбита и го жнее сонцето“.
Што е потребно за да се квалификувате за таква чест? Со 244 милијарди долари, Маск е најбогатиот човек на светот – во апсолутни бројки, тој е најбогатиот човек во историјата. Можеби мислите дека ова значи дека Маск направил куп корисни работи за човештвото.
Но, што точно прави тој? Изгледа дека е производител на автомобили. Но, „Тесла“ всушност и не продава многу автомобили – околу една десетина од „Форд“ или од „Џенерал Моторс“. Наводните „самовозечки“ возила се неверојатно опасни. Маск најголемиот дел од парите ги заработува од тргување со сертификати и со старомодни финансиски шпекулации.
Велат дека Маск развива технологија погодна за климата. Но, електричните автомобили се измама што голта огромни ресурси. Маск потоа го инвестира профитот во вселенски летови кои испуштаат повеќе јаглерод диоксид за неколку минути отколку што повеќето луѓе би можеле да создадат за целиот живот. Тој е поблиску до негативец од стрип отколку до еколошки пронаоѓач.
Измамата на Маск со електричните автомобили не само што не ѝ помага на животната средина. Тој активно ги пренасочува ресурсите од едноставните чекори кои навистина би можеле да ги намалат емисиите, како што е да се направи масовниот превоз попристапен и посигурен. Маск рекол на една конференција:
„Мислам дека јавниот превоз е болен. Безвезе е. Зошто би сакале да се качите на нешто преполно со многу други луѓе…? Замарање е. Затоа никому не му се допаѓа. И таму има куп случајни странци, од кои некој може да е сериски убиец.“
Може да биде сериски убиец?!? Мене лично повеќе ме загрижува типот кој гради роботи-убијци кои прегазуваат пешаци отколку некоја случајна личност во автобусот. Мислам дека на Маск всушност би му се допаднало метрото кога некогаш би го пробал.
Маск, Џеф Безос и другите милијардери се чини дека не веруваат дека човечката цивилизација има којзнае каква иднина на Земјата. Сите тие се заинтересирани да ја напуштат планетата. Никогаш не е добар знак кога надлежните брзаат кон излезите.
Ајде кратко да ги споредиме денешните мултимилијардери со индустриските титани од пред еден век. Карнеги, Форд, Рокфелер и останатите беа ужасни луѓе според секоја мерка. Но, тие барем се обидуваа да ги убедат луѓето дека нивното постоење е некако корисно, именувајќи библиотеки и колеџи по себе.
Сега, капитализмот ги воздигнува само Твитер троловите. Наместо што било што би го придвижило човештвото напред, најбогатите луѓе влегуваат во незамисливо скапи меѓусебни натпревари. Безос оди да се вози надвор од атмосферата, за потоа да се пошегува со своите вработени - кои се принудени да уринираат во шишиња и да умираат во торнада - дека „ вие момци плативте за ова“. Тие платиле!
Како основачот на Амазон, и Маск е познат по потиснувањето на синдикатите. Кога Ковид-19 почна да се шири во САД, Маск ги принуди вработените да работат, информирајќи, од својата позиција на „галактички авторитет“ дека „паниката од коронавирусот е глупава“. На 20 март 2020 година, тој предвиде: „Врз основа на тековните трендови, веројатно и во САД до крајот на април ќе има речиси нула нови случаи“. Личност на годината за 2021, ептен!
Сепак, чудната работа е што Маск тврди дека не верува во оној вид капиталистичка експлоатација што го збогати. Во прилот на списанието „Тајм“, тој опиша иднина што звучи како комунизмот на „Ѕвездени патеки“, кајшто роботите ја вршат целата работа: „Има многу за секого, во суштина, имате слобода да правите се’ што сакате, под услов да не им наштетуват на другите“.
Маск моментално ужива таква слобода – како капиталист тој е слободен зашто работниците не се слободни. И нема да се ослободиме ако продолжиме да ги збогатуваме пандемисите профитери како Маск за да можат да си играат со ракети. Целото тоа безобразно богатство треба да го ставиме под демократска контрола, за да може биде корисно за сите.
Девојката на овој милијардер неодамна беше видена како го чита „Комунистичкиот манифест“. Можеби подоцна изјавила дека се работело за шега. Но, младите ширум светот зборуваат за овие идеи. Дали сакаме да плаќаме за нечиј луксузен вселенски лет до Марс додека планетата гори? Или сакаме училишта, болници и достоинствен живот за сите?
Маск е совршеното олицетворение на капитализмот во пад. Тој е најлошата личност во една страшна година.
Извор: ExBerliner
Превод: Ф.К.