Сите војни почнуваат од глупост

20.02.2023 17:56
Сите војни почнуваат од глупост


Насловното тврдење го изрекол претседателот Кенеди, во говор по повод берлинската криза во 1961 година, кога Студената војна го направи лесно замисливо уништувањето на Земјата. Тогаш, а особено следната година во кубанската криза, Кенеди и Хрушчов покажаа дека се доволно сериозни, одговорни и свесни дека го ризикуваат уништувањето на светот, па беа способни и за меѓусебни преговори и за компромис.

Денес таквата сериозност веќе не може да се очекува од политичкото лидерство на светот, особено не од лидерите на развиениот западен свет, каде што превладува стеснетата свест на деца што израснале играјќи видеоигри, со плитка меморија што ја памети војната доживеана само преку камерите на дроновите што ги документираат погодоците на нивните паметни проектили и гинењето на купишта мали недефинирани мравји фигури на екраните.

Моментот на можеби најелегантото уништување на планетата Земја, воедно и на најдуховит начин, е опишан во „Автостоперскиот водич низ Галаксијата“ на Даглас Адамс: „Народи на Земјата, ве молам за внимание…“ одекна гласот насекаде… „Зборува проштетникот вогон Јелц од Галактичкиот совет за хипервселенско планирање“, продолжи гласот. „Како што секако и самите ќе сознаете, плановите за развој на периферните делови на галаксијата предвидуваат изградба на хипервселенска магистрала низ вашиот ѕвезден систем, а вашата планета е, за жал, меѓу оние предвидени за уништување. Процесот ќе трае малку покусо од две земјански минути. Благодарам.“ Хахаха, генијално, нели? Бељата е, меѓутоа, што оваа совршена сатира се разликува од стварноста што ја живееме само во два префинети и речиси безначајни детали. Стварното уништување на планетата кое се одвива пред наши очи – кое најголемите империи на човештвото својски и по секоја цела запнале да го изведаат – не е и нема да биде ни приближно духовито и забавно, ниту нашата агонијата ќе трае само елегантни две минути.

Најактивните и најодговорните актери на сеуништувањето на планетата се неколкуте најразвиени и најбогати поранешни и сегашни империи, САД пред сите, па Велика Британија, Германија, Франција, Италија и богатиот европски запад, заедно со Јапонија и Јужна Кореја, на кои им се приближуваат и ги престигаат Кина, Индија и азиските змејови, па Бразил, и кој сè не… Својот просперитет на сметка на планетата и живиот свет на неа, практично го посакуваат и го изведуваат сите држави на светот, во мерка пропорционална на нивното богатство и моќ. Сите играме во тој танц на смртта, но магнитудата на убиствената штетност, односно мерката на одговорност и вина за сторените мегазлостори против живиот свет, воздухот, водата и почвата на родната планетата, се мери со односот еден на илјада во „полза“ на империите.

Најинтересно од сè е што и покрај енормното зголемување на очевидните знаци за уништувањето на планетата кои, заедно со веќе тешко подносливите последици на сè побесните климатски промени, придонесоа за зголемување на свесноста и загриженоста за опстанокот на светот каков што го знаеме, водечките светски држави почнаа со френетични напори, самурајска убеденост и фундаменталистички фанатизам, да го чинат токму обратното од она што би требало. Наместо да обезбедат обврзувачки механизми за алокација на десетици трилиони долари во заштита на планетата и на иднината на човештвото, во забрана на масивното горење фосилни горива, против дефорестацијата, прекумерниот риболов, загадувањето на почвата, уништувањето на изворите на вода за пиење, и во пресвртувањето на трендот на уништување на животинските и на растителните видови – кое е веќе во рангот на јукатанската катастрофа која ги истреби огромните рептили и гигантските папрати и други растенија пред 65 милиони години – значи, наместо да запнат во насока спротивна од злото, водечките земји на светот запнаа да ги мобилизираат сите свои сили токму во погрешната насока – кон најефикасното и најбрзото самоуништување.

Развиениот западен свет ги отвора повторно јагленокопите, а светската индустрија за експлоатација на фосилните горива, пред сè нафтата и природниот гас, потрошија за една година шампионски суми – најмногу во историјата – во откривање и експлоатација на нови извори на сурова нафта и природен гас.

Сево ова, велат, е неизбежна последица од руската инвазија во Украина, при што нè убедуваат дека претворањето на една локална соседска војна во светска било апсолутно неминовно и дека, доколку развиениот демократски свет на чело со земјите на НАТО не го сопрат напредувањето на авторитарната Русија кон запад, по падот на Украина Русија ќе ги проголтала балтичките земји, Полска, скандинавските земји, Германија, Франција и да не редам, сè до Португалија и Гибралтар. Потоа ќе се погостела со Обединетото Кралство, па ќе се напиела, за добар апетит, од водите на Атлантикот и на тој начин океанот ќе го претворела во сува рамна и неодбранлива земја, поради што, апсолутно неминовно, следната загрозена ќе била Америка. Јасно е дека е подобро светот да пропадне поради сопствената алчност и севселенска глупост, а во одбрана на светите вредности на демократијата и либерализмот, отколку да го освојат дивјачките авторитаристички руски орди.

Во меѓувреме, го гледав вечерва Столтенберг – нашиот номинален шеф – како со тупав и празен поглед му изјавува на светот дека единствениот проблем што стои пред земјите на НАТО е што остануваат без боева муниција од сите калибри и за сите боеви средства, и дека земјите треба да ги пренасочат своите индустрии во ургентно зголемено производство на муниција, боеви средства и оружје. Развиениот запад доби наредба да прејде на воена економија за да го направи командниот капитализам – кој е веќе на сила – поефикасен и поубоит.

И додека западниот воен државен капитализам ја води отсутната битка со источниот авторитарен државен капитализам – обата огледални воени тоталитаризми – бројот на риби е намален за 90 отсто, колку што е намален и бројот на сувоземни животни. И уште, додека човештвото се занимава со најглупавата работа на светот – војната, веќе се неповратно исчезнати повеќе од 80 отсто од сите инсекти на планетата, а како последица од истребувањето на летечките инсекти може да дојде до незапаметена глобална глад, зашто од нивното опрашување на билките за исхрана зависи производството на повеќе од 75 отсто од сета храна што ја произведува човекот.

Што човек да мисли за малоумноста на сопствениот вид, за растечкиот кретенизам на човештвото? Конечно, не ни може нешто да мисли некој што нема орган за мислење, па оттука произлегува и леснотијата и несвесноста со која светот – буквално со интелигенција и емоционална зрелост на затупавени и острастени 13-годишни машки деца – весело и тапо упаѓа во разорна и разделувачка, планетарно раздробувачка светска војна.

Цртежи: Ethan Murrow

Извор за текстот: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото