Повратена ентероскопија или илјада години кретенизам

05.09.2019 10:09
Повратена ентероскопија или илјада години кретенизам

Здравиот разум ги посетува народите еднаш во сто години, рече, мислам, еден голем руски писател. За малите народи на Балканот, пореалистично е овој период – помеѓу двете прошетки на здравиот разум по нашиот негостољубив релјеф – да се мери во милениуми. А, бидејќи неверојатната космичка случајност рациото – во своето талкање по вселената – да се задржи во македонската „вукојебина“ некни веќе се случи и траеше неочекувани половина век (!), нас, за жал, според Болцмановата статистичка механика и термодинамичките закони на универзумот, неумитно нѐ чека долг период на негова отсутност, кој веројатно може традиционално да се искаже со двата турски, полумилениумски, малоумни мандати на ВМРО.

Можеби, сепак, тоа нема да бидат мандати на власт, зашто ВМРО е веќе и идеен и политички леш – но сосема е јасно дека ни претстојат барем илјада години интелектуална, културна и морална декапацитираност, со еден збор – кретенска состојба на свеста!

Национален кретенизам

Да, речиси е извесно дека тоа ќе биде национален кретенизам чијашто нулта интелектуална и когнитивна константа веќе неспорно ја докажавме не само со тридецениското надолно лизгање по транзициската кал или со единаесетгодишното вертикално пропаѓање за време на фашистичката мафиократија на ВМРО, туку и последниве години од „ослободувањето“ од вмровскиот јарем, со управно-правниот и малограѓанскиот континуитет со вмровското кретенско, фашистичко и криминално наследство. А, летово, за да ги развееме сите сомнежи дека сме најглупавата нација во вселената, ја продуциравме и најдолната ријалити-кримисерија „Рекет“. Овој обвинителски порно-ријалити можеби не успеа да ги оствари своите примарни цели – да ја собори владата, да го уништи вкупното правно наследство на СЈО и да ја врати мафиократијата на ВМРО на власт, но својата вистинска, космичка, божествена улога – да нѐ задржи цврсто во водечката позицијата на најголемите кретени во вселената – ова ријалити шоу си ја одигра маестрално. Свака час!

Сепак, вредно помен е неповторливото историско-правно салто мортале што библиската земја го изведе со т.н. „заробена држава“ и нејзиниот митски противотров СЈО. Елем, откога дијагнозата дека мафиократијата на ВМРО цела деценија рутински, на дневна основа, го рекетира целото општество, а стопанствениците што целеа да го задржат бизнисот рекетот го плаќаа во кеш, секој во својата окупациска зона (за другите организирани криминали од сите области на животот и да не зборувам) и дека сите институции од сите три уставни власти во таа работа учествуваа во рамките на својата службена должност, што значи дека полицијата, обвинителството и судството, наместо да го штитат народот ја штитеа мафиократската држава; откога таа малигна дијагноза доби меѓународна потврда, нашите интернационални пријатели и лекари го измислија СЈО како нов, независен, надворешен истражен орган што требаше да влезе длабоко во телото на заболениот партиско-државен организам и да донесе правда во општеството, заробено од институциите на сопствената држава.

Инсталирањето на СЈО изгледаше исто како и ентероскопијата во своите пионерски времиња, кога на пациентот – без локална анестезија, легнат на страна и со бубрежњак под образот – лекарот му буташе дебело гумено црево низ грло, сѐ до желудникот, со оптичка сонда со светленце на врвот. И, целото време додека специјалистот шеташе со сондата по утробата на пациентот, овој се давеше, немушто уакаше, уак, уак, рефлексно обидувајќи се да го поврати црното црево, за целото време од зафатот. Се разбира дека антиперисталтичкиот рефлекс не можеше да го исфрли долгото цревиште на ентероскопот, но придонесуваше за тоталното исцрпување и измачување на пациентот. Така и „заробената држава“ со сите свои обвинителства, судови, судски и обвинителски совети и други органи, се обидуваше да го поврати СЈО, да го исфрли од своето тело, со несоработка, неприфаќање на предлозите и барањата за притвор, со недавање на судските и други доказни материјали, на секој начин, со грчеви на повраќање, уак, уак, цели години, до исцрпување. И, кога мислевме дека зафатот е веќе при крај, пациентот направи натчовечки (или потчовечки) напор и успеа во едно моќно бљуааак да го поврати и исфрли од себе насила вметнатиот ентероскоп. Се случи „Рекет“.

Најважното прашање

Најважното прашање што ниту е поставено, а се разбира дека никој не помислил и да одговори на него е: што се смени во заболеното тело на длабоко заболената држава, во судството, обвинителствата и сите други институции што требаа да го спроведуваат владеењето на правото – заради кои се измисли СЈО – во меѓувреме? Се смени нешто? Не. Се смени некој? Не. Се сменија мафијашките правила на игра – законите, прописите и практиките – според коишто функционираше фашистичката партиско-мафијашка диктатура на ВМРО? Не. Спроведе ли во меѓувреме тоа исто судство и обвинителство макар едно од илјадите истражни дејства, уапси ли макар еден злосторник што „хараше“ по македонската јадосана земја 11 предолги години? Не. Рехабилитиран ли е макар еден од повеќето десетици или стотици невино осудени вмровски жртви? Не, ниту еден. Па, со каков космички хокус-покус се обезбеди легитимитетот на истрагата за „Рекет“, со кој морален образ целата чаршија го насочи „праведничкиот“ бес кон осомничената специјална обвинителка, кога истата таа јавност, и правно и морално и кадровски и функционално е во истата онаа нефункционална, злосторничка, соучесничка и колаборационистичка состојба во која му служеше на вмровскиот фашизам 11 години? Чиј мебел – освен на Јанева – е уапсен за овие предолги годиништа?

Испаѓа дека откога се основа СЈО, целото судство, обвинителство и други државни органи, се аболицирани од секаква одговорност за децениското служење на вмровската мафиократија и се ослободени од секаква уставна должност да го гонат вмровскиот криминал и неговите девастирачки последици, што се случил во изминатата деценија и кусур, но компетентни се само да ја гонат Јанева и нејзините соработници, м? Зошто не се уапсени и демонтирани криминалните споменици од „Скопје 2014“, како што тоа му се случи на мебелот на обвинителката, кога се подигнати на криминален начин со украдени повеќе од 200 милиони евра народни пари? А, за нивните крадци и не прашувам.

Слики: Били Даркарт

Извор: https://plusinfo.mk