И ајде сега и јас нешто да кажам за Катето чипка

18.07.2019 00:51
И ајде сега и јас нешто да кажам за Катето чипка

И ајде сега и јас нешто да кажам за Катето чипка.

Не, не е нејзината глупост таа која ви ги уништува идеалите.

Прво, јас во ниту еден момент не прифатив дека е тоа човекот кој има капацитет (интелектуален и морален) за да биде воопшто јавен обвинител, а камоли дел од една таква структура како СЈО, па уште и главна. Во тоа време изјавив дека Кате е ЈО колку што сум јас балерина

Што се случи? Ми наскокаа дека ја мразам затоа што јас не сум била избрана.

Второ, кој ви е тој андрак да се обидувате да правите култ на личноста од секоја шуша која сосема случајно во одреден момент ќе се најде на управувачка позиција? Па уште и маички па чарлиеви ангели, па интервјуа.

Трето, секое пазарење на политичките партии ќе заврши со исфрлање на површина на вакви ликови. Пазарењето нема да доведе на соодветни функции луѓе со кредибилитет, знаење и интегритет. Не. Пазарењето доведува на највисоки функции морално проблематични личности, лакоми, поткупливи, ликови кои можат да бидат држани на краток каиш од партиските водачи.

Четврто, се изнаслушав дека треба да дадеме шанси на недокажани, некои кои не биле до сега препознаени од јавноста ама имаат некои скриени таленти? знаења? квалитети? Ма дајте бре доста со продавање пуфки.

Глупост е одново и одново да ни се повторува истото и одново и одново да се изненадуваме и да тврдиме дека некој нè измамил...

Или ќе станеме држава во која професионалците си ја вршат работата или јас ќе станам примаблерина.

Ова се однесува и на сегашните советници на Заев и на Пендаровски и на министрите и на директорите и на разноразните комисии и управни одбори и на градоначалниците и на пратениците и на професорите и на лекарите и на ... Државата ни тоне од непрофесионалност и залутани ликови со гладни очи и големи усти. Или како што би рекла една моја многу драга пријателка: ненашетани и ненае...