За Катица Јанева и институцијата на чие чело беше поставена

26.08.2019 01:51
За Катица Јанева и институцијата на чие чело беше поставена

Ниту една институција не може и не смее да се поистовети со еден човек. Институциите продолжуваат да постојат и тогаш кога ќе се сменат луѓето, а правната сигурност ја обезбедува токму континуитетот на нивното постоење.

Институцијата СЈО не е создадена за да се обезбеди делувањето на Катица Јанева, туку Катица Јанева е избрана со цел да функционира институцијата СЈО.

Законот за Јавно обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите не е закон за Катица Јанева, туку закон за посебно Јавно Обвинителство кое треба да исполни посебна задача.

Заради спецификите на самата задача и посебно заради спецификите на моментот кога е донесен законот (кога на власт се наоѓаат оние кои создале ситуација на апсолутно неправо) ова е многу симплификуван закон во кој се дадени само одредби за кои можеше во тој момент да биде постигната согласност со владејачката партија која требаше да биде предмет на истрага.

Токму заради тоа во Законот во членот 1 е дадена одредбата според која: “За сѐ што не е уредено со овој закон, ќе се применува Законот за Јавното обвинителство и останатите позитивни законски прописи во Република Македонија“.

Изборот на Катица Јанева беше лош. Катица Јанева од самиот почеток не беше личноста која со своите професионални и други квалитети може да одговори на поставената задача. Изборот беше посебно лош, ако се има предвид нејзината понатамошна голема улога во градењето на тимот и хиерархиската поставеност во самата институција. Само прашање на време беше кога институцијата ќе почне да ги трпи последиците од ваквиот избор. Заради ваквиот избор, институцијата СЈО не работеше така како што можеше да работи. Меѓутоа, тоа не значи дека институцијата не работела ништо и не сработила ништо.

Во моментот кога Катица Јанева е осомничена за злоупотреба на службената должност и грубо кршење на законите во врска со вршењето на нејзината функција, таа веќе не може и не смее да ја врши функцијата на која е поставена. Впрочем, Законот за Јавно обвинителство го познава и институтот суспензија. Тоа не значи дека престанува да постои институцијата СЈО или дека е суспендирана работата на оваа институција. Исто како што институцијата не би престанала да постои доколку Катица Јанева од сосема други причини не може да ја врши функцијата на која е поставена.

За да се обезбеди континуитетот во работењето, а со тоа и правната сигурност, се активира членот 1 од Законот за СЈО и се применуваат одредбите од Законот за Јавното обвинителство, односно членот 18 според кој „Ако на јавниот обвинител на Република Македонија му престане функцијата или е разрешен од функција, Советот на јавни обвинители на Република Македонија од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Македонија определува јавен обвинител што ќе ја врши функцијата до именувањето на јавен обвинител на Република Македонија.“ сѐ до завршување на постапката за избор на СЈО согласно Законот за СЈО.

Да повториме, вистина е дека институциите вредат толку колку што вредат луѓето во нив. Институцијата СЈО не вреди многу ако се има предвид нејзиниот состав и начинот на делување. Големиот број професионалци во институцијата не го препознаа и не го изнесоа на виделина индицираното прекршување на законите кое се одвивало пред нивните очи.

Меѓутоа, институциите не постојат заради луѓето во нив, ниту пак престануваат да постојат заради тоа што некој од било која причина ја напуштил институцијата или не ја извршувал работата како што треба. Институциите постојат заради остварување на одредена задача која е од интерес за граѓаните. Во случајот на СЈО станува збор за задача која има исклучително високо значење за заштитата на јавниот интерес и јавното добро и таа задача треба да биде завршена.

А ова треба да послужи како поука за граѓаните и за политичарите дека, ако навистина сакаш некоја работа да биде добро сработена, таа работа му ја доверуваш на најспособниот што го имаш на располагање, а не на „најприфатливиот“.

Слика: Били Даркарт

Извор: Цивилмедиа