Епистемолошки осакатено општество

11.09.2019 13:21
Епистемолошки осакатено општество

 

Колку наивно и колку невнимателно беше општочовечкото воодушевување од информатичката револуција, кога мислевме дека бесплатното поврзување и достапност на информациите преку интернетот се вистинскиот влез во земниот рај. Уште повеќе егзалтација предизвикаа социјалните мрежи и можноста – мислевме пак низ перде исткаено од детски копнежи – дека тоа е врвот на еволуцијата на меѓучовечките комуникации, остварување на вистинската и неограничена слобода на изразување и какви сѐ не други шеќерно-розови ломотења.

Денес, меѓутоа, само некоја деценија по оваа најглобална од сите глобализации, на многумина им е јасно дека сите овие илузивни надежи се искршија од најстарото економско правило на светот: дека такво нешто како што е бесплатен ручек – не постои. Така испадна дека под белата пуплинска одора на оваа ангелска информатичка убавина, ѕиркаат ѓаволските чепунки, обраснати во долга и остра козина.

Трговија со податоци

Да, испадна дека со неограниченото користење на интернетските услуги сите – без исклучоци – го ставивме својот фаустовски потпис на мефистофелскиот договор. Испадна дека „бесплатната“ услуга на силиконските гиганти им ја плативме буквално со своите души – исто како и во гетеовиот Фауст – зашто тие од нашите души направија стока со која слободно тргуваат и со која за најкусо време го направија најголемото богатство во историјата на планетата. Силиконската комодификација на целото умрежено човештво испадна дека е повносна и од милениумската практика на физичко поробување и тргување со луѓето, зашто во нашиот случај предмет на тргувањето не е само телото на човекот, туку и илјади податоци за секој поединец, многу повеќе одошто тој може да знае за себе. А, ако поимот комодификација звучи економски езотерично, почитувани читатели, ќе ви го откријам неговото значење: тоа значи претворање на нешто во суровина, артикал, продукт, ствар, парче, што било со што може да се тргува, со еден збор – стока.

Покрај претворањето на умрежениот дел од човештвото во обична стока, информатичкиот планетарен рај обезбеди уште три „рајски“ последици на оваа чудовишна комодификација. Првата е што покрај бенигната продажба на нашите души на компаниите што така ќе ни ги продаваат подобро нивните продукти, силиконските Мефистофели ги продаваат нашите интими на политички центри на моќ кои таа информација ја користат единствено да владеат со нас. Втората е што истите канали со кои се присвоени податоците за нашите души, злите центри на моќ ги користат за влијание и манипулација со нашите убедувања, емоции, мисли и одлуки. Третата, која е всушност прва, е што со умрежувањето во систем во кој ние ја отвораме нашата душа, а од другата страна, зад вревата од човечко крекање, гакање, мукање и лаење, се крие стариот добар орвелов Голем брат: најпараноидниот и најсовршениот систем на контрола, прислушување, тајно снимање и ѕиркање во душите, што планетата до денес не можела ниту да го замисли.

Мислењето е уништено

Но, сепак, најстрашната од сите последици на бескрајно широката платформа на достапни информации и бучава од секаков вид, е појавата што во социјалната епистемологија се нарекува „осакатена епистемологија“. Појава што е од порано позната во неброено многуте примери на култови, екстремистички, религиски и фундаменталистички групации. Осакатената епистемологија е, всушност, уништеното мислење, што е првиот услов на сите слепо-вернички состојби на свест: следбениците мора да се претворат во апсолутни послушници, да се одделат од сите извори на сомнеж, да се атомизираат и одвојат од остатокот на светот.

Тоа е, според Хана Арент, основниот услов за секој тоталитаризам – атомизација на поединците за кои вистината доаѓа само од едно место, а правоверноста, всушност, претставува одбивање на мислата што може критички да ја преиспитува вистината. Суштината на осакатената епистемологија всушност, најмногу се состои во первертираниот однос кон знаењето и презирот кон фактите и мисловните механизми за нивното преиспитување.

Во несомерливата хоризонтала на полувистините достапни на социјалните мрежи и интернетот, се сакати епистемологијата на човештвото, неговата способност за критичко мислење, при што најинтересното во оваа појава е што денес таа не создава јасни и едноставни догми како некогаш. Таа создава епистемолошки вакуум, идејна празнина, во која секоја авторитарна будала, секој авторитарен режим, секој провинциски тоталитаризам, може да влее каква сака бљувотина, што ќе му ја овозможи доминацијата над луѓето. Зашто, ниту индивидуалната мисла, ниту некакви институционални или општествени механизми веќе не постојат за да ја попречат оваа малоумна индоктринација.

Оваа состојба на осакатено мислење денес обезбедува наместо општодекларираниот политички плурализам во светот сѐ повеќе да владее монизмот на безидејни владејачки структури што се поистоветуваат со државата. Во непрегледното море достапни информации, човештвото се дави во осакатената епистемологија која предизвикува конфузија и страв од знаењето, од кои луѓето се бранат со отфрлање на фактите и изворите на знаење. Со пцуење по интернетот го заменуваат чувството на слобода, како што забележува Жижек, а со навреди, омраза и закани ги оправдуваат долната лага и заблуда во кои, засолнати во „пријателската социјална група“, некритички поверувале.

Но, да не го мешаме информатичкото сакатење на колективната епистемологија на човештвото со кретенизацијата на македонското општество што ја изведе ВМРО. Нашиве својата работа ја изведоа со класичните фашистички методи од 20. век – со злоупотреба на идеолошките, социоекономските и комуникациските апарати на државата. На ВМРО силикон не му беше потребен да го уништи дури и значењето на зборовите во библиската земја. Што не е за утеха.


Слики: Francesco Ciccolella
Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото